• петок, 19 април 2024
МИА Флеш

5 јуни 2023

-Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во Будва. Ова е последен министерски состанок во рамките на црногорското претседавање, пред преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, на 1 јули.

 - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на маргините на министерскиот ЕУ состанок на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), остварил средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.

-Премиерот Димитар Ковачевски за најавените разговори со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски в среда, рече дека оставил на опозициската партија да избере во кој формат ќе биде средбата. Кажа дека една од темите ќе биде носењето одлуки за европска интеграција на државата, а втората е активностите на сите политички чинители во државата во врска со односите со соседите.

-  Во Клубот на пратениците во среда ќе се одржи најавената средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, средбата ќе биде тет-а-тет. 

 - Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми гарантира изградба на 110-те најавени километри автопат на коридорите 8 и 10д за четири години и седум месеци, со новиот концепт и за проектирање и градба предвиден во Договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“. На новинарско прашање, Рустеми денеска потсети дека е променет моделот за изградба на патиштата поради повеќегодишното траење на изградбата на клучни инфраструктурни проекти.

– Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски денеска уште еднаш потврди дека се негативни резултатите од анализите за наводно присуство на резидуи од метали и тешки метали во овошјето и зеленчукот, како што соопшти опозицијата.  

-Според последниот извештај на Светскиот економски форум, ризикот од фрагментација на глобалната економија (деглобализација) е еден од трите најголеми глобални ризици, заедно со кризата на трошоците на животот и климатските ризици. Процесот на деглобализација може особено неповолно да делува на малите економии коишто по својата природа се повеќе зависни од надворешна трговија и пристап до надворешно финансирање. Ова беше дел од дискусијата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса којашто ја водеше директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, во рамките на конференцијата под наслов „Водење политики во немирни води: Јакнење на отпорноста на Централна, Источна и Југоисточна Европа“, во организација на Хрватската народна банка (ХНБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Конференцијата ја отвори директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, заедно со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ.

- Меѓународниот архивски совет од денеска до петок ја организира петтата Меѓународна недела на архивите (#IAW2023), која ќе биде во знакот на одбележувањето на јубилејот 75 години од формирањето на Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA) под покровителство на УНЕСКО, организација која ги обединува архивите и архивистите од целиот свет.

–  На Попова Шапка вчера се одржа петтото издание на трката во екстремно планинско трчање „Титов врв скајрејс“ на која во женска конкуренција победничката Елена Ртоска постави нов рекорд. Таа за три часа и 12 минути ја истрча патеката долга 20 километри од Попова Шапка до Титов врв и назад.

– Во рамки на залагањата на општина Дeбар за подобрување на условите за работа на Територијалната противпожарна единица, интензивно се работи на реализацијата на проектот за целосна реконструкција на објектот каде што е сместена единицата.

- Рударите од рудниците за јаглен во Федерацијата Босна и Херцеговина денеска организираа предупредувачки штрајк, незадоволни од доцнењето на исплатата на платите, најавувајќи генерален штрајк и протести доколку не се исполнат нивните барања. Работата во вкупно шест рудници беше прекината еден час, а рударите се одлучија на овој облик на протест за да се солидаризираат со колегите од рудникот „Зеница“ кои штрајкуваат од 25 мај.

 - Патничките и товарните возови во Индија денеска продолжија да сообраќаат на местото на најсмртоносната железничка несреќа во државата во последните децении, за која властите соопштија дека е предизвикана од неисправен систем за сигнализација. Возовите проаѓаат покрај остатоците од вагоните од несреќата што се случи во петокот вечерта кај градот Баласоре во источната индиска држава Одиша. Во несреќата животот го загубија најмалку 275 луѓе, а неколку стотици се повредени.

-Белгија ќе побара од Украина да ги објасни извештаите дека проукраинските сили користеле пушки од белгиско производство во борбите со руските војници на руска територија, изјави денеска белгискиот премиер Александар Де Кро. „Вашингтон пост“ во саботата објави дека диверзаните против Кремљ, кои во мај извршија прекуграничен напад од Украина во рускиот регион Белгород, користеле тактички возила доставени до Украина од САД и Полска и пушки произведени во Белгија и Чешка.

-Најмалку 15 лица загинаа, а осум се водат како исчезнати во поплавите и одроните на Хаити по обилните дождови, соопштија властите.

 – Русија денеска соопшти дека почнала да поморски вежби во Балтичкото Море, еден ден откако земјите-членки на НАТО ги почнаа годишните вежби на Балтикот. На вежбите на НАТО учествуваат 6.000 персонал, 50 бродови и повеќе од 45 авиони, а Финска првпат учествува како членка на Алијансата, соопшти американската морнарица.

 - Основачот на руската паравоена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, денеска изјави дека украинските сили повторно зазеле дел од населбата Берхивка, северно од Бахмут во источна Украина. „Сега дел од населбата Берхивка е веќе изгубен, војниците тивко бегаат. Срамота“, вели Пригожин во аудио пораката што ја објави неговата прес-служба.

- Десетдневните подготвителни разговори треба да почнат денеска во германскиот град Бон, шест месеци пред следната Светска конференција за климата во Дубаи. Набљудувачите веруваат дека преговорите ќе бидат особено тешки бидејќи Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), како домаќин на следната Светска климатска конференција, не се очекува да преземат какви било чекори за ставање крај на производството на енергија од нафта и гас.

Тагови

Остани поврзан