• петок, 29 март 2024
МИА Радио флеш

9 јуни 2023

 – Припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО), денеска во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец со воена свеченост го одбележаа 10 јуни - Денот на единицата. На свеченоста присуствуваа заменик-министерот за одбрана, Тирон Јајага, заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во МО, Владимир Анчев, началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата и други високи гости, соопшти МО. По тој повод пред присутните се обратија началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски.

-Увозните цени од одделот Кокс и рафинирани нафтени производи (19) во април годинава се пониски за 3,9 отсто на месечно ниво и за 26,4 проценти на годишно ниво. Според податоците на Државниот завод за статистика, во април моторниот бензин е поскап за 1,5 отсто во споредба со март 2023 година, а поевтин за 16,7 отсто во споредба со април 2022 година. Дизелот, пак, е поевтин за 5,3 отсто на месечно, односно за 29 отсто на годишно ниво.  

- Климатските промени имаат сѐ поизразено влијание и затоа треба да преземат мерки за управување во процесот на производство на грозје и вино, со цел да се добие подобар краен производ. Справувањето со влијанијата на климатските промени и долгорочниот опстанок и развој на винската индустрија се возможни само преку континуирана примена на стандарди, научни истражувања, мерења и практики за одржливо лозарство. Ова е една од клучните препораки на експертите кои учествуваа на стручната конференција организирана од винарската визба „Тиквеш“, во рамки на тригодишниот транснационален Проект „Откривање на руралното наследство: автохтоно производство на ферментирани пијалаци за локална и еколошка одржливост“.

 - СДСМ во текот на денешниот ден ќе има седници на Извршниот и Централниот одбор на кои ќе се дискутира за начинот и текот на дискусијата со ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција пратеникот и портпарол на партијата Дарко Каевски. -Уште еднаш ќе потенцираме, добро е што Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се согласуваат за уставните измени затоа што со тоа ќе придонесеме заеднички да ја исполниме децениската аспирација на граѓаните и нешто што им должиме на граѓаните, а тоа е европскиот пат на државата, рече Каевски. Разговорите очекува да продолжат во позитивен правец.

- Катерина Јовановска, советник во Град Скопје и координатор социјалниот сектор на Левица на денешната прес-конференција информира дека двајцата пратеници од неговата партија до Собранието поднеле измени на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот  заштита на децата за, како што рече, подобрување на правата на лицата со попреченост. Со овие измени, според Јовановска, Левица предлага зголемување на паричниот додаток на лицата со попреченост и посебниот додаток за децата со попреченост за 78 проценти. Исто така, предлагаат зголемување на услугите за лична асистенција од 80 на 160 часа месечно.

- Претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, амбасадорот Елчин Амирбајов, во контекст на македонското претседателство со ОБСЕ, ги нагласи заложбите на нашата држава за мирно решавање на конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во регионот Нагорно Карабах и изрази поддршка за сите напори што водат кон мир и за иницијативите што го олеснуваат дијалогот.

 - Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија. 

- Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби.

-Во основното училиште „Ѓорги Сугарев“-Битола се изведува туторска настава за 70 ученици Роми од второ, трето и четврто одделение. Од Општина Битола информираат дека туторската настава се реализира со цел да се унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основно образование.

 - Почина 47 - годишната жена што беше тешко повредена во сообрајката во тунелот кај Демир Капија. - Основното јавно обвинителство Кавадарци изврши увид на местото на настанот и ќе нареди сообраќајно вештачење за да се утврдат причините на несреќата. Наредена е и обдукција на починатата 47-годишна жена - возач која била сама во автомобилот, велат од Обвинителството за МИА.

 - Во организација на Центарот за економски политички, анализи и консалтинг (ЦЕПАК), со поддршка од НАТО,  денеска се одржа завршната активност - семинар со панел дискусија, како дел од проектот под наслов „Учи и управувај, денес и во иднина“. 

– На едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница. Од нив, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), 19.532,54 денари или 44,34 отсто биле потребни за исхрана и пијалаци, 13.392,85, односно 30,41 отсто отсто за домување, 3.196,9  денари за хигиена, 3.720,1 за превоз, 2.315,759 за облека и обувки, 1.067,86 за култура и 821,47 денари за одржување на здравје, или вкупно 44.047,52 денари.

– Годишната инфлација во Грција во месец мај дополнително се намалила и изнесува 2,8 отсто, меѓутоа цените на прехранбените производи остануваат високи, согласно официјалните податоците од грчката служба за статистика јави дописничката на МИА од Атина.  Инфлацијата се намалила за 0,2 проценти во споредба со еден месец претходно, но намалувањето се должи на падот на цените на нафтата, природниот гас и електричната енергија, со оглед на тоа што инфлацијата на прехранбените производи изнесува 11,6 отсто. За една година, од мај 2022 до мај 2023 година цената на електричната енергија се намалила за 24,1 процент, на природниот гас за 49,6 отсто, а на нафтата за греење 20,7 проценти.

-Американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил денеска изјави дека САД сакаат подобри и подлабоки односи со Србија и ја гледаат државата како добар партнер со кој може да соработува.  „Верувам дека Србија сега носи добри одлуки и оди во вистинската насока. Секако дека се уште ќе има тешкотии, но САД ја гледаат Србија како добар партнер со кој може да соработува и со кој ќе биде поблиску во иднина“ изјави Хил во Стопанската комора на Србија. Тој рече дека не е тајна оти САД ја поддржуваат Србија на нејзиниот пат кон полноправно членство во Европската унија.

 - Русија ќе почне со распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија откако постројките ќе бидат готови на 7 и 8 јули, соопшти рускиот претседател Владимир Путин по денешната средба во Сочи со својот белоруски колега Александар Лукашенко. „Значи, се е според планот, се е стабилно“, навел Путин, според транскриптот од разговорот објавен од Кремљ. „За најчувствителните прашања за кои се договоривме, сè се одвива според планот. Како што знаете, подготовката на соодветните капацитети завршува на 7-8 јули и веднаш ќе започнеме со активности поврзани со распоредување на соодветните типови оружје на вашата територија“, му рекол Путин на Лукашенко, пренесува Анадолија.

-Шведска ќе му дозволи на НАТО да распореди војници на нејзина територија дури и пред официјално да се приклучи на Алијансата, изјавија денеска премиерот Улф Кристерсон и министерот за одбрана Пал Јонсон. Минатата година Шведска поднесе барање за влез во НАТО поради рускиот напад врз Украина, но Турција и Унгарија го одложија нејзиниот прием. „Владата одлучи дека шведските вооружени сили можат да спроведуваат подготовки со НАТО и земјите-членки за да овозможат идни заеднички операции. Подготовките може да се состојат од привремено сместување на странска опрема и персонал на територијата на Шведска“, соопштија шведските власти.

-Во Албанската академија на науките во Тирана беше промовиран српско-албанскиот речник на доајенот на албанското новинарство и публицист од Северна Македонија, Реџеп Златку. Беше оценето дека ова дело ќе биде важно не само за Балканот, туку и за лингвистиката на глобално ниво. Како што вели авторот, кој по потекло е од Дебар, идејата да се создаде ова капитално дело, кое било наменето за луѓето од два народа, потекнува од средношколските денови во интернатот во Приштина, каде што во 1953 година го напуштил Тетово каде што учел, бидејќи во Дебар во тој период сеуште немало средно училиште.

 - Украинската служба за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека пресретнала телефонски повик со кој се докажува дека руска „диверзантска група“ ги разнела хидроцентралата и браната Каховка во јужна Украина, пренесе Хина. 

-Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж е „опасно блиску“ да биде екстрадиран во САД, откако на суд му беше одбиена уште една жалба, соопшти неговото семејство. Неговите адвокати велат дека повторно ќе се жалат до истиот суд, поради стравувањата дека би можел да го помине остатокот од својот живот во затвор поради објавување на неколку илјади доверливи воени и дипломатски документи.

 - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека новиот договор на европските министри за внатрешни работи за реформа на миграциската политика е „неприфатлив“. „Брисел ја злоупотребува својата моќ. Тие сакаат на сила да ги преселат мигрантите во Унгарија“, рече Орбан, а на Твитер го постира портпаролот на унгарската влада, Золтан Ковач.

- Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за два клучни законски предлози за миграција и азил, објави шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард. Договорот е постигнат доцна синоќа, по целодневните преговори во Луксембург.

 - Пет лица се уапсени во Србија, Германија и Романија поради криумчарење околу 800 мигранти. Полицијата уапсила едно лице во Србија, а четворица на територијата на Германија и Романија поради сомнение дека криумчареле околу 800 мигранти од Турција во Германија, соопшти МВР на Србија.

 - Објавен е датумот на церемонијата на доделување на Златната топка. Францускиот магазин „Франс Фудбал“ ќе го објави името на најдобриот фудбалер во светот на крајот од сезоната 2022/23 на 30 октомври за време на специјална церемонија во театарот „Шателе“ во Париз. Имињата на номинираните ќе бидат објавени на 6 септември. Во 2022 година, Златната топка ја прими напаѓачот Карим Бензема, кој играше за Реал Мадрид.  Од 2022 година наградата се доделува врз основа на резултатите од сезоната, а не според календарската година.

 

Остани поврзан