• сабота, 17 октомври 2026

Нападите на Хутите врз Саудиска Арабија би можеле да го активираат Договорот од Мека

Нападите на Хутите врз Саудиска Арабија би можеле да го активираат Договорот од Мека

Исламабад, 10 септември 2026 (МИА) – Портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Саџад Хајдер Кан изјави дека Исламабад не разговарал за воен одговор на нападите на Хутите врз Саудиска Арабија, во согласност со Договорот од Мека, но оти Пакистан „ќе дејствува кога ќе дојде вистинското време“.

- Во моментов нема таква дискусија … Кога ќе дојде време, ќе дејствуваме според Договорот, наведе Кан одговарајќи на прашањето како Исламабад планира да ги исполни своите обврски според заедничкиот одбранбен договор што го потпиша со Турција и Саудиска Арабија.

Јеменските бунтовници Хути пред два дена извршија еден од најголемите напади врз Саудиска Арабија, од почетокот на американско-израелската војна против Иран во февруари, при што беа повредени 73 лица. Ријад возврати со 54 воздушни напади врз различни јеменски провинции.

Пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Асиф посочи дека нападите врз Саудиска Арабија би можеле да го активираат заедничкиот безбедносен договор меѓу Ријад, Анкара и Исламабад.

- Агресијата против една земја ќе се смета за агресија против сите три земји. Нема двосмисленост или сомнеж. Неиспровоцираната агресија или прелевањето на конфликтот во Саудиска Арабија дефинитивно ќе го активира овој Договор, истакна Асиф.

На 7 август 2026 година саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во Мека потпишаа Заеднички одбранбен договор од Мека или Алијанса за одбрана од Мека. Договорот предвидува дека секој вооружен напад врз една од трите држави би се сметал за напад врз сите три партнери во алијансата. ми/јт/

фото: МИА архива