• понеделник, 15 април 2024
МИА Флеш

9 јуни 2023

- Претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, амбасадорот Елчин Амирбајов, во контекст на македонското претседателство со ОБСЕ, ги нагласи заложбите на нашата држава за мирно решавање на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот Нагорно Карабах и изрази поддршка за сите напори што водат кон мир и за иницијативите што го олеснуваат дијалогот.

- Во присуство на министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, гувернерот на сојузната држава Вермонт, Фил Скот и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт во Берлингтон свечено беше одбележа 30-годишнината од партнерството меѓу нашата Армија и Националната гарда на Вермонт.

 - Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија. 

- Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби.

-Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски денеска најави отворање на два нови базена во Скопје.

-Во основното училиште „Ѓорги Сугарев“-Битола се изведува туторска настава за 70 ученици Роми од второ, трето и четврто одделение. Од Општина Битола информираат дека туторската настава се реализира со цел да се унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основно образование.

 - Почина 47 - годишната жена што беше тешко повредена во сообрајката во тунелот кај Демир Капија. - Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на местото на настанот и ќе нареди сообраќајно вештачење за да се утврдат причините на несреќата. Наредена е и обдукција на починатата 47-годишна жена - возач која била сама во автомобилот, велат од Обвинителството за МИА.

 - Во организација на Центарот за економски политички, анализи и консалтинг (ЦЕПАК), со поддршка од НАТО,  денеска се одржа завршната активност - семинар со панел дискусија, како дел од проектот под наслов „Учи и управувај, денес и во иднина“. 

– На едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница. Од нив, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), 19.532,54 денари или 44,34 отсто биле потребни за исхрана и пијалаци, 13.392,85, односно 30,41 отсто отсто за домување, 3.196,9  денари за хигиена, 3.720,1 за превоз, 2.315,759 за облека и обувки, 1.067,86 за култура и 821,47 денари за одржување на здравје, или вкупно 44.047,52 денари.

- Тимот „Neuro FEEIT”, составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), освои прво место на светското финале за процесирање сигнали. Задачата оваа година беше развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). 

- Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е во тесен избор за престижната книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“.  

 - Украинската служба за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека пресретнала телефонски повик со кој се докажува дека руска „диверзантска група“ ги разнела хидроцентралата и браната Каховка во јужна Украина, пренесе Хина. 

-Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е „опасно блиску“ да биде екстрадиран во САД, откако на суд му беше одбиена уште една жалба, соопшти неговото семејство. Неговите адвокати велат дека повторно ќе се жалат до истиот суд, поради стравувањата дека би можел да го помине остатокот од својот живот во затвор поради објавување на неколку илјади доверливи воени и дипломатски документи.

 - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека новиот договор на европските министри за внатрешни работи за реформа на миграциската политика е „неприфатлив“. „Брисел ја злоупотребува својата моќ. Тие сакаат на сила да ги преселат мигрантите во Унгарија“, рече Орбан, а на Твитер го постира портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач.

 - Штетниот за здравје воздух што ги покри градовите и населените места од североистокот на САД се концентрира во централниот атлантски дел на земјата, додека  димот од шумските пожари што уште беснеат во Канада натера милиони луѓе да се навикнуваат на магливото небо. Прогнозите се во наредните денови димот да се придвижи на југ.

- Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за два клучни законски предлози за миграција и азил, објави шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард. Договорот е постигнат доцна синоќа, по целодневните преговори во Луксембург.

 - Пет лица се уапсени во Србија, Германија и Романија поради криумчарење околу 800 мигранти. Полицијата уапсила едно лице во Србија, а четворица на територијата на Германија и Романија поради сомнение дека криумчареле околу 800 мигранти од Турција во Германија, соопшти МВР на Србија.

- Барселона се уште не е подготвена да ги исполни финансиските барања на Чави за нов договор. Четириесет и тригодишниот тренер на Каталонците бара плата од 12 милиони евра по оданочување, објави радио „Кадена СЕР“.

Тагови

Остани поврзан