
29 септември 2023
- Почна седницата на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, која треба да го утврди составот на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија. За претседател на комисијата е предложена Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а предлози од оваа ПГ се и Александар Велјановски за заменик претседател, за членови Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска - Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов, Петар Ристески, за заменици членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски и Зоран Коцевски.
- Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман доколку постои можност да бидат амнестирани осудените од „Монструм“, рече дека „Законот за амнестија уште не е донесен во Парламентот, а зборуваме за амандмани кои доаѓаат од самата Влада“.
- Како човек сум згрозен, со гадење и со резигнација од овој сексистички и неморален чин. Од премиерот Димитар Ковачевски очекував барем оградување од ова што го направи Маричиќ, но за жал тоа не го добив, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање за вчерашниот случај со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и пратеничката Дафина Стојаноска во Собранието.
– Државната комисија за спречување на корупција (ДКСK) денеска ја одржа 93 седница на која беа разгледани повеќе предмет. На почетокот од седницата комисијата дискутираше околу повеќе известувања стигнати до Комисијата во врска со минати и актуелни предмети, помеѓу кои i известувањето од Судски Совет за случајот „Трансмет“.
- Родовото одговорно буџетирање е моја мисија, долгогодишна посветена работа која верувам дека ќе направи разлика, истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со своето обраќање на состанокот на работната група за економско зајакнување на жените во Западен Балкан, која е во организација на UNDP и Friends of Europe.
- На 21 септември оваа година во Македонија е увезено преку 20 тони трајно млеко од Република Србија, со рок на важност до 3 февруари 2024 година и истото е пуштено во промет иако во млекото е детектирано амфлатоксин М1 над максималното дозволено ниво, изјави претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски. Со тоа, како што посочи, млекото е штетно за пиење и може да предизвика труење и други компликации по здравјето на граѓаните.
- Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, најави дека формално поднесува оставка од таа функција, но дека посветено ќе работи и ќе го води Белград до денот на изборите и конечната проверка за довербата на граѓаните, јави дописникот на МИА од Белград.
- Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека продолжува „теророт што го спроведува косовскиот премиер Албин Курти врз Србите на Косово и Метохија“, нешто што и таа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, до сега предупредувале, јави дописникот на МИА од Белград.
- Безживотното тело на пилотот од приватниот хеликоптер, што вчера се урна во морето во северниот дел на грчкиот остров Евија, претпладнево беше извлечено од нуркачи на Крајбрежната служба на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
– Косовската полиција изведе утрово рација на пет локации во три општини во северно Косово, во врска со случајот со нападот врз полицијата во Бањска кај Звечане, јави дописникот на МИА од Приштина. Веста за косовските медиуми ја потврди заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани.
- Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека КФОР треба да ја преземе контролата врз северот на Косово, јавија медиумите. Тој смета дека „не само што мора под итно да се подигне нивото на застапеност на евроатлантската заедница во дијалогот, туку мора да се земе предвид дека тоа е направено заедно со залихите на сите тие договори, некои потпишани, некои усно прифатени, но генерално неприменети".
– Само 25 проценти младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле вработени за време на нивното формално образование во текот на 2022 година, три отсто биле регистрирани како невработени, односно како лица кои активно бараат работа, додека 72 проценти воопшто не биле вклучени на пазарот на расположлива работна сила, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.
- Двете водечки белгиски еколошки партии, валонската Еколо и фламанската Зелени, поднесоа Предлог-законот за измени на Законот за абортус во Белгија, со кои, меѓу останатото, се предвидува продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот од 12 на 18 недели, укинување на шестдневниот период на чекање пред да може да се спроведе зафатот, како и негова неофицијална декриминализација.
- Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден на јазиците, Факултетот за странски јазици при Универзитетот во Тирана организираше меѓународен собир на тема „Перспективите на странските јазици и култура во албанскиот контекст“ на кој учествуваа амбасадори и културни аташеи од петнаесетина држави.
-Портпаролот на холандското обвинителство денеска потврди дека обвинителите и пред инцидентот биле загрижени за однесувањето на човекот кој е осомничен за вчерашното убиство на три лица во Ротердам и дека испратиле предупредувачко писмо до училиштето кое го посетувал.
- Американскиот Стејт департмент објави синоќа забележително предупредување за тоа дека кинеската Влада ги проширила своите напори за контрола на информацијата, ширење пропаганда и дезинформација за промоција на „дигитален авторитаризам“ во Кина и низ целиот свет, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
- Министерството за одбрана на САД (Пентагон) ги опиша Иран и Северна Кореја како континуирани закани во документот насловен како „Стратегија за спротивставување на оружјето за масовно уништување“.
-Шеесет и седмата генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) одобри резолуција со која се бара итно враќање на АЕЦ Запорожје под контрола на Украина, соопшти украинското Министерство за енергетика, објавија украинските медиуми.
- Најмалку 52 лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во денешниот самоубиствен бомбашки напад на верски собир во пакистанската провинција Белучистан, соопштија полициски претставници.