• петок, 19 април 2024
МИА Флеш

1 јуни 2023 

- Во Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово денеска стапуваат во сила трите договори потпишани на 3 ноември 2022 година, во рамките на Берлинскиот процес - Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високо образовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти. Многу бргу се очекува влегување на сила на договорите и во останатите три држави потписнични, согласно завршените правни процедури кај нив - Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, соопшти МНР.

 - Триесетина истакнати полски и македонски филолози истражувачи денеска и утре ќе учествуваат на 11. Македонско-полска конференција која ќе се одржи на Шлезискиот универзитет во Катовице. Се чествуваат триесет и пет години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец. Како што соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје  (МСМЈЛК при УКИМ), на конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска.

- Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената,  санкционирани се 218 возачи. Од нив, три возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Како што соопштија од МВР, 163 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 55 надвор од населено место.

 - ЈСП Скопје соопшти дека поради верскиот празник Духовден, утре, петок (02.06.2023 год) и во сабота (03.06.2023 год) јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен, со исклучок на линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 51, 55, 55Б, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180 кои ќе сообраќаат по саботен возен ред. Во недела (04.06.2023 год) сите возила од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред.

– Во Киев пред неколку минути се вклучила тревога за воздушен напад. Во текот на изминатата ноќ Русија изврши напади врз Киев во кои загинаа три лица, меѓу кои и едно дете, а шест лица беа повредени.

 – Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на самитот на европските лидери во Молдавија, каде беше пречекан од молдавската претседателка Маја Санду. Зеленски и се заблагодари на Молдавија што ги прими Украинците кои бегаат од војната откако Русија ја започна својата инвазија. Молдавија прими над 700.000 бегалци од февруари 2022 година, а над 100.000 сè уште се во земјата, според податоци на ОН.

– Иран ја расчисти загриженоста за две исклучително важни прашања што ги покрена Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со високо збогатен ураниум и локацијата каде е пронајден вештачки произведен ураниум. Во последниот извештај на МААЕ, во кој имале увид некои светски агенции, има мало намалување на притисокот врз Техеран, кој значително го забрза развојот на неговата нуклеарна програма откако Вашингтон во 2018 година се повлече од договорот на Иран со светските сили.

- Шефот на шведската дипломатија денеска оцени дека неговата земја ги исполнила сите услови за членство во НАТО, апелирајќи до Турција и Унгарија да се откажат од противењето, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека наскоро ќе отпатува во Анкара по овој повод.

 

Остани поврзан