• четврток, 28 март 2024

Национална презентација на резултатите од истражувањата за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутун

Национална презентација на резултатите од истражувањата за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутун

Скопје, 26 мај 2023

Национална презентација на резултатите од истражувањата за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот во Северна Македонија, поддржани од СЗО и УНДП, по повод Светскиот ден без тутун што се одбележува на 31 мај.

Светската здравствена организација потсетува на опасностите по здравјето кои ги предизвикува пушењето и препорачува сеопфатни активности за подобрување на политиките за ограничување на употребата на тутун кај населението и намалувањето на значителниот товар врз здравствениот систем на земјата

Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство,  Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП)  одржа национална презентација на резултатите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Северна Македонија, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија. Настанот се организира во Скопје, на 26 мај 2023 година, во пресрет на Светскиот ден без тутун, 31 мај.

Употребата на тутун е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.

Најновите истражувања, презентирани денес, повторно го потврдија фактот дека Република Северна Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Скоро половина од возрасната популација  пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Северна Македонија сè уште не е на задоволително ниво.

Mинистерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, изјави: „Студиите покажуваат дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, односно половина од населението пуши цигари секојдневно. Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме и креирање нови, специфични активности за поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението.“

Наодите од истражувањето ја потенцираат потребата од заземање пристап кадешто луѓето се во центарот на вниманието за да се разберат бариерите и двигателите за употребата на тутун, вклучувајќи ги улогата и искуството на здравствените работници. Студијата го следи и прифаќањето од 53 држави членки, на пионерската регионална резолуција и петгодишниот план за инвестирање и зголемување на напорите кон приспособување на здравствени системи и политики во заедниците. Наодите ќе послужат како основа за препораки засновани на докази за намалување на потрошувачката на тутун во земјата. Наодите за увид во однесувањето и културата се дел од поширока група активности за подобрување на политиките за контрола на тутунот и нивното спроведување во Северна Македонија.

Д-р Ане Јохансен, ја оцени Националната презентација како „исклучително значајна активност во правец на ефикасна и ефективна контрола, регулација, спроведување и де-нормализација на пушењето во Северна Македонија, којашто ќе помогне на државата да позиционира во групата европски држави кои имаат забележителни резултати во намалувањето на бројот на пушачи и уживатели на тутун. Како резултат на соодветните мерки, многукратно се намалуваат и притисоците врз здравствениот систем од што директна полза имаат не само уживателите на тутун, туку сите граѓани на државата.“ При оценката за досега направеното, д-р Јохансен ја потврди посветеноста на Светската здравствена организација кон поддршката на Министерството за здравство и на другите релевантни национални институции од областа на здравствената заштита и кон натамошната партнерска соработка.

На овој национален настан се презентираа и наодите од Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија, спроведен во соработка со УНДП. Во согласност со Глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО (FCTC 2019), преку овие наоди се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа: зголемување на даноците на тутунот, создавање јавни места во кои не се пуши, задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот, зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот, воведување на обична амбалажа на тутунските производи, спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство на тутун, промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун, зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица и зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот.

Сузана Ахмети Јањиќ, раководителката на секторот за инклузивен просперитет во УНДП изјави: „УНДП, заеднo со СЗО и други меѓународни и национални институции посветено работи на развивање политики што ќе го намалат пушењето. Се надеваме дека фактите наведени во Студијата ќе предизвикаат координирани напори на сите одговорни институции за намалување на вкупните негативни ефекти од пушењето и употребата на тутун.“

Пристунтите стручни лица и здравствени работници се осврнаа на наодите од истражувањето, ги дефинираа предизвиците и ги одредија потребните идни активности во поглед на употребата на тутун и откажувањето од пушење кај пациентите.

 

Светска здравствена организација

___________________________________________________________________________

 МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: СЗО

 

Остани поврзан