• петок, 19 април 2024

На денешен ден

На денешен ден

3 јуни 2023 (МИА)

 

1098.- По петмесечна опсада во Првата крстоносна војна, крстоносците го зазеле градот Антиохиј (денешна Антакија на југот на Турција). 

 

1657.- Умрел англискиот лекар Вилијам Харви, основач на модерната физиологија. Тој ја открил природата на циркулацијата на крвта во срцето како пумпа. Научното толкување за работата на срцето и физиологијата на крвотокот го затемелил со правење експерименти врз животни. 

  

1875.- Умрел францускиот композитор Жорж Бизе, автор на операта „Кармен“, ремек-дело на францускиот музички реализам, еден од најоригиналните и најсугестивните оперски композитори. Останати дела: операта „Ловци на бисери“, сценската музика за „Арлезијанка“, од Алфонс Доде, „Симфонија во C-dur“.

 

1896.- Во Москва бил потпишан договор меѓу Русија и Кина за ненапаѓање во следните 15 години. Кина и одобрила на Русија да ја користи железницата во северна Манџурија. 

 

1899.- Умрел австрискиот композитор, виолинист и диригент Јохан Штраус Младиот, творец на виенските оперети. Компонирал и валцери, маршеви. Дела: „Слепиот глушец“, „Циганот барон“, „Ноќ во Венеција“, валцерите „На убавиот син Дунав“, „Приказни од виенските шуми“, „Виенска крв“, „Виена, жени и песни“. 

 

1906.- Родена е француската пејачка од афроамериканско потекло Жозефина Бекер, која во Втората светска војна му се приклучила на движењето на отпорот против нацистите за што била одликувана со највисоки француски ордени. Со светска слава се стекнала по 1925 година, кога настапувала во париските кабареа „Фоли Бержер“ и „Казино д` Пари“. Пеела шансони, збогатувајќи ги со типично француски песни со елитен џез. Како истакнат борец против расизмот, уште во раната младост посвоила многу сираци од различни раси одгледувајќи ги во духот на братството и човековата солидарност. Нив ги издржувала од приходите стекнати на гостувањата ширум светот. 

 

1917.- Прогласена била „независност“ на Албанија под италијанска заштита. Албанија по Балканските војни за првпат во историјата била востановена како држава, најмногу под влијание на Австроунагрија, со цел Србија да не излезе на море.

 

1924.- Во Виена умрел Франц Кафка, австриски писател. Во своите раскази и романи го изразувал чувството на несигурност кај човекот и во нив осамениот човек што доаѓа во конфликт со бездушната бирократија. Негови најпознати дела се романите „Процес“, „Америка“, „Замок“ и расказите „Преобразба“, „Селски лекар“ и други. Роден бил во Прага, на 3 јули 1883 година.

 

1926.- Роден е американскиот поет Ален Гинзберг. Дела: „Кадиш“, „Празно огледало“, „Индиски дневници“, „Падот на Америка“. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

 

1940.- Хитлеровите окупаторски сили ја почнале офанзивата против француските сили од линијата Девил - Седан во северна Франција. Целта била освојување на Париз. Пред тоа германските сили ги зазеле Холандија, Белгија и Луксембург. 

 

1942.- Кај островот Мидија, на Пацификот, почнала тридневната поморска битка меѓу американските и јапонските сили. Победата на Американците донесла рамнотежа на воените сили. 

 

1963.- Умрел римскиот папа од италијанско потекло Јован XXIII, поглавар на римокатоличката црква од 1958 година и водач на реформската црковна струја. Во 1962 година го свикал Вториот екуменски концил (собир) на кој биле најавени далекусежни реформи во римокатоличката црква, кои подоцна биле спроведени. 

 

1965.- Американскиот астронаут Едвард Вајд излегол од вселенскиот брод „Џемини 4“, кој кружел околу Земјата. Со тоа тој станал првиот Американец „шетач“ по вселената, три месеци по рускиот космонаут Алексеј Леонов. 

  

1976.- Поранешниот претседател на Боливија Хуан Хосе Торес бил пронајден убиен во Аргентина. 

 

1997.- Водачот на Социјалистичката партија Лионел Жоспен станал претседател на владата на Франција по убедливата победа на левицата на парламентарните избори. 

  

2001.- Во Бостон умрел Ентони Квин, американски филмски актер од мексиканско потекло, добитник на две награди „Оскар“ за епизодни улоги. Роден бил во Чивава, на 21 април 1915 година. 

 

2006.- Собранието на Црна Гора усвоило одлука за прогласување независност на Република Црна Гора, според која Црна Гора е независна држава со целосен меѓународен правен субјективитет. 

 

2016.- На 74-годишна возраст починал легендарниот американски боксер Мохамед Али, кој 32 години се бореше против Паркинсоновата болест. Во својата тридецениска боксерска кариера, Мохамед Али, кој е роден како Касиус Клеј, забележа 56 победи, од кои 37 со нокаути, и пет порази. Тој е првиот боксер во историјата, кој успеал трипати да ја освои титулата светски шампион во тешка категорија.

 

2019.- Вардар се качи на европскиот ракометен трон и оваа година, „црвено-црните“ испишаа историја откако триумфираа во финалето во Келн против фаворизираниот Веспрем. Резултатот на полувреме беше 16-11 во корист на црвено-црните, за на крај Вардар да издвои победа со 27-24.

###

 

Остани поврзан