• вторник, 16 април 2024
МИА Радио флеш

20 март 2023

ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа над 4 000 амандмани и ги блокираа законите за покачување на платите во судството

- Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Левица денеска со преку 4 000 амандмани ги блокираа четирите закони со кои се бара покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет.

 - Општествата треба да ги направиме поагилни за да можат побрзо да се адаптираат на предизвиците што ги носи новото време во смисла на брзиот технолошки развој, дигитализацијата и сајбер безбедноста, а ова претставува голем предизвик и за квалитетот на образованието, особено на високото образование, кое треба да се прилагоди за да може да даде добар одговор во оваа трансформација на општеството, смета вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска.

Антикорупциска апсолутно ја има поддршката од Владата во својата работа, вели Ковачевски

 - Доколку за кој било случај на злоупотреба на функција постоеле докази или валидни аргументи дека треба да се процесуираат понатаму, тоа го прави Антикорупциската комисија или надлежните инситуции пред судските и обвинителските органи, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање дали може да очекуваме конкретни мерки за злоупотреби.

Тој истакна дека Антикорупциска апсолутно ја има поддршката од Владата во спроведувањето на својата работа исто како што ја има и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска. 

Ковачевски: Одговорноста за уставните измени е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално 

- Сметам дека сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија. 

Тој одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат. 

Обвинетиот Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“ 

Обвинетиот Зоранчо Митровски ја призна вината во случајот „Империја“, по што Основниот Кривичен суд Скопје одлучи дека по однос на овој обвинет, постапката ќе се раздвои. Овој процес се води против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.
 
Обвинетиот Цветен Панделески, од друга страна, пред судот рече дека не може да го разбере обвинението. - Јас ова обвинение не можам да го разберам, не се чувствувам виновен, рече тој. Панделески одговори дека не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар.

Дачиќ: Србија во Охрид успеа да ги заштити своите национални интереси

 - Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека „Србија на средбата во Охрид успеала да ги заштити своите национални интереси со мудрата политика на претседателот Александар Вучиќ“ и додаде дека „Србија мора да води дијалог и да ги нормализира односите со Приштина, држејќи се до нејзините црвени линии“, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека во саботата на средбата во Охрид се било направено во согласност со државната политика на Србија и обезбедување на нејзиниот понатамошен европски пат.

ОБСЕ го поздрави напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина

По средбата на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина одржана викендов меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти во Охрид, потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Мајкл Георг Линк ги пофали напорите на ЕУ и САД и постигнатиот напредок во развојот на нормални, добрососедски односи, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова е конечно многу добра вест од разговорите на високо ниво на бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина, врз основа на напредокот постигнат на 27 февруари годинава, каде страните се договорија за германско-францускиот план, кој беше поддржан од сите членки на ЕУ, наведе Линк во соопштението на ОБСЕ.

Велика Британија воведе санкции против функционери на Иранскиот корпус на револуционерната гарда

Велика Британија денеска воведе санкции против високи функционери на Иранскиот корпус на револуционерната гарда (ИРГЦ), вклучувајќи ги и тие за кои тврди дека се одговорни за управување со финансиските инвестиции на таа формација.

Санкции, кои подразбираат замрзнување на имотот и забрани за патување во Велика Британија, се воведени против пет членови на одборот на директори на Фондацијата за соработка на ИРГЦ и двајца високи команданти на ИРГЦ кои дејствуваат во провинциите Техеран и Алборз.

Во земјотресите во Турција загинаа над 50 илјади луѓе

 - Бројот на загинати во разорните земјотреси што ја погодија Турција на почетокот на февруари надмина 50.000, изјави денеска директорот на турската агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби, Јунус Сезер.

Тој во обраќањето пред турскиот Парламент прецизираше дека загинале 50.096 лица, а повредени се 107.204 лица. Земјотреси со интензитет од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ја погодија јужна Турција на 6 февруари. 

Околу 43.000 починати во текот на најдолгата суша во Сомалија минатата година

 - Околу 43.000 луѓе починаа во текот на најдолгата суша во Сомалија минатата година, од кои половината беа деца. Тоа е првиот официјален податок за бројот на починати поради сушата што зафати големи делови од Рогот на Африка.

Се предвидува дека најмалку 18.000 луѓе би можеле да починат во првите шест месеци од годинава.

„Сегашната криза е далеку од завршена“, се вели во извештајот објавен денеска од Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, а спроведен од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Ситуацијата е, како што наведоа, „екстремно критична“ - само во Сомалија има повеќе од шест милиони гладни луѓе. 

Баербок бара повторно воведување на спасувачка мисија во Средоземјето

– И покрај повиците на некои европски земји членки за воведување построги мерки за ограничување на илегалната миграција, шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, побара повторно воведување на спасувачката мисија на Европската унија во Средоземјето, јавија денеска германските медиуми.

-Умирањето во Средоземјето е отворена рак рана на Европа бидејќи не успеавме да се договориме за заедничка политика за имиграција и бегалци, рече Баербок  во интервју за „Ди Велт“ (Die Welt).

 

Остани поврзан