• четврток, 19 јуни 2025
МИА Радио флеш

14 мај 2025 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, Општина Аеродром, соопшти владината прес-служба.

Површината на спортската сала е 650 метри квадратни, а вредност на инвестиција изнесува 31.989.202 денари, средства обезбедени од Министерството за образование и наука.

Предвидено е премиерот Мицкоски да даде изјава за медиумите.

Скопје - Собранието денеска треба да одржи ја 48. седница, како и продолжение на 47. Дополнетиот предлог на закон за енергетика, во второ читање,  е на дневен ред на 48. седница на која ќе се одлучува и за Предлогот за разрешување и именување на претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување.

За предлог законот за енергетика во текот на комисиската расправа беа прифатени 61 амандман од пратеници од сите пратенички групи. Главни придобивки од законот, според Министерството за енергетика се либерализиран, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, што ќе значи поголем избор и пофер цени за потрошувачите, како и воведување на паметни броила, што овозможува  прецизно мерење на реалната потрошувачка на електрична енергија и увид на  крајниот потрошувач во својата потрошувачка на електрична енергија на дневна основа. Исто така, поддршка за нови концепти како граѓански енергетски заедници и модели на активно управување со побарувачката, зголемена пазарна ликвидност и пристап до повеќе извори на снабдување за стопанството и подеднаква можност за инвестиции на сите и инфраструктурна стабилност, преку инвестиции во системи за складирање и дигитализација на системите.

Скопје - Средни стручни училишта на Град Скопје ќе ги претстават своите струки и профили пред деветоодделенците од Аеродром на настан во Основното училиште „Блаже Конески” во таа скопска општина.

Целта е подобрување на имиџот на стручното образование и потикнување на младите да се запишуваат во средните стручни училишта и да ги изучуваат занаетчиските занимања кои нудат перспектива и вработување.

Во соработка со Занаетчиската комора Скопје, струките и профилите кои ги нудат за упис во средно образование на штандови ќе ги претстават стручните училишта: „Боро Петрушевски“, „Михајло Пупин“, „Димитар Влахов“, „Георги Димитров“, „Марија Кири Склодовска“, „Шаип Јусуф“, „Владо Тасевски“, „Кочо Рацин“, „8 Септември“,  „Здравко Цветковски“ и „Браќа Миладиновци“.

Тетово - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска ќе присуствува на отпочнување на реконструкцијата и проширувањето на примарната водоводна мрежа во населбата Вонвардарска во Тетово, соопшти неговиот кабинет.

Реконструкцијата и проширувањето е во должина од 2600 метри, инвестиција од над 15 милиони денари, која е дел од проектите финансирани преку потпрограмата АА - Инфраструктурни проекти во општините за 2024 година од страна на Владата.

Скопје - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во седиштето на НАТО во Брисел ќе учествува на конференцијата на Воениот комитет на Северноатлантската алијанса во формат на началници на генералштабови.

Воениот комитет, со кој ќе претседава адмирал Џузепе Каво Драгоне, ќе го отвори генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ќе ги изнесе клучните приоритети и предизвици со кои се соочува Алијансата, соопшти ГШ на Армијата.

На конференцијата, покрај претставниците од 32-те земји членки на НАТО, ќе присуствуваат и командантите на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа и Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација.

Конференцијата ќе се одвива во неколку сесии, а на дел од нив генералот Лафчиски ќе има обраќања.

Скопје - Специјалната претставничка на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Дама Карен Пирс, денеска ќе ја оствари својата прва официјална посета на Северна Македонија. Како што најавија од британската Амбасада, Карен Пирс ќе се сретне со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Африм Гаши и со министерот за одбрана Владо Мисајловски. 

- Целта на посетата е да се потврди силната посветеност на Обединетото Кралство на евроатлантската интеграција на Северна Македонија, да се зајакнат економските и трговските врски и непосредно да се соработува во однос на нашите заеднички вредности за промовирање на меѓународниот мир и безбедност во Западен Балкан. Ние ќе продолжиме да бидеме близок партнер и силен сојузник на Северна Македонија во НАТО, се наведува во соопштението.

Белград - Дваесет и шест пратеници од британскиот Парламент побараа значителна промена во пристапот на надворешната политика кон Србија по присуството на претседателот Александар Вучиќ на воената парада во Москва на 9 мај, јавија српски медиуми.

„Му напишав писмо на министерот за надворешни работи, барајќи значителна промена во пристапот на нашата надворешна политика кон Србија, по присуството на претседателот Вучиќ на воената парада во Москва на 9 мај. Писмото го потпишаа уште 25 парламентарци“, објави на Х пратеничката на британскиот парламент Ема Левел.

Во писмото, меѓу другото, се наведува дека Србија под водство на Александар Вучиќ ги зајакнала врските со рускиот претседател Владимир Путин, „особено како единствена земја-кандидат за ЕУ ​​што не вовела никакви санкции кон Русија и покрај ужасните злосторства извршени против Украина од 2014 година“.

Атина – Во морскиот дел јужно од грчките острови Касос и Родос, кусо пред 2 часот по полноќ, беше регистриран земјотрес со јачина од 6,1 степен, а од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака со предупредување за можно цунами и побарано од граѓаните веднаш да се оддалечат од крајбрежјето, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјотресот беше почувствуван како на Родос и Касос, така и на Крит, без при тоа да предизвика материјална штета.

Претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита на Грција Ефтимиос Лекас за државната телевизија ЕРТ рече дека конкретниот земјотрес не е поврзан ниту со оние во близина на Санторини, ниту со оние во Турција и нагласи дека нема потреба од загриженост.

Тирана - Украинскиот претседател Володимир Зеленски  на албанскиот премиер Еди Рама му ја честиташе „победата на изборите и обезбедениот четвртиот последователен мандат".

Во објава на Платформата Х, Зеленски му посакува успех во служба на народот, притоа истакнувајќи дека се "радува на натамошно зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји".

„Честитки до Еди Рама и Социјалистичката партија за убедливата победа на изборите. Ви посакувам успех во служба на албанскиот народ", пишува тој.

Додава дека го цени ставот на Рама за потребата од траен мир за Украина.

Брисел - Зајакнувањето на безбедноста и зголемувањето на трошоците за одбраната ќе бидат главни теми за дискусија на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што денеска и утре ќе се одржи во турскиот град Анталија. 

Состанокот почнува доцна попладнево, по што ќе следи вечера што за неговите колеги ќе ја организира домаќинот на собирот, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.  

Работниот дел од состанокот е предвиден за утре, кога министрите ќе го одржат неформално заседание на Северноатлантскиот совет, со кое ќе претседава генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. 

Брисел – Во моментов сме најблиску досега до ставање крај на војната во Украина и прекин на борбите, посочува американски дипломат, нагласувајќи дека веројатно никој нема да биде задоволен од никаков договор за прекин на огнот за кој ќе се согласат Москва и Киев, но дека сите се согласуваат оти мирот е многу подобар од војната. 

- Она што е потребно во овој момент е двете страни да се сретнат и да преговараат за траен мир. На масата е се она што е потребно, но двете страни ќе мора да се согласат. И состанок што може да се случи в четврток навистина е најохрабрувачкото нешто што го имавме во последниве три години од оваа бескрајна и навистина непотребна војна. Но, во исто време, таа треба да заврши. Треба да имаме мир во Европа и треба да се осигураме дека борбите ќе престанат, наведува дипломатскиот извор. 

Брисел - Заврши времето на хипотетички крстопати и сега останува само еден пат и тоа кон поинаква Европа, која е пореална, посамокритична, насочена кон поддршка на своите индустрии, со помалку регулативи и со повеќе иновации, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќање на настанот насловен „Европа на крстопат“, што се одржа во зградата на ЕП во Брисел. 

- Ни треба решителност, политичка храброст, да покажеме дека се уште сме континент во подем. Да докажеме дека сме отворени за бизнис. За идеи. За нови начини за справување со старите проблеми. Така им пркосиме на циниците и ги победуваме оние кои се решени да видат како Европа пропаѓа, истакна Мецола. 

Париз – Претседателот на Франција, Емануел Макрон синоќа изјави дека војната мора да заврши и оти Украина мора да биде во најдобра можна позиција за да отпочне преговори.

- Не сакаме да почнеме трета светска војна. Прекинот на огнот е тоа што овозможува најдобра хуманитарна ситуација и почеток на разговори што ќе овозможат решавање на територијалните прашања, изјави Макрон за ТФ1.

Тој најави дека санкциите воведени од западните сојузници би можеле да бидат применети „во следните неколку дена“.

Луксембург – Европскиот суд денеска ќе донесе одлука дали Европската комисија била во право кога одби да ги објави текстуалните пораки меѓу претседателката Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на производителот на вакцини „Фајзер“ Алберт Бурл.

Тужбата ја поднесе „Њујорк Тајмс“ и нивната новинарка Матина Стивис-Гриднеф, тврдејќи дека Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност откако одби да ги предаде пораките по поднесеното барање.

Според „Њујорк Тајмс“, личниот контакт меѓу Фон дер Лајен и Бурл бил клучен за постигнување договор за милијарди евра за набавка на вакцини против Ковид-19 на врвот на пандемијата.

Во пролетта 2021 година, Комисијата, во име на 27-те земји членки на ЕУ, склучи договор за до 1,8 милијарди дози вакцини во вредност до 35 милијарди евра.

Москва – Најмалку 16 луѓе се повредени во синоќешните украински напади со дронови врз Белгордската област, објави губернерот Вјечеслав Гладков на Телеграм.

Тој додаде дека помеѓу повредените има и еден лекар и еден болничар. Осум повредени се хоспитализирани.

Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека армијата синоќа уништила 12 беспилотни летала лансирани од Украина, од кои три над Белгородската област. Но, во соопштението од руското МО не се наведува колку вкупно дронови биле лансирани од украинска територија.

Дамаск - Градовите во Сирија беа исполнети со славје доцна синоќа, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека американските санкции против Сирија ќе бидат укинати, пренесе ДПА.

Спонтани улични прослави и колони од автомобили се одвиваа во големите градови, при што сириските граѓани вееја знамиња и скандираа на плоштадите. Укинувањето на санкциите следува по посредничките напори што ги водеше саудискиот престолонаследник, принц Мохамед бин Салман.

Пораки на благодарност и честитки брзо се проширија на социјалните мрежи, одразувајќи го националното чувство на олеснување.

Газа – Најмалку 29 луѓе загинаа, а десетици се повредени во израелските воздушни напади врз северниот и јужниот дел на Појасот Газа, соопшти утрово палестинската Цивилна одбрана.

Израел во зората го нападна бегалските кампа во Џабалија и во Кан Јунис.

При нападот врз Џабалија загинаа најмалку 25 луѓе, а четворица настрадаа при нападот врз Кан Јунис.

Њујорк – Директорот на службата на ОН за хуманитарна помош, Том Флечер, планот на Израел за дистрибуција на помош во Појасот Газа, го оцени како „цинична споредна претстава, намерно одвлекување на вниманието, смоквин лист за понатамошно насилство и раселување“.

Тој, пред Советот за безбедност на ОН, посочи дека повеќе од 10 недели во Појасот Газа не е дистрибуирана храна, лекови, вода или шатори.

- Можевме да спасиме стотици илјади преживеани. Имаме строги механизми за да осигуриме дека нашата помош ќе стигне до цивилите, а не до Хамас, но Израел ни го негира пристапот, ставајќи ја целта за депопулација на Газа пред животите на цивилите, наведе Флечер.

Според него Израел, кој од 2 март ја блокира помошта за Појасот Газа, „намерно и бездушно“ создава нехумани услови за цивилите во палестинската енклава.

Вашингтон – Федералната судијка во американската држава Пенсилванија, Стефани Хејнс пресуди дека САД можат да го користат Законот за странски непријатели, донесен во 1798 година, за да ја забрзаат депортацијата на наводните членови на венецуелските банди, но мора да ги известат најмалку 21 ден однапред и да им дадат можност да ја оспорат депортацијата.

Судијка Хејнс наведе дека претседателот Доналд Трамп има право да ја прогласи венецуелската банда „Трен де Арагва“ за терористичка организација и да ги депортира нејзините членови според законот од 1798 година.

Хејнс, именувана за време на првиот мандат на Трамп, е првиот судија што ја поддржува интерпретацијата на администрацијата на Трамп на Законот за странски непријатели. Трамп во март се повика на тој закон како правна основа за депортирање стотици мажи што неговата администрација ги обвини дека се членови на бандата „Трен де Арагва“.

Сана – Јеменските бунтовници Хути синоќа го нападнаа аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, поради што привремено се стопирани сите летови, јави јеменската телевизија Ал Масира.

Портпаролот на движењето Ансар Алах, како што се нарекуваат Хутите, Јахја Сари потврди дека за нападот врз аеродромот во Тел Авив употребени се хиперсонични балистички ракети.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, Хутите лансираат ракети и дронови кон цели во Израел и нападнаа повеќе од 100 бродови во Црвено и Арапско Море, теснецот Баб-ел-Мандеб и Аденски Залив, во знак на поддршка со Палестинците. Поради нападите на Хутите нарушен е глобалниот транспорт, а компаниите се принудени да бараат подолги и поскапи рути околу јужна Африка.

Ријад - Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ќе ги укине санкциите против Сирија, пред очекуваната средба со нејзиниот лидер Ахмед ал-Шара, јави Би-Би-Си.

Трамп се согласи да се сретне со привремениот претседател на Сирија денеска во Саудиска Арабија, како дел од неговата турнеја низ Блискиот Исток, соопшти Белата куќа.

Најавата за укинување на санкциите беше пречекана со еуфорија во сирискиот главен град Дамаск, каде што се слушаа весели повици, танци и свечено пукање во воздух.

Санкциите, кои претходно го блокираа секое странско финансирање, вклучително и помош, беа наметнати со цел да се изврши притисок врз диктатурата на сега симнатиот од власт претседател Башар ал-Асад.

Лима - Перуанскиот премиер Густаво Адрианзен поднесе оставка пред гласањето за доверба во парламентот.

Адрианзен, кој ја извршуваше функцијата од март 2024 година, ја достави оставката на претседателката Дина Болуарте и на министрите, покажуваат снимките од седиштето на владата.

Денеска се очекуваат нови протести против непопуларната претседателка Болуарте, додека криминалните организации во земјата ја зголемуваат својата активност, наведуваат локални медиуми.

Пратеници и од левицата и од десницата повикаа на смена на премиерот, кој е близок сојузник на претседателката, поради недостиг на резултати во политиката на владата против зголемениот криминал, и покрај испраќањето на армијата за поддршка на полицијата на улиците.

Пјонгјанг - Лидерот на Северна Кореја (КНДР), Ким Џонг-ун, присуствуваше на комбинирани тактички вежби на специјалните сили и тенковските единици, нагласувајќи дека најважната задача на вооружените сили на земјата е целосната подготовка за војна, пренесе јужнокорејската агенција Јонхап.

Корејската централна телеграфска агенција (КЦТА) соопшти дека комбинираните тактички вежби на специјалните сили и демонстрацијата на заеднички огнени удари на тенковските единици се одржале претходниот ден.

„Нашите револуционерни вооружени сили сега се одговорни за неколку фронтови, но најважниот меѓу нив е антиимперијалистичкиот класен фронт, а целосната подготовка за војна е клучна задача“, изјавил Ким според КЦТА.

Остани поврзан