• сабота, 09 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

29 септември 2023

 

-  Кај прилепското село Алинци се уште чади опожарената депонија, а пожарот на оваа локација е единствениот активен од 26-те што беа регистрирани вчера во државава. Од ЦУК информираат дека изгнаснати се 25 пожари во 24 општини, а гореле неколку депонии, стрништа, отпадоци, сува трева, трње, лозје, грмушки, нискостеблеста и мешана шума – даб и габер, како и борова шума.

- Постојаниот претставник на Република Северна Македонија во ФАО, Лидија Попандонова, на вчерашната 43. сесија на Европската комисија за земјоделство на ФАО, со консензус на земјите членки од Европа и Централна Азија, беше избрана за претседавач со ова статутарно тело на ФАО. -Ова е големо признание и чест не само за мене, туку и за нашата земја, која во последните две години се позиционираше во високите структури и технички комисии на ФАО. Европската комисија за земјоделство има важна улога во правилно насочување на поддршката од ФАО за приоритетни области и актуелни прашања во земјоделско-прехранбениот сектор во земјите членки и дава препораки за сите прашања од нејзината техничка и експертска надлежност за прашања позврзани со трговија, истражување, едукација, исхрана, одржлив развој и актуелни состојби кои го засегаат регионот. Истовремено, ја олеснува меѓународната соработка, како и соработката со невладините организации, здруженија и меѓународни организации. Во последниве години, регионот на Европа и Централна Азија доживеа повеќекратни шокови, вклучувајќи ја пандемијата со Ковид-19, временските непогоди и катастрофи, војната во Украина, разорните земјотреси во Турција, кои нанесоа сериозни штети и негативни последици во регионот, вели Попандонова за МИА.

- Неизвесноста го засилува масовното иселување на младите не само од нашата земја, туку и од целиот регион на Западен Балкан. Со тоа губиме непроценлив човечки и социјален капитал од кој зависи долгорочниот економски раст и развој на нашите држави и на целиот регион. Неопходни се реформи во виталните сегменти клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, димензионирање на образованието според барањата на пазарот на трудот и креирање на квалитетни работни места, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на 9. Меѓународна истражувачка конференција што ја организираат Народната банка и Комитетот за преобразување на Бретон Вудс. Според Пендаровски, тоа најдобро може да се постигне преку засилени реформи и забрзана интеграција во Европската Унија.

- Уметничката директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, на претстојното 63. издание на Меѓународен фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево ќе биде член на жирито на официјалната програма. Фестивалот ќе се одржува од утре до 8 октомври во Сараево. Стојаноска, како што се наведува во соопштението од МТФ „Војдан Чернодрински“ - Прилеп, ќе ги оценува претставите заедно со Марина Катниќ-Бакаршиќ, професорка на Факултетот за сценски уметности во Сараво и Јана Баскау, продуцентка од Германија. МЕСС ќе биде отворен со претставата „Калигула“ на Националниот академски драмски театар „Иван Франко“ од Украина. Врвот на европскиот театар низ 12 претстави ќе се претстави со дела од Англија, Литванија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. На фестивалот не учествува театарска куќа од Македонија.

- Актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа, нужноста од преземање на координирани активности за нејзина контрола и искоренување, но и можни нови мерки кои би се презеле во иднина во оваа насока, се дел од темите на кои вчера и денес во Брисел дискутираа земјите членки на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекуграничните болести на животните (GF-TADs) во рамки на 21 состанок на Постојаната експертска група за африканска чума кај свињите во Европа. Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, во својство на член на ова тело кое го сочинуваат претставници од земјите членки на Европската Унија, државите од Западен Балкан, Молдавија, Белорусија и Русија, ја презентираше актуелната состојба со оваа болест во земјава и ги објасни сите досега преземени превентивни и мерки за контрола и ерадикација на болеста и идните чекори во справувањето со неа.

- Косовската полиција изведе утрово рација на пет локации во три општини во северно Косово, во врска со случајот со нападот врз полицијата во Бањска кај Звечане, јави дописникот на МИА од Приштина. Веста за косовските медиуми ја потврди заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани. - Претресот на петте локации е завршен. За други детали подоцна ќе излеземе со соопштение, рече Елшани. Полицијата упаднала во ресторанот „Греј“, за кој се претпоставува дека е сопственост на Ема Радојичиќ, сопругата на потпретседателот на Српската листа, Милан Радојичиќ, кој е еден од осомничените како водач на групата која го изврши нападот во Бањска на 24 септември.

– Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) ги отфрли тврдењата на српските власти дека не и било дозволено да учествува во полициската акција на 24 септември во Бањска, откако беше нападната косовската полиција. Од мисијата на ЕУ за Радио Слободна Европа изјавија дека „на ЕУЛЕКС на ниеден начин не му е забрането да учествува или да ги набљудува операциите што ги спроведе косовската полиција на 24 септември“. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и шефот на Канцеларијата за Косово во српската Влада, Петар Петковиќ, изјавија дека властите во Приштина не му дозволиле на ЕУЛЕКС да учествува во полициската операција, откако вооружена група ја нападна косовската полиција во Бањска за Звечан. Вучиќ на средбата со претставниците на КВИНТ и на Европската унија на 26 септември рече дека ги прашал зошто „Еулекс бил одбиен“ да учествува во операцијата на северот.

– Спасувачките екипи од Крајбрежната служба на Грција и денеска, во море, на копно и од воздух, продолжуваат со потрагата на пилотот и приватниот хеликоптер, што вчера се урна во морето во северниот дел на грчкиот остров Евија, подрачјето што беше зафатено од невреме, јави дописничката на МИА од Атина.  Од Крајбрежната служба на Грција соопштија дека во потрагата по единствениот патник во хеликоптерот, 69-годишниот пилот, учествуваат четири патролни чамци, две патролни возила од копно, по еден хеликоптер од военото воздухопловство и воената морнарица, два чамци и морско такси. Вчера околу 10 часот наутро, хеликоптерот полетал од местото Мантуди на Евија полетал кон индустриската област во Волос, меѓутоа кусо по полетувањето се загубила комуникацијата и започна спасувачката акција, по што подоцна беше потврдено дека паднал во морскиот дел на северот на Евија. Хеликоптерот се урна во период кога островот беше зафатен од невремето „Илиас“, што предизвика проблеми и материјална штета не само на Евија, туку и во поширокиот регион на областа Магнисија и градот Волос.

- Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Западот сака да ја глобализира војната во Украина. -Конфликтот мора да биде изолиран, но западните земји сакаат да ја глобализираат војната, изјави Орбан за јавниот сервис, пренесува МТИ.  Премиерот Орбан додаде дека ќе се докаже дека Унгарија била во право за војната во Украина и дека Западот не успеал мирно да ја процени ситуацијата на теренот. 

 – Само 25 проценти младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле вработени за време на нивното формално образование во текот на 2022 година, три отсто биле регистрирани како невработени, односно како лица кои активно бараат работа, додека 72 проценти воопшто не биле вклучени на пазарот на расположлива работна сила, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.  Процентот на млади кои биле работно ангажирани за време на школувањето драстично се разликува од земја од земја членка на ЕУ. Така, најголем удел на млади луѓе вработени во текот на формалното образование бележи Холандија со 73 отсто, пред Данска со 52 и Германија со 45 проценти. 

 - Двете водечки белгиски еколошки партии, валонската Еколо и фламанската Зелени, поднесоа Предлог-законот за измени на Законот за абортус во Белгија, со кои, меѓу останатото, се предвидува продолжување на законскиот рок до кој може да се изврши абортусот од 12 на 18 недели, укинување на шестдневниот период на чекање пред да може да се спроведе зафатот, како и негова неофицијална декриминализација.  Со измените се предлага абортусот да биде експлицитно наведен како зафат опфатен со здравствената заштита, што практично би значело декриминализација на делото доколку се изврши по законски дозволениот рок.  Пратеничката Северин де Лавеле од Еколо, која заедно со нејзината колешка Ева Плато од Зелените, се официјални предлагачи на законските измени, изјави дека тие се подготвени врз основа на Извештајот со 25 препораки изработен пред шест месеци од страна на посебна експертска комисија по нарачка на пратеници од владејачкото мнозинство.  

- Рускиот претседател Владимир Путин побарал од поранешниот поручник на паравоените формации „Вагнер“, Андреј Трошев, да формира доброволечки единици за борбите во Украина.  „На последниот состанок разговаравме дека ќе бидете вклучени во обуката на доброволечките единици оспособени да извршуваат различни борбени задачи, се разбира главно во зоната на „специјални воени операции“ во Украина“, му рекол Путин на Трошев, соопшти денеска Кремљ. Путин оценил дека Трошев има искуство за мисијата, три месеци по неуспешниот обид за пуч на оваа паравоена група во Русија. Трошев бил близок соработник на Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа во август и кој, според западните агенции, бил во немилост на Путин по бунтот.

 – Со натпреварите од 9. коло синоќа во Струга заврши Светското екипно првенство во шах во возрасни категории над 50 и над 65 години, на кое настапија 48 екипи од 17 земји и дури 40 велемајстори и 32 интернационални мајстори.Во категоријата до 50 години, победи првиот тим на САД, освојувајќи го првото место со 15 бодови, пред Англија, Исланд и Италија со по 14.5 додека „Македонија Алкалоид“ го освои петтото место со 12 бодови.Во завршното коло, „Македонија Алкалоид“ го совлада третиот тим на Англија со 3.5-0.5.Преостанатите две македонски екипи завршија во вториот дел од табелата. Екипата „Македонија“, составена од слепи и слабовидни шахисти со 11.5 бодови го освои 19 место, додека женскиот состав „Македонија“ заврши на последното, 22, место со 6.5 поени. Победничката екипа настапи во состав: Шабалов, Каиданов, Ехлвест, Новиков и Јермолински.

- Американскиот помошник државен секретар за Источна Азија и Пацифик Даниел Критенбринк се сретна со кинескиот заменик-министер за надворешни работи Сун Веидонг во Вашингтон, објави Стејт департментот.Како што се наведува, двајцата разговарале за регионални прашања, вклучувајќи ги Бурма, Северна Кореја и поморските прашања, при што Критенбринк ја истакнал важноста за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец. Американскиот помошник државен секретар исто така ја истакна важноста на слободен, отворен и просперитетен индо-пацифички регион. Во соопштението на американското Министерство за надворешни работи се додава дека разговорот бил искрен, детален и конструктивен.

- Најмалку шест лица загинаа, а десетици се ранети денеска во експлозија на бомба во Пакистан, соопштија властите. Бомбардирањето се случи во Мастунг, област во провинцијата Белучистан, на собир на прослава на роденденот на исламскиот пророк Мухамед, изјави владин претставник. Според него, повредените се префрлени во блиските болници, а дел од нив се во критична состојба. Муслиманите во Пакистан и ширум светот го слават роденденот на исламскиот пророк со одржување јавни собири.

- Сенаторот Бен Кардин ќе биде новиот претседател на Комитетот за надворешна политика на американскиот Сенат, на местото на Боб Менендес, кој е обвинет за земање мито и корупција. Неделава беше изгласана резолуција за назначување на Кардин на таа должност.  Во меѓувреме, Менендес, сенатор од Њу Џерси кој падна во немилост, не ја признава вината и покренатата федерална тужба против него. Кардин, високорангиран сенатор од Мериленд познат по својата активност за заштита на човековите права, веќе по втор пат ќе го замени Менендес како раководител на комитетот.  Кардин раководеше со овој комитет од 2015 до 2018 година откако на Менендес му беа покренати обвиненија за корупција, што потоа судот ги отфрли.

- Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот денеска изјави дека неговата земја не сака конфликт, но цврсто ќе ги брани своите територијални води, откако крајбрежната стража ја отстрани пловечката бариера поставена од Кина во спорниот дел од Јужно Кинеско Море.-Не бараме проблеми, но ќе продолжиме да ја браниме поморската територија на Филипините и правата на нашите рибари кои во овие области рибарат стотици години наназад, рече Маркос на прес-конференција, пренесен од американските медиуми. Филипинските власти во вторникот соопштија дека ја отстраниле пловечката бариера поставена од Кина за да ги блокира филипинските рибарски чамци да влезат во спорната област во Јужно Кинеско Море.  „Бариерата претставуваше опасност за пловидбата, што е јасно кршење на меѓународното право. Таа, исто така, го попречува спроведувањето на риболовот и активностите за егзистенција на филипинските рибари“, соопшти филипинската крајбрежна стража.

- Портпаролот на холандското обвинителство денеска потврди дека обвинителите и пред инцидентот биле загрижени за однесувањето на човекот кој е осомничен за вчерашното убиство на три лица во Ротердам и дека испратиле предупредувачко писмо до училиштето кое го посетувал. Во писмото се опишани „психотичното однесување“ на сега осомничениот 32-годишен маж, неговите проблеми со алкохолот и поплаките од соседите за неговиот однос кон животните, пренесуваат британските медиуми. Тој треба да се појави на суд на 3 октомври и моментално е во притвор под сомнение дека убил 39-годишна жена која живеела во близина на неговиот дом и нејзината 14-годишна ќерка, а потоа и 43-годишна лекарка која предавалa во Универзитетската болница „Еразмус“ во кој присуствувал осомничениот. Мотивот за нападот засега не е познат. -Шокирани сме од страшниот инцидент. Пукано е на две различни места во градот. Многу луѓе беа сведоци на пукањето, изјави градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб.

 

Остани поврзан