
27 септември 2023
– Во изминатите две децении иницијативата САД-Јадранска повелба (А-5) се покажа како успешен регионален механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки, но и пошироко, оцени министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната 26. Конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).
- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, утре и задутре ќе учествува на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Советот на Европа, која што ќе се одржи во Даблин, Република Ирска. Во состав на делегацијата се и пратеникот Никола Мицевски и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
- Пратеникот Александар Николоски, како известител определен од Мониторинг комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од денеска до петок ќе учествува во мисијата за утврдување на фактите во Босна и Херцеговина.
- Северна Македонија годинава ќе забележи раст на Бруто домашниот производ (БДП) од 2 отсто, а во 2024 од 3 проценти, прогнозира Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновиот извештај за состојбата на економиите во регионот што го покрива.
- Северна Македонија ја ужива целосната поддршка од Соединетите Американски Држави (САД) во нејзините напори за членство во Европската Унија (ЕУ), и ова јасно беше кажано на средбите што ги имав во САД со претставниците на Одделот за трговија, Одделот за финансии, Светската банка, ММФ, но и Стејт департментот, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
– Министерството за финансии денеска го објави Проспeктот за првата емисија на зелени обврзници, нов инструмент на домашниот пазар на капитал.
- Намалување на трошоците и подобрување на ефикасноста на плаќањата, олеснување на прекуграничната трговија и инвестициите, се само дел од многукратните придобивки од Единствената европска платежна област (СЕПА), беше оценето на панел-дискусијата посветена на интеграцијата на регионалните платни системи за олеснување на трговијата и подготовка на земјите од Западен Балкан за евентуална интеграција во еврозоната, во рамките на Форумот на економските министри за Берлинскиот процес што се одржа во Тирана на кој учествуваа вицегувренерите на Народната банка, Ана Митреска и Фадил Бајрами.
- Зајакнувањето на сајбер безбедноста, особено во овој период, кога технолошката војна станува се пософистицирана и „по строга”, секој ден се претвора во предизвик, кој секогаш бара внимание, посветеност и соработка, порача министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу при учеството на семинарот „Сајбер дипломатија“ во Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ С. Маршал“ во Гармиш – Партенкирхен, Германија.
- Министерството за внатрешни работи информира дека утре со почеток во 9:00 часот, поради одржување на синдикален протест, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
- Реконструкција на улици, санирање на локални патишта, спортски терени, изградба на канализација и нов пешачки мост преку Вардар што може да го користат лицата со посебни потреби. Ова се вложувања што ги најави градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и напомна дека реализацијата на дел од овие инфраструктурни проекти е започната, а дел се во процес на подготовка.
- Словенија одлучи да воведе полициски контролни пунктови на својата територија во непосредна близина на граничните премини, вклучително и на границата со Хрватска.
– Полска би можела да воведе гранични проверки со Германија поради стравувањата од илегални мигранти, изјави доцна синоќа владиниот портпарол за Полсат њуз. - Полска вчера веќе воведе проверки на некои возила кои преминуваат во земјата од Словачка, а за кои има сомнеж дека превезуваат илегални мигранти, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Камински.
- Папата Франциск денеска го повтори апелот да се направи се за да се спречи загубата на животи на мигрантите кои се обидуваат да го преминат Средоземното Море. Тој на овонеделната генерална аудиенција рече дека е „сон и предизвик“ за Средоземното Море да го врати својот углед на расадник на цивилизацијата и мирот.
- Во текот на 2022 година, 24,7 отсто од децата на возраст под 18 години во ЕУ или речиси 20 милиони, биле изложени на ризик од сиромаштија или социјална исклученост, соопшти Европската статистичка служба – Евростат.
- Азербејџан загуби 192 војници за време на минатонеделната воена операција за враќање на контролата врз регионот Нагорно-Карабах, соопшти денеска Министерството за здравство.
– Ирак денеска прогласи период на национална жалост за жртвите од пожарот на свадбена веселба, во кој загинаа најмалку 114 лица, пренесе ДПА. Околу 200 луѓе се повредени во пожарот што избувна синоќа во градот Ал Хамданија во северната ирачка провинција Ниневија, изјави гувернерот Наџим ал Џабури.
Северна Кореја одлучи да го протера американскиот војник Тревис Кинг, за кој претходно беше соопштено дека признал дека илегално влегол во земјата, објави денеска севернокорејската агенција КЦНА.
- Ако детето често се жали дека е уморно или исцрпено, покрај недостатокот на сон, може да му недостасува и витамин Б-12 во телото, објаснуваат педијатрите. Тоа е клучен витамин што на детето првенствено му е потребен за создавање црвени крвни зрнца и ДНК.