
28 септември 2023
– Министерот за правда, Кренар Лога, денеска ќе одржи брифинг со медиуми за сите актуелни теми, а потоа ќе даде и изјава за Предлог законот за амнестија со кој се предвидува растеретување на затворскиот систем. Владата неодамна даде зелено светло за ова законско решение, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави блокада. Најавената амнестија ја разбранува јавноста со тоа кој сѐ би можел да биде опфатен со неа. Според лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, намерата на власта со овој закон е да се ослободат криминалци кои служат затворски казни. За премиерот Димитар Ковачевски, блокадата е стратегија на опозицијата која постојано ја применува.
- Најдобрата гаранција за зачувување на македонскиот идентитет е, по влезот во НАТО, земјата да стане членка и на ЕУ, истакнува во интервју за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ), министерот за надворешни работи Бујар Османи. Сепак, забележува дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ. Прашан дали има гаранции оти Бугарија нема да поставува натамошни барања по евентуалното усвојување на уставните измени, Османи вели дека никој не може да знае што ќе донесе следниот ден, пренесува Дојче веле.
- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска и утре ќе учествува на Европската конференција на претседатели на Парламенти на Советот на Европа, која што ќе се одржи во Даблин, Република Ирска. Во состав на делегацијата се и пратеникот Никола Мицевски и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
– Собранието денеска треба да ја одржи 128-та седница, на која ќе се поставуваат пратенички прашања. Ваква пленарна седница вообичаено се одржува секој последен четврток во месецот. Согласно практиката, први прашања на премиерот и министрите им поставуваат пратеници од опозицијата.
- Со потпишување на заедничката изјава со која се потврдува цврстата заложба за натамошно зајакнување на меѓусебните односи, како и проширување и продлабочување во различни области на воената соработка, со цел зајакнување регионалната безбедност, заврши дваесет и шестата конференција на началниците на генералштабови на армиите на САД-Јадранската повелба (А5).
– Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, вечерва од 19 часот во „Europe House“ ќе ја доделат наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2023 за најдобра истражувачка сторија во Македонија. Како што информираат од ССНМ, на церемонијата ќе се обратат амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир и претседателот на жири-комисијата за ЕУ наградата за истражувачко новинарство, Константин Тесторидес.
- Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), противпожарните тимови интервенирале на 24 пожара, некаде заеднички - здружени од повеќе општини, а и со помош од локалните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР. Утрово еден пожар се води како активен - во Општина Прилеп, кај с.Алинци, каде што гори ниска вегетација, се уште чади само депонијата што исто така е опожарена, а пријавен е уште еден пожар.
– Грчкиот град Волос, како и околните села, повторно се поплавија, по втор пат во период од неколку седмици, а невремето „Илиас“ ги зафати и областа Тесалија и северниот дел на Евија, каде што исто така има проблеми, јави дописничката на МИА од Атина. Жителите на Волос и околината, поминаа тешка ноќ, повеќе делови се без струја и вода, улиците се поплавија и поради обилниот дожд и поради изливање на реката Кравсидонас, а од вчера во градот има забрана за движење, откако од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите.
- Канадскиот премиер Џастин Трудо синоќа се извини што парламентот на неговата земја му оддаде почит на човекот кој се борел на страната на нацистите во Втората светска војна, за време на минатонеделниот говор на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трудо кажа дека претседателот на Долниот дом на Парламентот, Ентони Рота, кој во вторникот поднесе оставка, е „единствено одговорен“ за канењето гости и оддавањето признание за тој човек, и оцени дека тоа е грешка што длабоко ги засрами и парламентот и Канада.
- Германскиот канцелар Олаф Шолц ја блокираше испораката на ракетите со долг дострел Таурус за Украина, бидејќи стравува дека тоа ќе доведе до конфликт со Русија, објави „Волстрит Џурнал“ (Wall Street Journal), повикувајќи се на свои извори. Другите членови на германската владејачка коалиција одобрија испраќање ракети Таурус во Украина. Германската пратеничка Мари-Агнес Штрак-Цимерман на 4 септември напиша на Твитер дека самиот Шолц ја блокира оваа одлука во рамките на коалицијата.
- Украинската противвоздушна одбрана ноќеска уништила повеќе од 30 беспилотни летала во новиот руски напад врз регионите Одеса и Миколаев, на југот на земјата, соопштија официјални лица, пренесе Бета. Изминатата ноќ беа ланизрани повеќе групи дронови во масовниот напад врз двата региона, изјави портпаролката на јужната команда на украинската армија.
- Десет лица се повредени во пожар предизвикан од силна експлозија во магацин во близина на аеродромот во узбекистанскиот главен град Ташкент. Еден од повредените е во тешка состојба. Пожарот рано утринава е локализиран и ситуацијата е под контрола, соопшти узбекистанското Министерство за вонредни состојби. Причините за експлозијата се уште не се разјаснети, но според една од верзиите удрил гром. На местото е поставена специјална теренска лабораторија која ќе ја испита експлозијата.
– Шефицата на словенечката дипломатија, Тања Фајон, порача дека Европската унија мора да ги заштити своите надворешни граници доколку сака да се зачува Шенген зоната. Фајон, на заедничката конференција со нејзиниот австриски колега Александар Шаленберг, укажа на зголемувањето на илегалните гранични премини долж западнобалканската маршрута и кажа дека многу е важна борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе, пренесува СТА.
- Во Варшава денеска полските и американските претставници потпишаа договор за изградба на првата нуклеарна централа во Полска, која настојува да ја намали употребата на загадувачки фосилни горива. Премиерот Матеуш Моравјецки изјави дека договорот за изградба на електрана во Померанија, во близина на Балтичкото Море, е почеток на ново поглавје за Полска.
- Еден од претставниците на американскиот Сенат изјави за британски медиуми дека кинеските хакери успеале да украдат околу 60 илјади мејлови од американскиот Стејт департмент. На почетокот на оваа година, кинески хакери веќе извршија слични напади и ја урнаа платформата за е-пошта на Мајкрософт.