• вторник, 23 април 2024
МИА Радио флеш

26 мај 2023

 - Тука сум за да се осигуриме дека САД праќаат навистина силна порака до нашите партнери и до вашите партнери во Собранието, пратениците, како и до луѓето во Северна Македонија. Ние ја поддржуваме вашата одлука да се приклучите кон ЕУ и ве повикуваме да ги преземате потребните чекори за да го овозможите ова проширување. Ако Северна Македонија тргне по друг пат, ако одлучи против овие уставни измени, тогаш ќе се тргне од патот кон ЕУ, а ќе биде и многу загрижувачки чекор за членките на НАТО, оние кои сакаме да ги браниме врз основа на нашите вредности. 

Ова го истакна сенаторот Крис Марфи, член на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат по средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата. 

-Сите оние лаги, хистерии што се прават во медиумите, целото тоа кочење кое што се обидувате да го правите за жал не даде никаков резултат освен што фрла дамка врз најголемиот светски конзорциум кој што не само што има изградено во регионот најголеми патишта, туку и пошироко од регионот, рече Ковачевски.

Премиерот не одговори на прашањето на пратеникот Бојан Стојановски за тоа дали е точно дека платите на четворица консултанти за коридорите се по 35.000 евра. 

- Во текот на минатата година се покажа колку е важно да се има знаење и посветеност во делот на енергетскиот сектор. Планот даде резултати и енергетската криза ја претворивме во можност, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.

- Пред само 12 месеци глобалната светска економија беше практично пред колапс заради војната во Украина и заради недостигот на енергенси на европскиот континент. Кај нас струјата, бензинот, парното, храната..., не беа во недостиг и немаше никакви рестрикции. Ги заштитивме и компаниите и граѓаните. Го донесовме најголемиот пакет на антикризни мерки за најранливите категории на граѓаните и за одржување на ликвидноста на компаниите во износ од 760 милиони евра, најголем според податоците на Светска банка од сите земји во регионот, рече Ковачевски во одговор на пратеничко прашање поставено на денешната собраниска седница.

 - Процесот на реформи и нивното импелемнтирање треба да се движи  многу брзо. Динамиката на спроведувањето реформите не е толку брза како што ние би сакале. Што се однесува до уставните измени прво што треба да се направи е да се демистифицира сиот тој процес. Со самото придвижување напред, вашата земја не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту пак историјата, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир при денешната посета на Крушево.

На новинарското прашање за процесот на реформите и за процесот на уставните измени, евроамбасадорот Гир рече дека живееме во извонреден момент во историјата на целиот свет, поради војната што се случува во Украина, која всушност значи засилување на процесот на проширување на Европската унија. Земјата, според него, има огромна можност и можноста што се нуди не треба да се прошушти. 

- За нас како НАТО сојузник од исклучителна важност е фактот дека Алијансата е обединета и зборува во еден глас за потребата од враќање на мирот и стабилноста на континентот и само ако сме заедно и здружени можеме да најдеме решенија за сите безбедносни предизвици. Затоа без никаква задршка го поддржавме членството на нашиот најнов сојузник Финска во Алијансата, исто како што даваме полна поддршка за членството на Шведска во НАТО, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот состанок со началникот на штаб на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции, адмирал Јоаким Риле. 

- ССМ и СГИП, се сериозно загрижени од информациите дека владејачкото мнозинство во Собранието ќе ги донесе брзите измени од пакет законите меѓу кои и Законот за работните односи. За таа цел најостро се спротиставуваме на намерата, по завршувањето на 116 седница посветена на пратенички прашања, за кога е закажана и планира да ја започне 115 седница на Собранието за да го помине Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка и да го воведе 72 часовното неделно работно време и на тој начин во македонската историја да биде испишан црн петок на кој се погази човечкото и работничкото достоинство. 

- Дванаесет странски универзитети од 11 земји бараат професори по бугарски јазик и литература. Во 12 странски универзитети од 11 земји, распишана е постапка за избор на наставници по бугарски јазик и литература за следната академска година. Слободните позиции се во две високи училишта во Словачка и во по едно во Франција, Кина, Грција, Германија, Унгарија, Полска, Романија, Словенија, Ерменија и Хрватска, соопшти прес-центарот на Министерството за образование и наука (МОН) 

- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Ден Шехтман, добитникот на Нобелова награда за хемија во 2011 година, кој престојува во посета на нашата држава во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.

„На средбата се разговараше за светските трендови во природните науки, за глобалните економски текови, како и за потребата од насочување на националните политики кон поддршка на иновациите и технолошкиот развој. Нобеловецот Шехтман ги искажа своите размислувања за предизвиците на научната мисла во денешницата, а се осврна и на неговата богата научна работа. Тој го запозна претседателот Пендаровски со најважните моменти од кариерата и истражувањата на квазикристалите поради што му е доделена Нобеловата награда за хемија во 2011 година“, информираат од кабинетот на претседателот.

- Дигитализацијата и подобрување на квалитетот на услуги е наш главен приоритет, истакна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, кој денеска присуствуваше на настан организиран од Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) на тема: „Северна Македонија – денес и утре“, што се одржа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа.

- Директорот на Медиумската информативна агенција (МИА) Драган Антоновски и директорот на Федералната новинска агенција (ФЕНА) од Босна и Херцеговина, Елмир Хуремовиќ, разговараа денескa во Сараево за продолжување и продлабочување на долгогодишната соработка помеѓу двете медиумски куќи и за заедничката борба против лажните вести. 

- Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се зголемуваат за 2,00 денара по литар, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V),  Екстра лесното масло за домаќинство  (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС остануваат непроменети, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.  

 - САД не се во војна со Русија, изјави синоќа американскиот министер за одбрана Лојд Остин на брифинг во одговор на загриженоста дека американски воени возила наводно биле употребени од милитантите кои нападнаа пограничен регион на Русија во понеделникот, што би било причина Москва да ги вовлече САД директно во војната. 

– Десетици припадници на косовската специјална полиција со џипови пристигнаа до зградите на локалната самоуправа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан, а Срби, вработени во тие општини, се собраа пред влезовите во зградите, пренесе Бета.

Во Звечан се слушнале истрели, а запленето е полициско возило, јавува РТС. Ситуацијата ескалирала по дискусија меѓу граѓани и припадници на косовската полиција во Звечан, а се слушале и пукотници.

„Во неколку наврати се фрлаа солзавец и шок-бомби. После тоа граѓаните побегнаа. Потоа повторно се обидоа да се вратат пред зградата на општината, а полицијата со пушки се движеше кон општината, се слушна шок бомба“, пренесува Радио Контакт Плус.

– Европска Унија и фармацевтската компанија Фајзер и БиоНТек денеска постигнаа договор за измена на договорот за набавка на вакцини против Ковид-19.

Договорот е постигнат по повеќе месеци преговори, со кој се намалува количината што ЕУ мора да ја купи и пролонгирајќи го рокот за испорака до 2026 година. Други детали од Договорот не се познати.

Оригиналниот договор беше потпишан во мај 2021 година и ја обврза ЕУ да купи 900 милиони дози вакцини од Фајзер и БиоНТек, со опција за дополнителни 900 милиони до крајот на 2023 година.

Остани поврзан