• сабота, 25 ноември 2023

Учесниците на министерската конференција за високо образование во Западен Балкан ќе посетат два универзитета во Скопје

Учесниците на министерската конференција за високо образование во Западен Балкан ќе посетат два универзитета во Скопје

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Учесниците на министерската конференција „Обезбедување квалитет во високото образование – трендови и случувања во ЕУ и Западен Балкан“, која беше отворена вчера во Скопје, денеска ќе имаат студиска посета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Меѓународниот балкански универзитет.  Дводневната конференција ја организира Министерството за образование и наука во соработка со Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE.

Меѓу главните цели на конференцијата е обезбедувањето квалитет како објективен начин за мерење на квалитетот, со заеднички договорените Стандарди и насоки за обезбедување квалитет во високото образование.

-Оваа тема е од исклучителна важност за УКИМ и претставува огромна чест што УКИМ ќе има можност да се претстави со своите активности за обезбедување квалитетно образование пред претставниците на  министерствата задолжени за високото образование од регионот, агенциите за квалитет за високо образование од регионот, високообразовните институции и меѓународните организации, соопшти Скопскиот универзитет. 

Министрите за образование и наука на Северна Македонија и Црна Гора и претставници на министерствата од Србија и Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот и експерти од Европската Унија, вчера дискутираа за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата што треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки. Учесниците се согласија дека е важно да се зацврстат релациите и низ соработка во рамки на регионот да бидат конкурентни на глобалниот образовен простор.

На конференцијата учествуваа и претседателот на Европската асоцијација за квалитет на високото образование (ENQA), Даглас Блексток, и директорката на Европскиот регистар за осигурување квалитет во високото образование (EQAR), Магали Соенен. хс/бак/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан