• петок, 19 април 2024

На денешен ден

На денешен ден

1 април 2023 (МИА)

 

1572.- Холанѓаните почнале војна за независност од Шпанија.

1697.- Роден е францускиот писател Опат Прево, познат по романот „Манон Леско“, според кој Жил Масне и Ѓакомо Пучини напишаа опери.

1791.- Убиен бил францускиот политичар и писател Оноре Габриел Виктор Рикети Мирабо. Дела: „Есеј за деспотизмот“, „За пруската монархија под Фридрих Велики“.

1809.- Роден е рускиот писател Николај Васиљевич Гогољ, татко на руската реалистична проза. Дела: „Миргород“, „Петроградски приказни“, „Арабеска“, „Мртви души“, „Ревизор“, „Женидба“.

1815.- Роден е германскиот државник Ото фон Бизмарк, наречен „железен канцелар“, кој ја обединил германската држава.

1868.- Во Марсеј е роден Едмонд Ростан, француски неороматичарски поет и драмски писател. Негово главно дело е комедијата во пет чина „Сирано де Бержерак“. Други негови познати дела се „Романтични души“ и „Далечната принцеза“. Умрел во Париз, на 2 декември 1918 година.

1873.- Роден е рускиот композитор, диригент и пијанист Сергеј Васиљевич Рахмањинов, чии дела се синтеза на европскиот дух и руската народна чувственост. Компонирал опери, симфониски композиции и други дела, но најоригинално се изразувал во клавирските композиции, како што е „Рапсодија на Паганиниева тема“ за клавир и оркестар и четири клавирски концерти, и во соло песните. Од Русија емигрирал во 1918 година и до смртта во 1943 година живеел во САД.

1918.- Во Велика Британија било формирано Кралското воздухопловство.

1920.- Роден е јапонскиот актер Тоширо Мифуне, кој со светската слава се стекна играјќи улоги на самурај, особено во филмовите на режисерот Акира Куросава. Филмови: „Рашомон“, „Седум самураи“, „Легендата за Мусашију“, „Крвавиот престол“, „Скриена тврдина“, „Побуна“, „Адмиралот Јамамото“, „Црвено сонце“, „Битка за Мидвеј“, „Шогун“.

1920.- Во Крушево е роден Наум Наумовски - Борче, народен херој на Македонија. Умрел во Скопје, на 28 септември 1960 година.

1924.- Адолф Хитлер поради велепредавство бил осуден на пет години затвор по неуспешниот преврат во 1923 година, но бил ослободен во декември 1924 година.

1933.- Нацистите почнале прогон на Евреите во Германија со блокирање на сметките во банките и со наредба за бојкот на нивните бизниси.

1939.- Генерал Франциско Франко објавил дека граѓанската војна во Шпанија е завршена и оти САД ја признале неговата влада. Во војната загинале повеќе од милион луѓе, а Франко потоа диктаторски владеел 36 години.

1945.- Американските трупи во Втората светска војна почнале напад на јапонскиот остров Окинава, кој го бранеле 140.000 Јапонци. Во нападот учествувале повеќе од 450.000 Американци, 1.321 воен брод и 1.721 авион. Во борбите загинале 110.000 Јапонци и 12.000 Американци, сојузниците изгубиле 36 бродови и 763 авиони, Јапонците - 16 бродови и 7.830 авиони. Окинава била освоена по три месеци отпор.

1951.- Формиран бил Архивот на Македонија - Ден на архивистите на Македонија.

1952.- Умрел унгарскиот писател Ференц Молнар, творец на публицистичкиот стил во унгарската литература, кој со романот „Јунаците од Павловата улица“ го создал класичното дело во младинската литература. Други негови познати дела се „Волк“, „Гардист“, „Лебед“, „Олимпија“ и „Игра во дворецот“. 

1968.- Умрел рускиот физичар Лав Давидович Ланда, еден од најголемите физичари во 20. век, татко на советската школа за теориска физика. Бил добитник на Нобеловата награда за физика во 1962 година. Со рускиот физичар Иљо Лифшиц го напишале капиталното дело „Курс за теориска физика“. Останати дела: „Електропроводливост на металите“, „Квантна механика“, „Статистичка физика“.

1976.- Умрел германскиот сликар и вајар Макс Ернст, основач на дадаистичкото движење и еден од најзначајните надреалисти. Тој ја открил техниката „фротаж“, сродна на автоматизмот во надреалистичката поезија, ја вовел колаж-фотографијата, а во скулптурите често ги соединувал антропоморфните и анималните елементи. Пишувал памфлети и манифести, а се занимавал и со сценографија.

1995.- Четири месеци по влегувањето во Чеченија, руските трупи од сите поголеми места ги истерале чеченските исламски сепаратисти.

1996.- Во Јапонија била создадена најголемата светска банка со завршувањето на обединувањето на „Мицубиши банката“ и „Банката на Токио“.

1999.- Во првата измена на внатрешните граници во Канада за 50 години, во северниот дел на земјата била создадена нова пространа провинција наречена Нунавут.

2001.- Поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ бил уапсен во Белград.

2002.- Холандија станала прва земја во која била легализирана еутаназијата - убиство од милосрдие.

2004.- Стапила на сила Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ по ратификувањето од страна на сите земји-членки на Европската унија.

2007.- Најмалку 91 лице загинале во поплавите, а повеќе од стотина останале без покрив над главата во Авганистан. Поплавени биле илјада хектари, а во некои делови од земјата, вклучувајќи го и Кабул, биле разурнати многу патишта и мостови.

2009.- Хрватска и Албанија станале и формално полноправни членки на НАТО-Алијансата.

2012.- На 77-годишна возраст умрел поранешниот претседател на Мексико Мигел де ла Мадрид.  Причината за смртта не била позната.  Мигел де ла Мадрид бил претседател од 1982 до 1988 година.

2015.- Во 95-тата година од животот починала оперската солистка Фанка Икономова, уметник од првата генерација и еден од основоположниците на Македонската опера и балет. Во списокот на одиграни улоги на Фанка Икономова, меѓу другите, се: Адела („Лилјакот“), Анжелика, Бјонда („Грабнување од сарајот“), Ѓула („Еро од оној свет“), Евридика („Орфеј и Евридика“), Есмералда („Продадена невеста“), Памина и Папагена („Волшебната флејта“) и други.

2016.- На 84-годишна возраст во Женева умрел Владимир Ралев, еден од најголемите македонски бизнисмени во светот, филантроп, донатор и македонски патриот. Голем дел од својот работен век Ралев го поминал во многу светски метрополи, а последните негови деловни активности биле на релациите Пакистан, Хонг Конг, Женева. Роден бил во 1934-та година во Гевгелија.

2018.- Поранешната сопруга на првиот претседател црнец на Јужна Африка, Нелсон Мандела, Вини Мандела, почина на 82-годишна возраст. Вини Мандела, заедно со нејзиниот поранешен сопруг и бискупот Деземонд Туту, беше една од најпознатите борци против апартхејдот во Јужна Африка. Родена е во местото Бизана на 26 септември 1936 година. Во 1958 година таа се мажи за лидерот на Африканскиот национален конгрес, Нелсон Мандела. По изборот на нејзиниот сопруг за претседател на Јужна Африка, Вини Мандела во 1994 година беше именувана за заменик министер за уметност, култура, наука и технологија. Во март 1996 година се разведе од Нелсон Мандела, а истата година ја напушти и заменик министерската функција. Во мај 2009 година првпат беше избрана за пратеник во јужноафриканскиот Парламент, а на таа должност беше реизбрана и во април 2014 година. Функцијата пратеник ја извршуваше се до нејзината смрт. Од бракот со Нелсон Мандела, Вини имаше две деца.

2019.- На 67 години почина охридскиот историчар на уметност, истражувач и археолог Гоце Ангеличин Жура. Жура, кој беше дипломец на Филозофскиот факултет во првата генерација на отсекот Историја на уметност со археологија, сиот свој професионален ангажман го мина како советник конзерватор во Заводот за заштита на спомениците на културата и Народен музеј во Охрид. Тој беше основоположник и втемелувач на теренските истражувања на пештерските цркви и монашки живеалишта во охридско-преспанскиот регион. Прв истражувач на црквите од турскиот период во поширокиот регион на Преспа и Москополе што резултира со откривање на нови ликови на Светите Климент и Наум, и со тоа пополнува една огромна празнина за овој период. Неговите истражувања резултираат со огромна фото документација, драгоцена за идните генерации и науката во целост. Гоце Жура ја заинтригира јавноста за вредностите на средновековната уметност преку бројните јавни настапи и соработка во аудиовизуелни проекти. Поради стручната и научна активност и големите достигнувања, застапен е во Првата македонска енциклопедија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и Повелбата Патрон на градот Св. Климент Охридски во 2007 година. Има напишано 20 книги и монографии и преку 50 научни трудови.

###

Остани поврзан