• среда, 17 април 2024
МИА Флеш

20 март 2023

- Стопанските комори треба да кажат зошто компаниите од прехранбената индустрија не го испочитуваа договорот за субвенционираната струја и не ги намалија цените за најмалку десет отсто како што беше предвидено, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

 - Цените на месните производи ќе бидат една од наредните мерки што ќе се анализираат, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој денеска, одговорајќи на новинарски прашања, ги поздрави компаниите од месната индустрија кои уште пред март, како што рече, почнаа да ги намалуваат цените.

-Ако собраниската Комисија за финансирање и буџет го блокира законот со кој треба да се намали цената на хигиенските влошки, донесена ќе биде времена мерка, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Економско-социјалниот совет попладне ќе одржи седница на која се очекува да расправа за Општиот колективен договор за јавен сектор и да започнат првичните разговори за Законот за плати во јавниот сектор.

 - Најслабата алка во справувањето со корупцијата ни е правосудсниот систем, очекувам исчекор од правосудството, а тоа го очекуваат и граѓаните, вели вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.

-Во рамки на серијата средби на министерот за надворешни работи, Бујар Османи со претставници од граѓанскиот сектор, на денешниот брифинг тој ги запозна невладините организации со значењето и придобивките од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, лансиран во јуни минатата година, во Вашингтон.

-Дизелот поевтинува за 1,5 денар, а бензините и екстра лесното за половина денар од ноќеска на полноќ, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Новата цена на литар ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 74 денари,  додека ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе се продава за 81 денар,  а ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе има цена од 83 денари.

-Од вкупно 137 држави, Северна Македонија се најде на 87 место на новиот извештај „Среќата во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите Нации. Според извештајот, нашата држава е на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.

- Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, утре ќе започне програмата за чествување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов, што е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО. По тој повод, ќе се обратат министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

-Руската претседателска администрација им порача на функционерите да престанат да користат ајфони на Епл поради загриженоста дека уредите би можеле да бидат осетливи на западните разузнавачки агенции, објави денеска рускиот весник „Комерсант“.

-Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Борел денеска изјави дека постигнатиот договор во Охрид ќе биде составен дел од европскиот пат на Србија и Косово, јави дописникот на МИА од Белград.

-Меѓународна донаторска конференција за поддршка на настраданите во земјотресите во Турција и Сирија ќе се одржи денеска во Брисел. На почетокот на февруари турско-сирискиот пограничен регион беше погоден од два силни земјотреси, при што загинаа повеќе од 50.000 луѓе, а милиони останаа без покрив над главата.

-Околу 43.000 луѓе починаа во текот на најдолгата суша во Сомалија минатата година, од кои половината беа деца. Тоа е првиот официјален податок за бројот на починати поради сушата што зафати големи делови од Рогот на Африка.

Остани поврзан