• сабота, 10 октомври 2026

Младата Кристина Тодорова од Неготино сподели семејна приказна за иновации и зелен развој на настан посветен на денот на граѓанските организации 

Младата Кристина Тодорова од Неготино сподели семејна приказна за иновации и зелен развој на настан посветен на денот на граѓанските организации 

Кавадарци, 3 октомври 2026 (МИА) - Љубовта кон печурките кај мене започна многу рано – уште на мои 6 години. Тоа што тогаш беше детска љубопитност, денес, на мои 26 години, прерасна во успешна животна мисија и сопствен бизнис преку кој ја градиме оваа зелена приказна. Јас сум производител и одгледувач на различни видови печурки, а оваа професија во исто време ми е и животна страст.

Ова вечерва го изјави младата Кристина Тодорова од Неготино, таа ја сподели семејната приказна за иновации и зелен развој на настан посветен на денот на граѓанските организации. 

Едукативниот настан, „Граѓанските организации, двигатели на зелени иновации и циркуларна економија“, беше во организација на Комисијата за невладин сектор на ВМРО-ДПМНЕ ОК Кавадарци и се одржа во кавадаречкиот Дом на култура, „Иван Мазов - Климе“. 

Тодорова е дипломиран земјоделски инженер и во моментов запишана на магистерски студии на Земјоделскиот факултет во Скопје. Таа е проектен координатор во здружениетото „Ековита“ во Неготино, што постои од 2003 година. 

Тодорова информираше дека работат на заштита и одржливо користење на животната средина, проекти во областа на екологијата, циркуларната економија, социјалното претприемништво и руралниот еко-туризам, одгледување печурки и одгледување инсекти како храна за домашни животни. 

- За производство на печурките користиме исклучиво природни ресурси и органски отпад – како слама, пилевина или прачки од винова лоза, кои служат како идеален супстрат. Земјоделските остатоци ги претвораме во печурки, а искористениот супстрат преку црната војничка мува го претвораме во хумус со додадена вредност – квалитетно биоѓубриво, проследено со практични обуки за брза примена. Создаваме производи со додадена вредност и низок гликемиски индекс кои се одлични за здравјето. Ги развиваме и познатите „Мушрони“ – тестенини од печурки добиени од селектирани сушени печурки со низок гликемиски индекс. Овoj произвoд е доказ дека здравата храна може да биде превкусна и со врвен квалитет - појасни таа за МИА. 

Црната војничка мува, рече, е вистински херој во циркуларната економија.

 - Возрасната мува живее само 5 дена и не пренесува болести, додека нејзините ларви завршуваат огромна работа со тоа што брзо го разградуваат органскиот отпад (зеленчук, овошје), како и искористениот супстрат од печурките. Овој животен циклус на мувата ни овозможува отпадот да го претвориме во корисна биомаса. На крајот, богатите протеински ларви ги користиме како висококвалитетна храна за домашни животни. Прво, ги користиме супстратите од растителен отпад (како слама и пилевина) за производство на печурки. Потоа, искористениот супстрат од печурките не е отпад – тој овозможува храна за ларвите на црната војничка мува. Со нивна помош добиваме висококвалитетен хумус и органско ѓубриво кое се враќа назад во земјата. Ова е вистински пример за одржливост каде секој чекор има своја цел, ја штити животната средина и создава нова вредност - подвлече младата екологистка. 

Таа додаде дека произведуваат повеќе видови печурки, меѓу кои буковка, шитаке, кралска буковка, реиши, лавовска брада, маитаке и кордицепс.

Пред присутните говореше и проф. Димитрија Ангелков, за иновативни зелени решенија и презентација на иновацијата „течно дрво“. Тој е претседател на „Иднината е сега“.

- Да ги претвориме локалните идеи во зелени решенија за одржлива иднина - е пораката од настанот.

Задоволство од настанот изрази и Васко Керов, претставник на Општинскиот комитет на ВМРО - ДПМНЕ, кој рече дека граѓанските организации се важен дел од локалната заедница - препознаваат потреби, иницираат идеи и придонесуваат за позитивни промени. 

- Затоа како ОК на ВМРО - ДПМНЕ Кавадарци, ја препознаваме важноста за дијалог и соработка со граѓанскиот сектор - рече тој. 

Свое обраќање имаше и претседателката на Комисијата за невладини организации при партијата, Марија Камчева. свд/вј/

 

Фото: МИА 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа