• петок, 29 март 2024
МИА Флеш

1 јуни 2023 

-  Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека „замрзнатите“ цени на основните производи веќе нема да важат, но ако се забележи дека има нивно вештачко зголемување, инспекциите, рече, веднаш ќе реагираат.

-Во однос на цените на прехранбените производи, утврдено е дека речиси сите се намалени согласно владините мерки кои се носат една година. Да, мерките веќе нема да важат, но јас наведов и во моментот кога објавивме дека нема да ги продолжиме мерките, ако одредена компанија, и ова јавно го кажувам, одреден сектор вештачки се обиде да ги зголеми цените се знае дека институциите ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас сум имал разговори, повеќето од разговорите ги направиле моите служби или мојот тим каде што тие кажале дека во спротивно за одредени производи би можело да има и намалување. Во тоа дека резултат даваат мерките на Владата не се повикувајте на податоците на институциите на Владата, на тие тоа што го кажуваме, еве, повикајте се на Германскиот завод за статистика кој ги објави податоците за тоа како Македонија се справува со делот на цените со прехранбените производи, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста".

- Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Кишињев, Молдавија, за време на Самитот на Европската политичка заедница, се сретна со премиерот Димитар Ковачевски, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, албанскиот премиер Еди Рама и српската членка на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељка Цвијановиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Тема на разговорот беа актуелните настани и натамошните чекори кои би придонеле за изнаоѓање решение за актуелната тешка и сериозна состојба.

- Топло добредојде од претседателката на Молдавија, Маја Санду, на вториот Самит на Европската политичка заедница кој нѐ собира сите на исто место во вистински момент, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил.

- Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но, исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со истите, доколку сакаме да имаме успех, објави Ковачевски.

Како земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и фактор на стабилност во регионот, напиша на фејсбук Ковачевски, посветени сме и ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок.

- Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема никаква алатка в раце со која може да ги натера институциите и службените лица да ги почитуваат иницијативите и мерките. Употребата на европско знаме, носење закони по скратена постапка, носење специјални закони што ги негираат сите други закони е политичката корупција што ни се случува. Во овој случај Комисијата само ќе укаже дека има некоја слабост и на крајот пак тоа продолжува. Појдовна точка е дека ваквиот закон со злоупотреба на политичка волја е спротивно на европските стандарди, рече членот на ДКСК, Нури Бајрами во одговор на прашање до каде е работата со предметот за договорот со „Бехтел и Енка“.

Според него, вакви закони можат да продуцираат се и сешто.

– Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изрази надеж дека состанокот на речиси 50 европски лидери во Молдавија ќе испрати „силна порака“ до Русија.

Самитот, кој се одржува во молдавскиот град Булбоака, на околу 20 километри од украинската граница, треба да покаже дека Европа е обединета во одбраната на меѓународниот поредок, рече тој.

-Важно е оваа порака да стигне до Русија, рече Борел пристигнувајќи на состанокот на кој не се поканети Русија и Белорусија.

- НАТО не може да разговара за нови членки кои би се приклучиле на алијансата а се во војна, изјави денеска германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.

Руската инвазија врз Украина „дополнително ја интензивираше соработката“ меѓу НАТО и Украина, рече Бербок, нагласувајќи дека Алијансата има политика на отворени врати за прием на нови членки.

Баербок истакна дека приемот на Финска од НАТО и „се надева наскоро“ влезот на Шведска во Алијансата го нагласуваат овој принцип.

- Сите сојузници на НАТО се согласуваат Украина да стане членка на алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

- Сите сојузници се согласуваат дека Москва нема право на вето за проширување на НАТО. Напредуваме, сојузниците се согласуваат Украина да стане членка, изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.

- Хрватска од денеска ќе го преземе претседавањето со Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион (EUSAIR), политичка рамка со 10 земји-учеснички, која првпат од нејзиното основање во 2014 година ќе се занимава со прекугранични социјални прашања.

Хрватска, која беше напуштена од 400.000 жители по влезот во ЕУ пред десет години, оваа тема ја иницираше со земји со иста демографска судбина.

Минатата недела во Сараево се одржа министерски форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранскиот и Јонскиот регион. Тоа е политичка рамка во која Европската комисија игра советодавна улога, а во неа учествуваат четири членки на Европската унија (Хрватска, Словенија, Италија и Грција) и БиХ, Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Сан Марино.

 – Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на самитот на европските лидери во Молдавија, каде беше пречекан од молдавската претседателка Маја Санду.

Зеленски и се заблагодари на Молдавија што ги прими Украинците кои бегаат од војната откако Русија ја започна својата инвазија. Молдавија прими над 700.000 бегалци од февруари 2022 година, а над 100.000 сè уште се во земјата, според податоци на ОН.

- Украина денес ја чува Молдавија безбедна, и ние сме многу, многу благодарни за тоа, рече Санду по кусата средба со Зеленски, чија земја се наоѓа меѓу поранешната советска република Молдавија и Русија.

- НАТО е подготвен да распореди уште повеќе војници во Косово за да го задуши насилството на етнички поларизираниот север, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, додавајќи дека првото засилување од 700 војници е на пат натаму.

- НАТО ќе остане буден. Ќе бидеме таму за да обезбедиме безбедна и заштитена средина, но и да ги смириме и намалиме тензиите, изјави Столтенберг на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло.

Немирите во северно Косово се интензивираа откако албанските градоначалници ја презедоа функцијата во областа со мнозинско српско население по изборите во април кои беа бојкотирани од Србите.

 

Остани поврзан