• среда, 06 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

26 септември 2023

- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими министерот за одбрана на Република Словенија, Марјан Шарец, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата била потврдена заедничката заложба за интензивирање на билатералната соработка во областа на одбраната, соработката во рамки на мисиите на НАТО, а биле разменети информации околу актуелните случувања и безбедносните предизвици во нашиот регион.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, во разговорите биле нагласено дека двете земји ќе продолжат да даваат несебичен придонес во регионалните иницијативи во интерес на натамошен развој на регионот и заедничка иднина во Европската Унија.

 - Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имала работен состанок со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух, со која разговараа за можностите за заедничка соработка на полето на дигитализацијата, како и за размена на искуства и поддршка во однос на воспоставување на електронска лична карта во Северна Македонија. 

На состанокот, соопштија од владината прес-служба, тимот на министерката Дух го презентирала словенечкото искуство во однос на процесот на воспоставување електронска лична карта, вклучително и во однос на регулативата која мора да биде усогласена, како и можностите што ги нуди електронската лична карта во делот на дигиталните услуги.
 
Вицепремиерката Грковска се заблагодарила на министерката Дух за поддршката што Словенија и ја дава на Северна Македонија, особено во делот на дигиталната трансформација на општеството. Таа информирала за чекорите што досега се преземени, во однос на формирање на Националниот совет за дигитална трансформација на општеството, за усвојувањето на Концептот за дигитална трансформација во кој се дефинирани наредните чекори како и за усвоениот план и концепт за електронска лична карта во Република Северна Македонија.

 - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил објави дека денеска заедно со словенечкиот колега, министерот Боштјан Поклукар ја посетиле Хеликоптерската Единица при МВР на Република Словенија, каде од страна на раководството на хеликоптерската единица им била презентирана дел од опремата и хеликоптерите кои ги користат во нивната секојдневна работа и активности, кои се дел од нивните специјални задачи, во хумани цели и акции.

- Изразувам огромна почит и благодарност кон припадниците на Хеликоптерската единица која даде огромен придонес во развојот на нашиот Оддел за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија, со обезбедување на потребните обуки за противпожарни летови и носење на подвесен товар. Станува збор за обуки за „Подвесен товар“ – Helicopter Sling Load Operations HESLO 1 и за работа со „противпожарно ведро“ – Helicopter Firefighting HFF, кои како резултат на долгогодишната соработка со полициското аташе при амбасадата на Словенија во нашата земја, Бранко Скрбинек, минатата година успешно беа совладани од сите припадници на хеликоптерската единица, напиша Спасовски на ФБ.

 - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Тирана учествуваше и се обрати на Форумот на министри за економија насловен „Заеднички регионален пазар – чекор кон единствен пазар на ЕУ“ кој се одржува во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваат и претставници на ЕУ. 

- Северна Македонија е целосно посветена на зајакнување на регионалната соработка преку отстранување на сите бариери, одобрување на сите протоколи и нивно имплементирање врз основа на стандардите и регулативите кои ги побарале и воспоставиле земјите од ЕУ, истакна Бектеши на денешниот бизнис форумот насловен „Предизвици и потенцијали на заедничкиот регионален пазар-патот кон единствен пазар преку забрзана интеграција“.

Тој потенцира дека треба да се подигне стандардот на граѓаните и да се создадат можности за младите.

 - Скопје денеска е домаќин на министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE.

Министрите за образование и наука на Северна Македонија и Црна Гора и претставници на министерствата од Србија и Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот и експерти од Европската Унија, дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата што треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки.

Учесниците се согласија дека е важно да се зацврстат релациите и низ соработка во рамки на регионот да бидат конкурентни на глобалниот образовен простор.

Конференцијата ја отвори министерот домаќин Јетон Шаќири, кој рече дека очекува да се усвојат заклучоци што ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот.

 - Политиките насочени кон зајакнување на социјалното вклучување на ЛГБТИ заедницата би можеле да помогнат во градењето на поправедни и рамноправни општества и корист да имаат економиите на Северна Македонија и Србија, се оценува во најновиот извештај на Светска банка.

Според Светска банка, годишниот бруто домашен производ (БДП) на двете земји би се зголемил во просек за 0,6 отсто или вкупно 360 милиони американски долари, доколку се намалат бариерите за влез на пазарот на трудот за овие лица.

Извештајот на Светска банка покажува дека и Северна Македонија и Србија имаат воведено важни реформи со кои ги штитат правата на ЛГБТИ заедницата, но сепак овие лица продолжуваат да се соочуваат со дискриминација, при што ЛБГТИ лицата во Србија сè уште се со поголема веројатност да бидат економски обесправени споредено со општата популација, додека едно од седум ЛГБТИ лица во Северна Македонија сè уште се соочува со дискриминација на работното место при вработување, отпуштање и професионално напредување.

- За земјите да го постигнат својот целосен развоен потенцијал, вклучувањето е од суштинско значење. Пристапот до основните услуги и пазари и можноста за достоинствен живот се темелите на успешниот и одржлив развој, истакнува директорката на Светска банка за Западен Балкан, Шаочинг Ју.

Според министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дискриминацијата на членовите на ЛГБТ+ заедницата, не ги повредува само луѓето на индивидуално ниво, туку има негативен ефект и на нивните семејства, заедницата и пошироко.

 – Македонскиот јазик живее и низ преводите на стотиците странски македонисти во Европа и во светот како наши културни дипломати. Таа почит кон македонскиот јазик повикува и ние да ја негуваме љубовта кон сите останати европски јазици како културен идентитет на народите на нашето европско семејство.

Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по повод 26 септември, Европскиот ден на јазиците.

Како што пренесуваат од Минитерството за култура, таа порача дека европскиот ден на јазиците е ден и на македонскиот јазик, како еден од европските.

- Јазик преку кој во европската култура, наследство и традиција се вградени делата на нашата фолклорна традиција, но и на нашиот современ македонски израз. Со македонскиот јазик со Европа ги сооделивме и ги споделуваме делата на Конески, Шопов, Јаневски, Стефановски, Бужаровска и плејада други писатели и поети, рече Костадиновска-Стојчевска. 

- Државните кампањи не треба да се плаќаат. Платеното политичко рекламирање, пак, за кое се издвојуваат значајни буџетски средства, не влијае на изборот на гласачите, беше истакнато на денешната дискусија  на тема „Отворени прашања за изборното рекламирање со државни средства“ во организација на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги посочува дека со законските измени од декември 2018 година, се укина државното рекламирање, но само на радиодифузерите, но не и на печатените и социјалните медиуми, за што и денес се користат средства. Што се однесува до т.н. кампањи од јавен интерес, тоа не се кампањи од јавен интрес бидејќи според европската регулатива тие треба да се емитуваат бесплатно на јавниот сервис и не треба да се плаќаат. Може да има владина кампања и кампањи на државни органи и тоа го има и во сите западни демократии, но поделбата на средствата се врши под многу јасни и транспарентни критериуми.

 – Судскиот совет на денешната 455 седница ја разгледа анализата за потребниот број на судии во Врховен, Виш управен и четирите апелациони судови во Скопје, Битола, Гостивар и Штип.

Анализата го покажува оптималниот број на судии во секој од судовите за навремено и ажурно постапување, согласно приливот на предмети и ќе биде користена како основа при објавувањето огласи по судови низ државата.  

Според анализата во Врховен недостигаат десет судии, во Виш управен суд четири судии, во Апелационен суд Скопје 36 судии, во Апелационен суд Битола седум, во Апелационен суд Гостивар два и во Апелационен суд Штип четворица судии. 

-Изминатиот период пред 2015 година кога се распределуваа државни средства за т.н. кампањи од јавен интерес и сегашниот предлог на закон кој е во фаза на нацрт, бидејќи не е поминат на владина седница, а во кој на наш притисок овие кампањи се наречени државни кампањи, е чудно што кога некоја приватна компанија, сака да се рекламира критериум е уделот во гледаноста и слушаноста. Со сегашниот предлог закон парите се делат линеарно, што е апсолутно спротивно на каква било пазарна логика, вели Трајчевски.

- Во филмот „Зад сувите треви“ сакавме да го отсликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите. Целта беше да го претставиме темнилото што го носи главниот лик, и да помогнеме да се потенцира таа наративна линија со светлото и со движењата на камерата, рече кинематограферот Куршат Уресин на денешната заедичка прес-конференција со неговиот колега Џевахир Шахин, кои заедно работеа на овој филм во режија на Нури Билге Џејлан.

„Зад сувите треви“ е драмски филм на турски јазик кој синоќа имаше проекција во Центарот на култура во Битола, во рамките на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На прес-конференцијата во Битола, кинематограферот Џевахир Шахин посочи дека филмот е снимен на три локации во различно време. Дел од локациите се снимани во зима, а дел во лентиот период. Снимаа и на отворено и во студио. 

– Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља објави снимки од групата која во неделата ја нападна косовската полиција во селото Бањска во северно Косово. Тој вели дека меѓу напаѓачите е и потпретседателот на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Милан Радојичиќ, кој е на црната листа на САД и Велика Британија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Свечља рече дека Радојичиќ бил „водач на терористичка група и на нападот во кој беше убиен полицаецот Африм Буњаку“.

Снимките што ги објави косовскиот прв полицаец на својата страница на Фејсбук се од внатрешноста на православниот манастир во Бањска.

 – Спроведувањето на програмите за воена опрема и прашањата поврзани со управувањето со бегалско- мигрантската состојба, биле главните теми на денешниот состанок на Владиниот совет за национална безбедност на Грција, соопшти портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис, јави дописничката на МИА од Атина. 

Станува збор за редовен состанок што го свикува грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и се одржува во Премиерската палата.

 - Глобалниот пазар на жито треба наскоро целосно да закрепне поради рекордното производство на пченица, пченка и ориз. Според најновиот извештај на Светска банка, таквиот развој на настаните конечно ќе го стабилизира глобалниот синџир на производство и продажба на храна, објави хрватски Јутарњи лист.

Ако се знае дека растот на цените на прехранбените производи беше еден од главните предизвикувачи на инфлацијата во Хрватска, прогнозите на Светска банка се причина за умерениот оптимизам на хрватските потрошувачи. Стапката на инфлација на храната во Хрватска од ноември 2022 година до јуни годинава е во постојан пад, покажуваат најновите податоци на Светска банка.

Таквата инфлација во минатата година беше најголема во ноември 2022 година, кога изнесуваше 20,4 отсто. Во јуни таа изнесуваше 12,4 отсто, што е за 2,4 отсто помалку од претходниот месец.

Имено, во однос на јуни, производите од споменатата категорија во јули поскапеле за 0,3 отсто, додека еден месец подоцна поскапеле за 0,2 отсто, што може да се препише на туристичката сезона. Сепак, Хрватска останува меѓу европските земји со највисоки стапки на инфлација на храната, наведува весникот.

- Пакистанските сили убиле тројца припадници на пакистанските талибанци при рација во поранешно упориште на талибанците во близина на границата со Авганистан, соопшти денеска пакистанската армија.

Еден од командантите е убиен во вчерашната престрелка во Хајбер, се наведува во денешното соопштение.

Пакистанските талибанци - „Техрик-е-талибан Пакистан“ (ТТП) е посебна група во сојуз со авганистанските талибанци, кои го презедоа Авганистан пред две години, откако трупите на САД и НАТО се повлекоа од земјата, 20 години по војната.

Преземањето на власта во Авганистан, исто така, ги охрабри пакистанските талибанци да ги засилат нападите врз полицијата и армијата.

- Петмина Бугари осомничени дека се шпиони за Русија се појавија пред суд во Велика Британија кон кои има обвинение за „заговор за собирање информации што би биле корисни за непријателот“.

На тројцата мажи и две жени - сите Бугари - им беше одреден притвор во судот на Вестминстер.

Орлин Русев, 45; Бизер Џамбазов, 41; Катрин Иванова, 31; Иван Стојанов, 31; Вања Габерова (29) приведени во различни затвори, се појавија денеска кусо пред судот преку видео врска.

Сите тие се обвинети за заговор за собирање информации „наменети да бидат директно или индиректно корисни за непријателот со цел што е штетна за безбедноста и интересите на државата помеѓу 30 август 2020 година и 8 февруари оваа година“.

Следното рочиште е закажано за 13 октомври.
Ако бидат прогласни за виновни – казната е од 10 до 14 години затвор.

Остани поврзан