• среда, 25 септември 2024
МИА Радио флеш

25 септември 2024

– Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) од денеска на пладне ќе почне со казнување на трговците кои ги немаат поставено ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“ и не ги продаваат по пониски цени производите за кои Владата донесе одлука да им ја ограничи профитната маржа, најави во изјава за МИА директорот на ДПИ, Горан Трајковски. Како што посочи, во теренските проверки што ги вршеле вчера до 21 часот забележале дека маркетите не ги поставиле потребните ознаки, со кои требаше да ги означат производите на кои Владата им наметна пониски профитни маржи иако ДПИ им даде рок тоа да го направат до крајот на вчерашниот ден. - Екипите на ДПИ од утрово се на терен низ целата држава и уште денеска од 12 или од 13 часот ќе почнат со казнување на маркетите кои не си ја исполнуваат обврската, изјави Трајковски за МИА и додаде дека маркетите се жалеле дека немале време да ги испечатат ознаките „помалку трошоци, повеќе за тебе“. 

- Уставниот суд расправа по иницијативата за Законот за електронски комуникации кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа. Во иницијативата, покрај гореспоменатиот член 178 од Законот за електронските комуникации се оспорува и член 176 став 3 од истиот закон кој пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон. При што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење на судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во согласност со член 17 од Уставот, стои во иницијативата.

- За време на одржувањето на 79-тото Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на маргините од ГС, остварил одвоени средби со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис со министерот за надворешни работи, африканска соработка и иселеништво на Кралството Мароко, Насер Бурита. Фокусот на двете средби, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, бил ставен и на понатамошното продлабочување на билатерелната  соработка, со посебен акцент на зајакнување на економските релации помеѓу двете земји. На средбата со литванскиот колега било искажано заемно задоволство од развојот на билатерални односи, кои двете пријателски земји во континуитет ги негуваат во изминатиот три-децениски период.

- Министерот за за економија и труд Бесар Дурмиши во рамки на Берлинскиот процес остварил средба со Крис Бартон, Комесар за трговија на Неговото Величество Кралот Чарлс Трети. На средбата, како што соопшти Министерството за за економија и труд, било оценето дека одличните политички односи помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија претставуваат цврста основа за понатамошно продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, како и за градење на нови деловни релации помеѓу бизнис заедниците помеѓу двете земји.

- По втор пат се одложи повторното судење за пожарот во тетовската модуларна болница откако на повторно судење го врати Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Судијата Јордан Велковски информираше дека причината е отсуство на Самоил Филиповски, адвокат на Артан Етеми, еден од двајцата обвинети директори на Клиничка болница Тетово. Рочиштето е закажано за 5 ноември 2024 во 10 часот. Првиот обид за рочиште беше закажано за 26 јуни, но се одложи за денес поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.

- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднел обвинителен предлог против поранешната организациска директорка на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија Бесија Иљази за злоупотреба на службена положба и овластување.-Обвинетата, во својство на организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица. Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи, соопшти денеска Јавното обвинителство.

 – Министерството за образование и наука објави Конкурс за доделување 1200 стипендии за ученици Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија за учебната 2024/2025 година, со рок за аплицирање до 10 октомври 2024. Стипендиите ќе бидат доделени во четири категории во зависност од постигнатиот успех на средношколците Роми во последната учебна година, со месечен износ од 1.200 до 3.000 денари во траење од девет месеци.  Во објавениот Конкурс се наведени условите што треба да ги исполнуваат кандидатите и потребните документи кои треба да ги прикачат на  http://e-uslugi.mon.gov.mk заедно со пополнетата електронска пријава.  

 -  „Од Словенија до Северна Македонија: Синергија на образованието и бизнисот во Северна Македонија“ е насловена конференцијата што се одржува денеска во Скопје, во организација на Амбасадата на Република Словенија со Друштвото на словенечки и македонски стопанственици и Македонската студентска организација во Словенија (МСОС). Организаторите најавуват дека на отворањето на конференцијата ќе се обратат министерката за енеретика Сања Божиновса и словенечкиот амбасадор во државава Грегор Прескор, по што ќе биде презентира анкета спроведена од МОСС. 

 – Општинската организација на Црвениот крст од Охрид и оваа година ќе ја спроведе традиционалната хуманитарна и спортско-рекреативна акција  „За посреќно детство“, насочена кон помош и поддршка на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебарца. Настанот со пошироко општествено значење за заедницата предвидува повеќе содржини, а ќе започне на 28 овој месец со главната трка на младите од 11 часот од пред хотелот „Палас“ на Градскиот кеј во Охрид. Настаните и предвидените содржини ќе продолжат на платото пред  Центарот за култура „Григор Прличев“, со повеќе спортски, културно-забавни и здравствено-едукативни содржини проследени со голем број награди.

 - Општина Аеродром објави повик за доделување мали грантови за граѓанските организации на тема „Зајакнување на заедниците за одржливо управување со отпад од пакување“. Целта на повикот, како што соопштија од Општина Аеродром, е да се променат навиките на локалното население за селектирање отпад од пакувања во своите домаќинства и да се научат на правилна селекција на отпадот, пред сè, пластика и лименки. Вкупниот износ на финансиските средства за грантот изнесува 25.000 евра обезбедени преку проектот финансиран од Европската Унија „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“. Минималната вкупна сума што може да ја добие една граѓанска организација е 2.500 евра, додека максималниот износ по грант изнесува 5.000 евра во денарска противвредност.

 – Последните случувања во поширокиот регион на Блискиот Исток, претстојниот состанок на деветте медитерански земји од групата МЕД9, но и електричното поврзување Грција – Кипар, биле дел од темите за кои разговарале претседателите на Франција и Кипар, Емануел Макрон и Никос Христодулидис и премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на трилатералната средба одржана синоќа во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина. Трилатералната средба Грција-Кипар – Франција беше на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Кипарскиот претседател по средбата истакна дека „загрижувачките случувања во регионот, како што беше очекувано, доминираат во сите разговори во Њујорк“ и во тој контекст, на трилатералната средба, како што посочи, „имајќи го предвид особениот интерес на Франција за случувањата во регионот“, биле разменети мислења за можностите за справување со ситуацијата, „ситуација која носи многу сериозни ризици“.

– Словенија планира да свика вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН за тензиите меѓу Израел и Либан на барање на Франција, јави словенечкото издание на регионалната телевизија Н1.Словенечкото МНР попладнево ќе го повика и израелскиот амбасадор во Љубљана. Франција, која е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, вчера повика на итен состанок на Советот поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Либан. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро повика да се избегне регионален конфликт. Словенија, која е непостојана членка на Советот за безбедност, во моментов претседава со Советот. Се очекува состанокот да се одржи денеска.

- Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Шикорски, ја обвини Русија во Обединетите нации (ОН) дека го прави истото со украинските деца како нацистите, кои ги одвлекуваа децата од Полска и Советскиот Сојуз во Германија за да ги германизираат и да ги направат русокоси ариевци, расно посакувани деца. „Со што се разликува тоа што им го правите на киднапираните украински деца од она што германските нацисти им го направија на вашите и на нашите деца?“, му се обрати Шикорски на рускиот претставник Василиј Небенжа на седницата на Советот за безбедност на ОН за Украина.Шефот на полската дипломатија потсети дека киднапирањето и индоктринацијата на деца од друга земја, нација или група, според меѓународното право, е воено злосторство геноцид.

 – Германија, Австралија, Канада и Холандија му се заканија на тврдокорното исламистичко талибанско движење со акција пред Меѓународниот суд на правдата поради кршењето на правата на жените во Авганистан. Земјите официјално ги потсетија талибанците за нивната обврска да ги поддржуваат правата на жените, како што е наведено во Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), договор од кој е дел и Авганистан, се вели во нацрт-изјавата во која имала увид ДПА. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок планира денеска да се сретне со своите колеги од Австралија и Канада, Пени Вонг и Мелани Џоли, како и со холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

- Во вториот квартал од 2024 година, ЕУ увезла вкупно 177,9 милиони тони енергенси во вредност од 94,9 милијарди евра, што претставува намалување по количество во однос на истиот период лани за 9,7 отсто и по вредност за 10,7 проценти.  Според податоците на Европската сатистичка служба – Евростат, увезените количества на природен гас во второто овогодишно тримесечје се намалени за 9,5 отсто на годишно ниво, а нивната вкупна вредност бележи пад од 31,4 отсто. Намалување во истиот период се бележи и при увозот на течен гас и тоа за 20,2 отсто според количество и за 41,2 проценти по вредност. 

 – Климатските промени доведоа до двојно поголема веројатност за појава на обилни дождови како оние што предизвикаа разорни поплави во централна Европа овој месец, се наведува во извештај во кој авторите ги повикуваат политичарите да дејствуваат за да се запре глобалното затоплување. Во најлошата поплава што ја погоди Централна Европа во најмалку две децении, 24 луѓе загинаа, оштетени беа згради, се урнаа мостови, а штетата се проценува на милијарди долари. Извештајот на World Weather Attribution, меѓународна група на научници што ги проучува ефектите на климатските промени врз екстремните временски услови, открива дека четирите денови на врнежи што ги донела бурата Борис биле најобилните досега регистрирани во централна Европа.Се вели дека климатските промени ги направиле таквите дождови најмалку двојно поверојатни и седум проценти пообилни.

 - Украинското воено воздухопловство синоќа собори 28 руски беспилотни летала Шахед и четири наведувани ракети Х-59/69, а четири руски дронови неконтролирано се урнаа во неколку региони на Украина, соопшти командата на украинските воздухопловни сили. Нема жртви ниту материјална штета. „Руските сили го нападнаа регионот Харков со наведувана ракета С-300 и три проектили од неодреден тип. Регионот на Одеса беше нападнат со четири наведувани ракети X-59/69 истрелани од воздушниот простор над Црното Море, како и 32 дронови од типот Шахед“, се наведува во соопштението. Системите за противвоздушна одбрана беа активирани и во регионите на Днепропетровск, Харков, Киев, Кировоград, Суми, Полтава, Николаев, Одеса и Херсон.

 - Хезболах ја презеде одговорноста за утринскиот ракетен напад врз централен Израел и соопшти дека со балистичка ракета „Кадер 1“ го гаѓала седиштето на Мосад во близина на Тел Авив. Во соопштението се наведува дека нападот е одговор на неодамнешните експлозии на пејџери и воки-токи од членови на Хезболах во Либан, како и на убиството на високи команданти на групата, пишува „Тајмс оф Израел“. Во меѓувреме, израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека гаѓале лансирна рампа на Хезболах во Либан, што била искористена за истрелување на проектил земја-земја рано утринава.

- Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на изборите во САД, Доналд Трамп денеска изјави дека е соочен со „големи закани од Иран“. „Иран претставува голема закана за мојот живот. Целата американска војска гледа и чека“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. Тој рече дека Иран „веќе презел мерки и не успеал, но ќе се обиде повторно“.  „Опкружен сум со повеќе луѓе и оружје од кога било досега“, додаде Трамп.

– Шефовите на дипломатиите на Египет, Ирак и Јордан ја осудија израелската „агресија врз Либан“ и предупредија дека „Израел го турка регионот во отворена војна“. Министрите за надворешни работи на Египет, Ирак и Јордан, Бадр Абделати, Фуад Хусеин и Ајман Сафади се состанаа во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН. Во заедничката изјава објавена денеска се наведува дека тројцата министри за надворешни работи разговарале и за организирање на „троен самит“ во Каиро. „Министрите ја осудија израелската агресија врз Либан, нагласувајќи дека Израел го турка регионот во отворена војна“, се додава во текстот и се апелира до „меѓународната заедница и Советот за безбедност на ОН да преземат одговорност за запирање на војната“.

– Ракетните сили на Народноослободителната војска на Кина (ПЛА) денеска лансираа интерконтинентална балистичка ракета со лажна боева глава во водите на Пацификот, соопшти Министерството за национална одбрана. Наведено е дека ракетата паднала во целната област на Пацификот и оти лансирањето е рутинска активност во рамките на годишниот план за обука, како и дека релевантните земји биле однапред информирани за овој тест, пренесува новинската агенција Синхуа. - Лансирањето ги тестираше перформансите на оружјето и ефективноста на воената обука и ги постигна саканите цели, се вели во соопштението на кинеското Министерство за одбрана.

 

Остани поврзан