
28 септември 2023
- Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им го честита празникот, 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, на припадниците на бошњачката заедница во земјава.
- Дозволете од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од мое лично име, да Ви упатам искрени честитки по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците со желба празничниот ден да го поминете во добро здравје и расположение, во семејна благосостојба и напредок на Вашите најмили, истакна Џафери.
Тој нагласува дека тоа што бошњачката заедница е дел од нашето мултиетничко општество е еден позитивен влог повеќе во нашата заедничка држава.
- Северна Македонија ја ужива целосната поддршка на САД за нејзините стратешки политики за полноправно членство на земјата во ЕУ, рече заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, за време на неговиот престој во САД, каде се сретна со високи претставници на Стејт департментот, Департментот за трговија и Департментот за финансии на САД и со претставници на Светската банка и ММФ.
Битиќи посочи дека заеднички беше оценето дека европска интеграцијата не претставува само за усогласување со збир на политики, туку, како што рече, се работи и за прифаќање на иднина која ќе донесе многу повеќе можности за просперитет и напредок за секого во Северна Македонија.
-Во нашите европски аспирации кои ги зајакнуваат идеалите на демократијата и просперитетот имаме силна поддршка од Вашингтон, но одлуката дали ќе изградиме држава која ќе ги отелотворува европските вредности ќе треба да се донесе од пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи го потенцираше признанието и охрабрувањето на американските власти за забрзана енергетска диверзификација и транзиција кон обновливи извори.
- Нашата визија за европска и просперитетна Северна Македонија со модерна и квалитетна инфраструктура е невозможна без соработка и поддршка од стручната и академската фела, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред учесниците на 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции“, што се одржува од денеска во Скопје.
Да се биде дел од оваа стручна фела, потенцира министерот, е чест. Од професионален апсект, тоа е поле за натпревар на идеи. Од економски апсект, градежништвото поддржува 25 други стопански гранки. И затоа нашите програмски цели е да создаваме услови на континуитет на градежната експанзија во земјата, но притоа мора да понудиме нови знаења, нови стандардизирани норми и методи кои ќе ги прилагодиме во домашната легислатива, рече Бочварски.
Тој истакна дека во државава се реализира најголемата инвестициска политика во изградба и модернизација на инфраструктурата и оти е започната најголемата реформа во градежната дејност преку која се обезбедува високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите.
- Со коктел-забава како изненадување и мали подароци за патниците во заминување на првиот лет, ТАВ синоќа на Меѓународниот aеродром Скопје го означи стартот на новата редовна авио линија Скопје–Љубљана, на Wizz Air.
- ТАВ ја прославува оваа одлична пригода – воведувањето на новиот лет на Wizz Air на релација Скопје – Љубљана – Скопје. За оваа авиолинија имаше голема побарувачка, со оглед на тоа што има многу деловни патници, студенти и македонски иселеници кои често патуваат меѓу двата града, а речиси 4 години, од 2019 година досега, немаше директна авиоврска меѓу Скопје и Љубљана. Среќни сме што Wizz Air го препозна ова барање и веруваме дека нивните услуги ќе ги задоволат потребите на нашите патници. Воведувањето на оваа нова рута, исто така, ќе им служи и на рекреативните патници и ќе ги зајакне нашите врски со Словенија. Љубљана, со своето богато културно наследство и енергична атмосфера, беше мошне очекувана дестинација за патниците од Скопје. Би сакал да изразам искрена благодарност до WIZZ за нивната одлука да ја додадат оваа рута од нивната база во Скопје, со што ќе се зајакне регионалната поврзаност. Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на скопскиот аеродром, да обезбедиме беспрекорни аеродромски услуги и да создадеме трајни спомени при нивните патувања, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
- Министерството за внатрешни работи ги предупредува граѓаните да не наседнуваат на лажни електронски „судски покани“ во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), бидејќи станува збор за обид за измама во меѓународни рамки.
-Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на наводна покана за суд, примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија, егзибиционизам... Притоа, примачот на пораката се повикува да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци, се наведува во денешното соопштение од МВР.
Оттаму посочуваат дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ.
- Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава се приклучува со поддршка на глобалната иницијатива за одбележување на 28 Септември - Светски ден на борбата против беснило, кој под мотото ,,Сите за еден, едно здравје за сите,, се надоврзува на успехот на концептот „Едно здравје“ од 2022 година.
Како што информираат од АХВ, фокусот е ставен на соработката, еднаквоста и зајакнувањето на здравствените системи во борбата со беснилото, за постигнување на глобалната цел - нула човечки смртни случаи од беснило пренесено од кучињата до 2030 година (# ZeroBy30).
- „Отпорни конструкции“ е темата на најголемиот настан од областа на градежништвото во нашата држава во 2023 година - 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ) што денеска се одржува во Скопје.
Годинава се одбележува 60-годишнината од Скопскиот земјотрес, настан кој означува пресвртница во македонското, но и европското градежно конструкторство. Токму Симпозиумот на ДГКМ ќе овозможи рефлексија на целокупното стекнато и применето знаење во изминатите шест децении во областа на асеизмичкото проектирање, но и дискусија за предизвиците кои ни претстојат. Во фокусот на Симпозиумот ќе бидат и глобалните предизвици поврзани со климатските промени и ефектите кои тие ги имаат врз конструкциите, опфаќајќи ги концептите на робустност, приспособливост, одржливост, трајност, долготрајно менаџирање и доверливост на конструкциите.
– Деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски вели дека во овој момент не може да се оцени дали мостот Беласица во Скопје е безбеден за употреба или не и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
-Во однос на мостот Беласица и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не, рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.
- Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните ограни и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава денеска протестираат во Скопје со барање за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.
Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.
По почетокот на протестот од Синдикатот информираа дека се повикани на средба во Министерството за правда во 14 часот.
Упатија пораки за достоинствени плати и предупредија дека без нив не може да функционира судството.
- Новиот британски министер за одбрана Грант Шапс го посети Киев и се сретна со претседателот на Украина Володимир Зеленски, јави ДПА.
Посетата на Украина на Шапс, кој беше назначен да го замени Бен Валас на 31 август, беше потврдена во видео споделено од Зеленски на социјалната мрежа „Х“. На видеото се гледа средбата на британскиот министер со шефот на украинската држава во присуство на воени претставници на двете земји.
-Го примив британскиот министер за одбрана во Киев, објави Зеленски на „Х“. „Длабоко сум и благодарен на Британија за сета финансиска, хуманитарна и воена поддршка, вклучително и клучните оружја со долг дострел. Разговаравме за нашата понатамошна воена соработка и чекорите за зајакнување на одбранбените сили на Украина, додаде тој.
- Преодната влада на Буркина Фасо објави дека пред два дена бил спречен обид за државен удар против воениот лидер Ибрахим Траоре, не наведувајќи повеќе детали за инспираторите и подготвувачите на пучот.
Преодната влада ја информираше јавноста „дека разузнавачките и безбедносните служби спречија обид за државен удар на 26 септември 2023 година“.
Уапсени се полициски службеници и други лица кои стојат зад обидот за дестабилизација на државата, а потрагата по други сторители продолжува, се наведува во соопштението.
Владата го уверува народот дека ќе го расветли обидот за државен удар.
– Портпаролот на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, полковникот Андреа Галиени изјави дека мисијата нема испратено засилување на косовскиот север, по нападот врз полицијата на 24 септември во Бањска, кај Звечане, каде што еден полицаец беше убиен, двајца беа ранети, а тројца од групата од над 30 напаѓачи беа убиени, јави дописникот на МИА од Приштина.
Галиени за телевизијата АБЦ Њуз (ABC News) рече дека единиците на КФОР се посконцентрирани само во почувствителните области.
- Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ денеска изјави дека предвремените избори во главниот град на Србија најверојатно ќе се одржат на 17 декември, јави дописникот на МИА од Белград.
-Се ќе знае за неколку дена. Ако се одржат изборите на 17 декември, дали тоа е конечниот договор, ќе знаете за неколку дена. Има точно законски процедури кои ја условуваат таа одлука. За неколку дена ќе имате информации дали се договориме крајниот датум да биде 17 декември. И многу е веројатно дека ќе биде, а за неколку дена ќе знаете какви чекори ќе се преземат за да треба да ги спроведеме изборите на 17 декември, одговори Шапиќ на прашањето на Н1 кога ќе поднесе оставка доколку изборите се одржуваат на 17 декември и дали ќе оди на некоја друга тактика, како на пример колективна оставка на сите одборници во собранието на градот Белград.
- Нема засилување, војниците на КФОР се посконцентрирани само во почувствителните области, изјави Галиени.
Косовската полиција беше нападната од маскирана и вооружена група додека органите на редот се обидуваа да ги отстранат барикадите што беа поставени на патот во селото Бањске кај Звечане - една од четирите општини на север, населена со мнозинско српско население.
- Политичките партии во белгискиот Парламент се согласија за формирање парламентарна анкетна комисија што ќе ги истражува појавите на сексуална злоупотреба во Католичката црква, објави белгискиот весник „Њусблад“.
Претседателката на парламентарната Комисија за правда Кристиен Ван Варенберг информира дека ова прашање ќе се најде на комисиска седница следната среда.
- Предлогот за расправата ќе го ставам на дневен ред на Комисијата за правда. Важно е заедно да ја договориме истрагата, бидејќи резултатите од неа не смее да ги разочараат жртвите или нивните најблиски, објави Варенберг на социјалната мрежа X.
Како што објави „Брисел Тајмс“ за денеска е најавена и средба на белгискиот премиер Александер Де Кро и министерот за правда Винсент Ван Квикенборн со претставници на жртвите на сексуална злоупотреба од страна на свештеници.