• понеделник, 23 септември 2024
МИА Радио флеш

23 септември 2024 

 

-Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во законодавниот дом оствари средба со претседателката на албанското Собрание Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава. Гаши и Спиропали одржаа заедничка прес-конференција, но за изјавата на Спиропали немаше обезбедено соодветен превод. Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

-На покана на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, утре во Брисел ќе учествува на официјалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК). - Ова е прво учество на министри од земји-кандидати за членство во Унијата, заедно со земјите-членки да бидат дел од формалниот ГАК на кој ќе се дискутира за Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, велат од Министерството за европски прашања. На утрешниот состанок, предвидено е да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со последниот Извештај на ЕК за владеење на правото 2024: судскиот систем, антикорупција, медиумски плурализам и слободата на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со контролните механизми.

-Долгогодишната успешна соработка меѓу НКЕУ-МК и Министерството за правда како и потврдена заложбата за нејзино продолжување во доменот на реформите и градењето на правната држава беа теми на разговор меѓу министерот за правда Игор Филков со координаторката на Конвенцијата, Милева Ѓуровска, копретседавачот од Европското движење во Република Северна Македонија, Мухамед Халили  и координаторката на РГ-3 – Правосудство и фундаментални права, Александра Деаноска Трендафилова. -Националната конвенција за ЕУ претставува платформа која дава можност на поширок круг на субјекти од научната и стручната област, граѓанскиот сектор и надлежните институции на државата да бидат дел од овој демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашања поврзани со Пристапните преговори за членство во Европската унија, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

-Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денеска во Загреб остварил билатерална средба со министерот за туризам и спорт на Хрватска Тончи Главина, со што ја почна дводневната работна посета на Хрватска. На средбата, како што соопшти Министерството за култура и туризам, која поминала во пријателска и конструктивна атмосфера, биле разменети мислења за развојот на туризмот и унапредување на соработката меѓу двете држави. Министерот Љутков ја истакнал одличната соработка меѓу двете пријателски држави, чии влади си даваат меѓусебна поддршка во сите области, вклучително и во областа на културата и туризмот. 

-Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се зголемуваат за 1,50 денари по литар, а на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) за 0,50 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Новата на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 75,00 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе изнесува 77,00 денари, а на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 67,50 денари.

- Народниот правобранител, на овој ден - 23 Септември, кога се одбележува Меѓународниот ден на знаковниот јазик ја истакнува важноста на знаковниот јазик како основно средство за комуникација на лицата со оштетен слух, при што потсетува дека знаковниот јазик не е само алтернативен начин на комуникација, туку тоа е богат и комплексен јазик кој ја одразува културата и идентитетот на заедницата која има проблеми со слухот. - Овој ден е важен за подигање на свеста за правата на лицата со оштетувања на слухот и служи за поддршка на различноста во комуникацијата, а со крајна цел промоција на инклузијата на лицата со попреченост, се наведува во соопштението од Канцеларијата на народниот правобранител.

- Албанскиот премиер Еди Рама, во говорот на 79-то Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, се задржал и на претходно изнесената негова идеја, Центарот за светски поредок на Бекташите да се трансформира во „суверена држава во Тирана, која ќе функционира по примерот на Ватикан“. Според него поддршката на неговата земја за овој проект се заснова на истите принципи кои отсекогаш ги имало во изјавата на Мајка Тереза, ​​дека „не сите можеме да правиме големи работи, но малите работи можеме да ги правиме со голема љубов“.

- Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Зарацин, изјави дека Косово може да се соочи со повици за исклучување од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и други казни доколку продолжи да го забранува увозот на стоки од централна Србија, јави дописникот на МИА од Белград. - Косово би можело да се соочи со повици за исклучување од Централноевропскиот договор за слободна трговија и други казни доколку продолжи да го забранува увозот од Србија, изјави Зарацин за БИРН.

-Поранешната словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија, Марта Кос е номинирна за нова еврокомесарка задолжена за ресорот проширување, процес со кој се опфатени земјите од Западниот Балкан, но и Украина и Молдавија. Кос генерално е на линија на политиката на ЕУ за поддршка на Украина во спротивставувањето на руската агресија, но нејзина изјава од 2022 година во некои кругови во Брисел предизвика загриженост дека таа би можела да има „помирувачки тон кон Москва“. Станува збор за изјава на Кос за „Журнал24“ од март 2022 година во која таа нагласува дека е потребно да се упатат критики кон Москва поради инвазијата врз Украина, но дека „не смее да се затворат вратите кон Русија“.

-Европа ќе мора да изгради „нова безбедносна архитектура“, а тоа ќе бара многу напор во контекст на промените во светот, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. -Очигледно, поради фактот што безбедносната архитектура на Европа брзо се менува, неопходно е да се изгради нова безбедносна архитектура за Европа, така што во иднина ќе треба многу напор, изјави Песков, пренесен од руските медиуми. Тој истакна дека во моментов се менува целиот систем на меѓународни односи. „Обновувањето на европската безбедносна архитектура ќе стане прашање за загриженост за Русија“, оцени Песков, бидејќи, како што наведе, таа треба да ги обезбеди своите интереси во оваа област и усвојување на соодветен систем на безбедносни гаранции.

-Европската Комисија издала извршна одлука за одобрување на финансиски придонес на Унијата во реализација на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“, соопшти алтернативниот министер за национална економија и финансии на Грција Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина. Одлуката е во рамките на програмата на европските структурни и инвестициски фондови за конкурентност, претприемништво и иновации 2014-2020 година, а вкупниот прифатлив трошок за завршување на проектот е одреден на 202 милиони евра.

-Според „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски неделава ќе им го претстави на американскиот претседател Џозеф Бајден и претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп, Украина ќе бара безбедносни гаранции слични на оние што ги имаат членките на НАТО. Како што пишува „Тајмс“, „Планот за победа“, покрај безбедносните гаранции, содржи уште три точки: продолжување на украинските операции во руската погранична област Курск со цел да го зголеми својот преговарачки удел, барање за „конкретно“ напредно оружје, како и меѓународна финансиска помош за обнова на Украина. 

-Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 50 луѓе загинале, а повеќе од 300 се ранети, меѓу кои деца, жени и медицински работници, во денешните израелски напади врз јужен Либан. „Според првите податоци, 50 лица загинаа, а повеќе од 300 се повредени во израелските напади врз локалитети и села на југ. Меѓу нив има деца, жени и работници на итната помош“, се вели во соопштението на Министерството. Израелската војска денеска започна нови напади врз позициите на Хезболах во Либан, откако откри дека проиранската група се подготвува да го нападне Израел, изјави портпаролот на израелската војска. Тој ги повика жителите на Либан да се држат настрана од тие места.

 

Остани поврзан