• среда, 17 април 2024
МИА Радио флеш

24 март 2023

-Одржлива и долгорочна методологија заснована на објективно дефинирани критериуми е решението кое го бараме за платите на вработените во целиот јавен сектор. Веќе се работи на Законот за плати во јавниот сектор, кој е објавен на ЕНЕР и е на јавна расправа. Решението на ова прашање со платите ќе го бараме заедно со партнерите во Економско социјалниот совет, синдикатите и работодавачите, соопштија денеска од Министерството за финансии. Во моментов, додаваат од Министерството, се работи да се најде одржливо системско решение што ќе се однесува на целиот јавен сектор, по примерот со минималната плата и пензиите.

- Кризата не научи да размислуваме и да делуваме постепено, чекор по чекор да ја правиме транзицијата, да не брзаме. Се прават анализи за влијанието на новиот механизам на Европската комисија CBAM (Carbon Border adjustment mechanism) врз домашната економија, посочи Виктор Андонов, соработникот на премиерот за енергетика на четвртиот самит за енергетика „СЕТ Требиње 2023“.

- Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница ја изгласа Одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на собраниските службеници. На седницата беа донесени и Одлуката за начинот на утврдување на платите на вработените во Службата на Собранието на Република Северна Македонија кои вршат помошно-технички работи и немаат статус на административни службеници, како и Одлуката за начинот на функционирање и обезбедување средства за остварување контакти на пратениците со граѓаните. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето за последната Одлука се јави за збор. Рече дека дел од пратениците се уште немаат канцеларии.

-Во Скопје денеска беше потпишан Договор за збратимување помеѓу скопските општини Чаир и Сарај со малтешката Општина Л-Исла. Договорот беше потпишан од страна на градоначалниците на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети и градоначалникот на Л-Исла, Кливе Пулис. Градоначалникот Ганиу истакна дека овој договор е насочен кон подобрување на односите помеѓу жителите на овие три општини и креирање и спроведување на програми кои ќе промовираат поцврсти односи меѓу нив, учество во заеднички проекти, инвестиции, но и меѓусебни посета на двете земји. Тој посочи дека Општина Чаир досега е збратимена со 12 општини од различни држави.

– Демократската унија за интеграција утре во партиското седиште во Мала Речица ќе одржи седница на Централното претседателство, на чиј дневен ред се очекува да биде расправа за „фронтот за Европа“. Организацискиот секретар на ДУИ и воедно градоначалник на Општина Сарај, Блерим Беџети се надева дека на утрешната седница на Централното претседателство ќе продолжи и дебатата за прашањата „што создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од партијата“. - На последната седница беше донесен заклучок дека треба да се разгледаат двата извештаи и да се продолжи со расправа по извештајот кој се однесува на отчетноста, што е транспарентност, европска вредност и верувам, во најмала рака, очекувам да се продолжи да се дебатира за сите тие прашања кои реално создаваат разлики меѓу извршната власт и значаен дел од Демократската унија за интеграција.

 - Органскиот отпад од лозјата наместо да се гори може да се користи за повеќе намени, во Неготино денеска беше презентирана машина за балирање на отпад од лозови насади. Во присуство на министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, беа промовирани досегашните резултати од проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион“. Проектот се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на германското Сојузно министерство за економска
соработка и развој (BMZ),  преку Германско друштво за меѓународна соработка, во партнерство со винаријата ,,Бовин" и Центарот за истражување и креирање политики.

- Во завршна фаза е поставувањето енергетски ефикасна фасада во должина од околу 1500 квадратни метри и реконструкција на целиот покрив, информира градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, кој изврши увид во градежните активности во градинката „13 Ноември“, објект „Јасмин“ до полициската станица „Беко“. - Девеесет отсто од градежните зафати на површината на покривот на градинката, објектот „Јасмин“ се веќе готови. Станува збор за реконструкција на целата покривна површина.

 – Претседателот на Кипар Никос Христодулидис за време на Самитот на ЕУ во Брисел ги информирал лидерите на земјите членки на Унијата за кипарското прашање, односно за неговиот пристап кон проблемот, објавија кипарските медиуми повикувајќи се на свои извори. Според истите информации, Христодулидис го повторил неговиот јавен повик за поголема улога и вклученост на ЕУ во напорите за решавање на прашањето.  Информирањето било во формат нс брифинг без дополнителна дискусија.

 - Стотици луѓе се евакуирани денеска поради големиот шумски пожар во провинцијата Кастељон во источниот дел на Шпанија. Пожарот се прошири на околу 1.000 хектари земјиште откако избувна вчера, соопштија властите во автономната заедница Валенсија, која го опфаќа и  Кастељон. Службите за итни случаи во регионот соопштија дека поради пожарот се евакуирани 600 лица во осум општини, вклучително и домот за стари лица во Монтана.

– Француската Влада денеска им забрани на сите државни службеници инсталирање и користење на апликации за забава како што се социјалната мрежа ТикТок, американската стриминг платформа Нетфликс или играта Кенди креш. Неименувани соработници на министерот за јавна администрација Станислас Гуерини истакнаа дека тие апликации носат „ризици во однос на кибер безбедноста и заштитата на податоците на јавните службеници и администрацијата“. Забраната ќе важи за службените телефони на 2,5 милиони вработени во државната администрација, но не и за нивните лични уреди.

-Американската комора во Приштина го повтори својот повик до владата на Косово да се приклучи на иницијативата Отворен Балкан и истовремено го поздрави договорот за имплементација на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина постигнат на 18 март во Охрид, јави дописникот на МИА од Белград. Во соопштението на Комората, таа смета дека договорот ќе отвори можности за економски развој на двете страни, подобрување на размената на стоки и услуги, пренесува Коха. - Американската комора го повторува својот повик до Владата на Косово да се приклучи на иницијативата на Албанија, Северна Македонија и Србија за заеднички регионален пазар, се вели во соопштението.

– Инфлацијата на цените на производството во Финска дополнително се намали во февруари на најниско ниво во речиси две години, покажаа податоците на финскиот завод за статистика објавени денеска. Индексот на цените на производителите се искачи за 9,2 проценти на годишно ниво во февруари, побавно од порастот од 10,7 отсто во претходниот месец. Понатаму, последната инфлација беше најбавна од април 2021 година, кога цените се зголемија за 8,7 проценти. Вкупниот раст на цените во февруари најмногу е предизвикан од повисоките цени на хартијата и производите од хартија, прехранбените производи и нафтените деривати во однос на минатата година, соопшти Заводот за статистика во Хелсинки.

 

Остани поврзан