• петок, 19 април 2024

Министерката Петровска и амбасадорката Агелер на презентацијата на опрема од воената вежба „Брз одговор 2023“ во Кавадарци 

Министерката Петровска и амбасадорката Агелер на презентацијата на опрема од воената вежба „Брз одговор 2023“ во Кавадарци 

Кавадарци, 28 мај 2023 (МИА) - Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД  Анџела Агелер, денеска присуствуваа на презентацијата на опрема од воената вежба „Брз одговор 2023“, на градскиот плоштад во Кавадарци. Вежбата на армискиот полигон Криволак, е дел од големата вежба „Европски бранител 2023“ и се спроведува од 22 мај до 2 јуни, со учество на пет земји од кои четири НАТО сојузници, СРМ, САД, Албанија и Црна Гора и партнерско Косово со вкупно 1.850 учесници. 

Министерката Петровска изрази задоволство од настанот на кој се презентира дел од опремата што се користи и ќе биде употребена и во текот на утрешниот ден, во рамки на изведувањето на вежбата „Брз одговор 2023“. Целта на вежбата, како што нагласи министерката, е, „да се покаже заедништвото, сојузништво и се разбира и подготвеноста, што е најважно за армиите што учествуваат, за меѓусебна соработка, но и за совладување на било какви предизвици што може да се појават во иднина“. 

- Оваа вежба е само еден дел од активностите што македонската армија ги изведува и овој пат, како и многу пати претходно, со поддршка на армијата на САД, наш долгогодишен и голем стратешки поддржувач и пријател. Мило ми е што од 2020 година сме сојузници заедно во НАТО алијансата, рече министерката. 

Петровска потсети дека земјава е домаќин на повеќе сојузници од НАТО алијансата и една партнерска земја, Косово, и се заблагодари на амбасадорката Агелер, за несебичната поддршка што САД ја даваат за Република Северна Македонија. 

Амбасадорката Агелер рече дека е горда што е во Кавадарци. 

- Фактот што сум тука, заедно со припадниците на копнените сили на САД за Европа и Африка, како и припадниците на националната гарда на Минесота, рамо до рамо со домашните војници, ја покажува нашата несебична поддршка и партнерството што го имаме изградено досега, со оваа членка на НАТО алијансата, што навистина ревносно придонесува, рече Агелер, нагласувајќи ја 30 годишната соработка и партнерство, заблагодарувајќи се на поддршката што се дава за Украина. Таа нагласи дека македонскиот народ треба да е горд на својата земја, армијата, регионалниот придонес, самите себе и на своите семејства. 

Министерката Петровска, одговарајќи на новинарско прашање дали вакви отворени денови ќе се организираат и низ другите градови, рече дека во секоја прилика кога се има вакви вежби, на различни локации во државата, се прават вакви отворени денови, за армијата и граѓаните да бидат поблиску едни до други. 

- Министерството за одбрана и Армијата се секогаш подготвени да примат млади кадри што се спремни  да и помогнат на оваа држава, нагласи Петровска. 

Градоначалникот Митко Јанчев се заблагодари на посетата на министерката и амбасадорката, рече дека ова е од големо значење на жителите на општината Кавадарци. свд/аа/

Фото:  МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан