• среда, 06 декември 2023
МИА Флеш

26 септември 2023

 

 

- Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска во Собранието изјави дека нема индиции дека ситуацијата во Косово од викендов може да влијае врз Северна Македонија. -Несомнено дека Северна Македонија од блиску ја следи ситуацијата во Косово, имајќи го во предвид фактот што сме полноправна членка на НАТО и директно инволвирани во мисијата на КФОР во Косово и од таму се следи од блиску состојбата. По однос на можното влијание врз Република Северна Македонија, секако дека институциите водат сметка за сите информации кои што би можеле да имаат влијание. Но, во моментот нема такви индиции дека би можело да има последици по Република Северна Македонија, рече Џафери и упати сочувство до косовските институции и семејствата на лицата кои го изгубија животот во инцидентите од викендов во Косово. Спикерот Џафери на брифингот со новинарите потенцира дека надлежните институции ја следат од блиску состојбата во Косово и според тоа ќе прерземаат мерки.

- Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Американскиот Стејт Департмент во Вашингтон, остварил со средба со Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетски ресурси. На средбата, соопштија денеска од владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи изразил благодарност за економската поддршка која Северна Македонија во континуитет ја добива од САД, пришто го информирал американскиот помошник државен секретар за активностите на Северна Македонија во делот на изградбата на гасниот терминал Александруполи, кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас.

– Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека тројцата руски дипломати кои неодамна беа протерани се лица кои работеле спротивно на дипломатските правила и се обиделе, односно сакале да се вмешаат во стратешки национални интереси на нашата држава. Таа на денешната прес-конференција во Скопје со словенечкиот министерот за одбрана, Марјан Шарец одговарајќи на новинарско прашање посочи дека стратешката цел на државата е членство во НАТО и ЕУ и дека секој кој ќе се обиде да го попречи тој пат не може да биде пријател на државата. -Што се однесува на последното протерување засега станува збор за лица кои работеле спротивно на дипломатиските правила, меѓутоа очигледно е дека со правилата согласно речникот на безбедносно - разузнавачките служби се обиделе или сакале да се вмешаат малку повеќе во стратешките национални интереси на нашата држава. Нашиот пат, патот на државата не само на оваа Влада, туку на државата во целина е многу јасен и многу пати досега сме изјавувале дека наша стратешка цел е членството во НАТО и ЕУ и секој еден кој ќе се обиде да го попречи тој пат не можеме да го сметаме за пријател, особено не ако тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите или кои било други субјекти во нашата држава, изјави министерката.

 – Судскиот совет на денешната 455 седница избра по тројца нови судии во Основниот граѓански суд Скопје и во Основен кривичен суд Скопје. За нови судии во Граѓански избрани се Ирена Митреска, Драгана Илиовска и Сања Томиќ-Велковски, додека во Кривичен избрани се Лилјана Миланова, Влатко Сековски и Надица Митревски. Станува збор за завршени кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители кои не беа избрани во првиот избор и се кандидати во вториот распишан оглас.  Членот на Комисијата за избор Миљазим Мустафа, посочи дека имало седум пријави за Граѓански и пет за Кривичен суд Скопје, меѓу кои и две од кандидати кои немаат завршено обука во Академија и не исполнуваат услови. 

- ВМРО-ДПМНЕ има еден систем на прочистување, на катарза, кој веќе неколку пати го прави и тоа е една од причините за опстојувањето на партијата како најсилна политичка партија. Тоа го правиме и сега, со случајот со поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, порача денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. -Преку глава им е на луѓето од договори зад завеса на политичарите. Македонија стана земја на теории на заговор во која луѓето повеќе веруваат во теорија на заговор затоа што политичарите од врвот ги хранеа тие теории со непринципиелните и нечисти договори зад завеса. На таа работа сакаме да и ставиме крај. Секако не е лесно и во сопствена политичка партија да го направите, но мора ако сакате партијата да е чиста и здрава, за да може како таква да ја направи Македонија здрава и чиста од криминал и корупција, изјави Николоски за емисијата за „Здраво Македонијо“ на ТВ Канал 5. Тој истакна дека приоритет е како после победата ВМРО-ДПМНЕ ќе влезе во идната влада, како и тоа дека е време ДУИ да оди во опозиција.

- ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи Предлог- одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, за која денеска почнува расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет. Ова денеска го изјави Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во прес-салата на Собранието.  - Формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на Буџетот до Собранието. Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението кое е во прилог е само 138 зборови, изјави Стојаноски.  Тој се осврна на дел од промените кои се содржани во Одлуката за прераспределба. Посочи дека се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра. Власта, како што рече, планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници. 

- Резултатите од монетарната политика што ја води Народната банка ги гледаме во забавувањето на инфлацијата, големата доверба во домашната валута, но и во умереното забавување на кредитната активност за да не се предизвика голем шок во економијата, истакнуваввицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, при гостувањето на „Блумберг Адрија“. Како што соопшти Народна банка, вицегувернерката посочила дека затегнувањето на монетарната политика се одвива со користење повеќе инструменти.

- Почнавме со затегнување во делот на ликвидноста, продолживме со постепено зголемување на каматните стапки, ги зголемивме капиталните барања на банките, воведовме претпазливи прагови во однос на потребните услови коишто треба да се исполнат за да се добие кредит, интервениравме кај задолжителната резерва, со цел поддршка на денаризацијата на билансите на банките, но и зајакнување на трансмисијата на основните монетарни сигнали, наведува вицегувернерката Митреска. – Поголем број возила на косовската полиција, на Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС, и на мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, се движат на раскрсницата на селото Бањска, каде што во неделата, на 24 септември, се случи оружан инцидент, во кој загина еден косовски полицаец и најмалку тројца од групата од над 30 вооружени и маскирани напаѓачи, јави агенцијата КосоваПрес од местото на случување. Според дописникот на КП, некои од возилата се враќаат кон тамошниот православен манастир, додека други продолжуваат кон граничниот премин со Србија, Јариње. Поголем број полицајци, како што пренесува МИА, од вчера се забележуваат долж целиот автопат Звечан - Лепосавиќ – Јариње во северно Косово. Исто така, хеликоптер на КФОР од време на време ја надгледува состојбата од воздух во тоа подрачје. Извори на КП информираат дека во околината на манастирот полицијата идентификувала уште едно возило во кое постои сомневање дека има оружје.

- Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска имаше состанок со амбасадорите во Белград на земјите од Квинта - САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и со шефот на делегацијата на Европската унија, при што побара КФОР да се грижи за „сите безбедносни прашања на северот на Косово наместо полицијата на Курти“, јави дописникот на МИА од Белград. Александар Вучиќ соопшти на Инстаграм дека во еден од најтешките моменти за Србија имал важен разговор со претставниците на Квинта. -Го повторив ставот на Србија за последните настани на Косово и Метохија и побарав КФОР да ја превземе грижата за сите безбедносни прашања на северот на Косово наместо полицијата на Курти, напиша Вучиќ на Инстаграм.

- Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ изјави дека е лага оти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, целата вина за крвопролевањето во Бањска ја префрлил на Србите од Косово и посочи дека премиерот на Косово, Албин Курти е исклучиво и единствен виновник, јави дописникот на МИА од Белград. Таа доцна синоќа на Инстаграм напиша дека штотуку ја завршила средбата со претседателот Вучиќ, на која се разговарало за мерките што треба да се преземат и што може дополнително да се направи за српскиот народ на Косово. Сепак, како што изјави, „она што е особено тешко во вакви страшни моменти е тоа што ниедна трагедија не може да не обедини“.

- Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во интервју за подгорички „Вијести“ изјави дека не смета дека кој било субјект однапред треба да биде исклучен од учество во новата влада, вклучително и коалицијата за иднината на Црна Гора (ЗБЦГ). „На принципиелно ниво не можам да прифатам ниту еден политички субјект кој ја добил довербата на одреден број граѓани, вклучително и ЗБЦГ, да може однапред да биде исклучен од учество во власта. Тоа би било враќање во недемократскиот политички амбиент пред август 2020 година и сигурен сум дека во изминатите три години направивме значајни чекори во демократското созревање на општеството. Заклучувајќи врз основа на медиумските извештаи, беа одржани значителен број состаноци меѓу претставниците на ЗБЦГ и мандаторот Спајиќ. Добивме впечаток дека конечниот договор не е постигнат поради несогласувања за степенот на застапеност на таа коалиција во идната влада, а не поради различни видувања на програмските приоритети“, изјави Милатовиќ за „Вијести“.

– Досегашниот претседател на пратеничката група на СИРИЗА, Сократис Фамелос, избран по оставката на Алексис Ципрас, ќе остане на неговата позиција, како што соопшти новиот лидер на партијата за време на средбата што ја имаа, јави дописничката на МИА од Атина.  Стефанос Каселакис денеска се сретна со Фамелос во грчкиот Парламент, а двајцата истакнаа дека имаат многу работа пред нив, но и одговорност кон гласачите од СИРИЗА.

- Австрискиот канцелар Карл Нехамер отворено го отфрли брзиот пристап на Украина во Европската унија, но го поддржа влезот на земјите од Западен Балкан во блокот, наведувајќи го влијанието на Кина, која, како што рече, развива се посилно присуство во регионот. Нема да има „брза процедура“ за влез во ЕУ за земји како Украина, рече Нехамер во својот говор на Европскиот самит во Салцбург во неделата вечерта, објави локалниот весник „Кронен цајтунг“. „Треба да има рамноправни услови за игра бидејќи Европската унија, исто така, мора да се сфати сериозно преку рамката за членство што ја поставува за себе“, рече Нехамер. Тој додаде дека Виена ќе остане „силен и сигурен партнер на земјите од Западен Балкан во постигнувањето еднакви услови за членство во ЕУ“.

- Русија се бори со оружје во Украина, а со зборови - во остатокот од светот, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова. Таа рече дека големите онлајн платформи се борат против ширењето дезинформации, но дека нивните напори засега не се доволни. Според неа, платформата Икс (поранешен Твитер) води со најраспространети дезинформации по повлекувањето од регулативата на ЕК за доведување големи компании на Интернет. „Платформите треба да имаат предвид дека се води војна против нас во информативниот простор“, рече Јурова. Таа додаде дека Мајкрософт, Мета, Гугл, Линкедин и ТикТок, кои се меѓу 44-те компании што ги потпишаа правилата,доставија нови извештаи за да се спротивстават на дезинформациите во изминатите шест месеци.

- Канадскиот премиер Џастин Трудо на прес за новинарите синоќа изјави дека е „многу вознемирен од ситуацијата“ со поздравувањето во парламентот на Канада на украински ветеран од Втората светска војна, кој беше претставен како херој од војната на Украина против Русите, но всушност бил припадник на германска СС дивизија. Трудо кажа дека спикерот на парламентот Ентони Рот, чиј кабинет го поканил воениот ветеран, „ја призна својата грешка и се извини“. Поради инцидентот Полска побара извинување од канадското МНР. Русија испрати протестна нота.  -Мислам дека е најважно да настапиме против руската пропаганда, руската дезинформација и да продолжиме со нашата цврста и безусловна подршка за Украина, рече канадскиот премиер.  Скандалот со поканата во канадскиот Парламент на Јарослав Хунке, кој за време на Втората светска војна служел во составот на дивизијата „Галиција“ на СС се случи во петокот за време на заседание на парламентот во присуство на украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој се обрати на заседанието. 

 

 

Тагови

Остани поврзан