• среда, 25 септември 2024
МИА Флеш

25 септември 2024

Скопје – Борбата со криминалот и корупцијата мора да биде одлучна. Без да победиме во таа борба, не можеме да имаме развиена држава, не можеме да имаме подобри услови и подобар стандард на граѓаните, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) во Владата.

Тој посочи дека на денешната средба, во организација на ИРИ, заедно со невладиниот сектор и дел од членовите на Владата имале можност да поразговараат за една тема којашто, како што рече, претставува акутен проблем за нас како држава, а тоа е високото ниво на криминал и корупција и борбата против нив.

- А како дополнување зборувавме и за доброто владеење, нешто коешто исто така претставува императив за оваа Влада. Се надевам дека во периодот којшто следи сите овие разговори ќе имаат свој ефект врз работењето на Владата. Да бидам попрецизен, убеден сум, бидејќи од страна на Владата постои огромна желба, но истовремено и посветеност токму кон овие проблеми коишто се акутни во Македонија како држава, рече Мицкоски.

Скопје –  Приоритет на Владата и на Министерството за економија и труд е задржувањето на младите луѓе во земјава. Од следната година приоритет ќе ни биде не само да ги задржиме младите умови тука во државата, туку и да вратиме голем дел од нив со загарантирана работа или со поддршка на нови стартап компании и преку бизнис ангелите, да можат да се препознаат тие добри иницијативи за да се вратат младите луѓе и да отворат нов бизнис во Македонија, порача денеска заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Нашите приоритети се отворање на нови 70 илјади работни места во наредните четири години за млади луѓе, 500 загарантирани работни места за најдобрите студенти од универзитетите во Македонија, како и нови даночни олеснувања на фирмите и компаниите во Македонија за вработување на млади. Предвидуваме и изработка на нови мерки кои ќе произлезат од Агенцијата за вработување и Министерството за економија и труд за отворање на нови бизниси и нови работни места пред се за младите луѓе кои во моментов живеат, работат и студираат во странство, изјави Ристески по завршувањето на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, во организација на Амбасадата на Словенија заедно со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската  студентска организација во Словенија (МСОС).

Скопје - Уставниот суд денеска расправаше за Законот за електронски комуникации кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа.  Во иницијативата, покрај горенаведениот  член 178 од Законот за електронските комуникации се оспорува и член 176 став 3 од истиот закон кој пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон.

Судијата известител за предметот, Татјана Васиќ Бозаџиева, посочи дека станува збор за задржување на мета податоци кои не ја откриваат содржината на пораките.

- Станува збор за мета податоци, а не содржината на пораките, туку, открива испраќач, примач, локација. Мета податоците не се податоци кои зборуваат за содржината, тоа е друг закон, Закон за следење на комуникации, појасни Васиќ Бозаџиева.

Охрид – Во врска со претстојната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на земјава, СВР – Охрид ги спроведува неопходните безбедносни мерки и активности за безбедно и непречено движење на делегацијата низ Охрид и околината.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај упати известување до сопствениците на патнички и други моторни возила дека треба да ги дислоцираат возилата од паркинг-местата на булеварот „Туристичка“ и улиците „Коста Абраш“, „Цар Самоил“ и Кејот „Македонија“.

Во текот на утрешниот ден и задутре на улиците „Илинденска“ и „Коста Абраш“ ќе биде забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе биде затворен дел од магистралниот пат Кичево-Охрид, од аеродромот до клучката кај „Распаќе“, долж булеварите „Туристичка“ и „Македонски просветители“, улиците „Абас Емин“ и „Кирил и Методиј“ како и регионалниот пат Охрид - Св.Наум.

Безбедносни мерки во сообраќајот задутре ќе бидат преземени и на подрачјето на Пештани и Љубаништа.

Кавадарци - Ќе бараме обесштетување од суша согласно набраните количини по декар лозје, рече денеска Јован Златевски, претседател на Сојуз на здруженија на лозари и претседател на потсекторска група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  

- На наредниот состанок на потсекторската група, ќе го отворам ова прашање, со цел да се разгледаат проблемите на лозарите. Производителите на грозје се соочуваат со сериозни последици од летната суша, дури и до стотина проценти. Иако е при крај, уште трае гроздоберот. Чекаме да заврши гроздоберската сезона, па да се сретнеме и да поразговараме за проблемот и да изнајдеме соодветно решение, појасни Златевски за МИА. 

Тој додаде дека истовремено, се согледуваат штетите на терен. 

Скопје - До крајот на денот променливо облачно и релативно топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и во вечерните часови претежно во северните делови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, информираат од УХМР.

Максималната температура ќе биде во интервал од 24 до 30 степени.

Во Скопје, променливо облачно со слаб југоисточен ветер. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Температурата до 28 степени.

-До сабота ќе преовладува сончево и топло време. Во недела ќе има значителна промена на времето со повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник и ќе предизвика значителен пад на температурата, соопштуваат од УХМР. 

Копенхаген - Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст меѓу децата во Европа и дека постои ризик тие да развијат зависност од онлајн играње. 

„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи, за кои се покажа дека доведуваат до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Во 2022 година, 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, додека четири години претходно тоа било седум проценти.

Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, Централна Азија и Канада.

Приштина – Ден по одбележувањето на првата годишнина од терористичкиот напад во Бањска во северно Косово, во кој беше убиен припадник на косовската полиција, во Основниот суд во Приштина денеска започна првото рочиште на судењето на 45-те обвинети за нападот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Под силно полициско обезбедување, во Специјалниот оддел на приштинскиот суд утрово беа доведени тројца од обвинетите - Душан Максимовиќ, Владимир Толиќ и Благоје Спасојевиќ, кои беа уапсени непосредно по нападот, односно на 25 септември минатата година.

Судскиот процес го води судијата Арбен Хоти, а присутен е и специјалниот обвинител Наим Абази, кој предложи на останатите 42 обвинети, меѓу кои и водачот на групата, поранешниот потпретседател на партијата на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, да им се суди во отсуство.

Приштина – Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џефри Ховениер, порача дека Косово и Србија мора без одлагање да ги спроведат обврските што произлегуваат од бриселскиот дијалог, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговото обраќање на Косовскиот самит за мир и демократија, насловен „Радикални реалности: етно-политичка динамика и евроатлантска интеграција на Западен Балкан“, Ховениер рече дека САД го поддржуваат Косово во неговите аспирации за членство во Европската унија и НАТО.

– Амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џефри Ховениер, порача дека Косово и Србија мора без одлагање да ги спроведат обврските што произлегуваат од бриселскиот дијалог, јави дописникот на МИА од Приштина.

Москва - Планот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја принуди Русија да склучи мир Кремљ денеска го оцени како „фатална грешка“, која ќе има последици за Киев, пренесуваат британските медиуми.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија сака мир, но невозможно е да се реши проблемот со сила.

Зеленски вчера пред Советот за безбедност на ОН рече дека „војната нема да биде завршена само преку преговори“ и дека Русија мора да биде принудена да постигне мир.

Берлин - Претседателството на германската Зелена партија поднесе колективна оставка, објаснувајќи го овој потег со неуспесите на покраинските избори во септември. „Дојдовме до заклучок дека е потребен нов почеток“, рече потпретседателот на Партијата на зелените, Омид Нурипур во партискиот центар во Берлин.

Оставка поднесе и вториот потпретседател на партијата Рикарда Ланг, како и целото претседателство на партијата. Со овој потег, како што пренесуваат германските медиуми, претседателството на партијата ги повлекува последиците од лошите изборни резултати во источногерманските сојузни покраини Саксонија, Тирингија и Бранденбург.

Рејкјавик - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ќе се појави во јавноста следниот месец за прв пат по неговото ослободување од британски затвор кога ќе даде докази пред Советот на Европа, соопшти денеска неговата организација.

Асанж (53) се врати во Австралија во јуни, откако беше постигнат договор за негово ослободување во кој тој се изјасни за виновен за прекршување на американскиот Закон за шпионажа, ставајќи крај на 14-годишната правна одисеја во Велика Британија.

Неговата сопруга Стела, со која се ожени додека беше во лондонскиот затвор Белмарш, рече дека ќе му треба малку време да се опорави физички и психички по долгата затворска казна и да биде со нивните две деца, кои никогаш не ги видел надвор од затворот.

Брисел – Очекуваниот број на години на здрав живот во ЕУ во 2022 година во просек изнесувал 62,8 години за жените и 62,4 години за мажите, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.  

Гледано по земји, најдолг здрав животен век имаат жителите на Малта и тоа 70,3 години жените и 70,1 година мажите. 

Кога станува збор за очекуваната должина на здрав живот кај жените, „вицешампиони“ се Бугарките со 68,9 години, пред Словенките со 68,5 години. 

Кај мажите по Малтежаните следуваат Швеѓаните со 67,5 години и Италијанците со 67,1 година. 

Од друга страна најкус здрав животен век има кај жените во Данска од 54,6 години, по што следуваат Летонките со 55,4 години и Холанѓанките со 56,3 години. 

Брисел - Повеќе од сто компании досега го потпишаа Пактот за вештачка интелигенција на ЕУ, со што доброволно се обврзуваат да ги почитуваат неговите одредби пред стартот на нивната законска примена, соопшти денеска Европската комисија. 

Меѓу потписниците се мултинационални корпорации и европски мали и средни претпријатија од различни сектори, вклучително и ИТ, телекомуникациите, здравството, банкарството, автомобилската индустрија и аеронаутиката.  

- Пактот ги поддржува доброволните заложби на индустријата да започне со примена на принципите на Законот за вештачка интелигенција пред нивното влегување во сила и го подобрува ангажманот помеѓу Канцеларијата за вештачка интелигенција на ЕУ и сите релевантни чинители, вклучително индустријата, граѓанското општество и академската заедница, се наведува во соопштението. 

Атина – Ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила, порача поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во неговиот говор откако му беше доделена наградата за мир за Договорот од Преспа од грчка организација, јави дописничката на МИА од Атина.

За значењето на Договорот од Преспа, за потребата да се почитува од новата власт во Северна Македонија, но и за ЕУ перспективата и важноста за целиот регион, говореше, меѓу другото Ципрас откако ја прими наградата за мир „Никос Никофоридис“, што од 2018 година ја доделува мировната организација „Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација“, а оваа година беше награден поранешниот грчки премиер за договорот со нашата земја.

Остани поврзан