• среда, 24 април 2024

Штипскиот универзитет одбележува 16 години постоење

Штипскиот универзитет одбележува 16 години постоење

Скопје, 27 март 2023 (МИА) - Под слоганот „Избери мудро, делувај храбро!“, Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип од денеска до 2 април ќе одбележува 16 години постоење и ќе организира свечена академија и низа други активности.   Повеќедневната програма за чествувањето на патронатот на УГД ќе се фокусира на  прашањето: „Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?“

По повод патронатот, УГД соопшти дека е универзитет кој во своето 16-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.

-Младите кои во текот на овој временски период ни ја подарија својата доверба и станаа наши студенти се стекнаа со знаење и вештини кои им овозможуваат да бидат успешни во својата кариера, да креираат нови бизниси, да ги лекуваат болните, да произведуваат здрава храна, да го пренесуваат македонскиот јазик на идните генерации, да учителствуваат, да го менуваат општеството и да го унапредат животот на луѓето во него, наведува УГД.

На свечената академија ќе бидат наградени 17 студенти со најдобар успех, дипломирани во 2022 година, со пофалници и вредносен ваучер од 10.000 денари. Благодарници ќе им бидат доделени и на  институции во општеството за поддршката и соработката што ја имаат со Штипскиот универзитет со цел  квалитетно образование на УГД. хс/лв/

Фото: УГД Штип

Остани поврзан