
28 септември 2023
- Законот за амнестија ја доби поддршката во владина постапка и за десет дена истиот закон ќе биде пред пратениците во Собрание. Тврдам дека ниту еден избран или именуван од страна на институциите нема да биде опфатен со амнестијата, исто така ниту семејното насилство и предмети врзани со семејно насилство нема да бидат дел од амнестијата. Значи се повторува законот од 2018 година, кога предлагач беа сите политички партии, со тоа што беше и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ, ДУИ, Алијанса и сите други политички партии кои се дел од Собранието, изјави денеска министерот за правда Кренар Лога.
Тој нагласи дека очекува поддршка од сите пратеници и политички партии, бидејќи, како што рече, ова не е за секојдневната политичка агенда туку, произлегува од неговата посета на затворот Идризово.
- Видовите и сами дека државата не е на ниво, на тоа што го бара законот и на тие стандарди кои се дел од нашиот систем. Очекувам поддршка и освен албум со слики од мојата посета, ќе купам и огледало, за секој пратеник да се гледа пред да гласа за овој закон. Јас носам одговорност за условите за овие шест месеци, сите други треба да сносат одговорност од 1945, а особено од 1991 година, нагласи Лога.
Ако државата нема можност да ги рехабилитира лицата со помали тешки дела, тогаш, посочи Лога, тие ќе треба да се вратат дома како насилници или како криминалци.
- Одоговорност за случајот со онкологија ќе има и одговорните за евентуална злоупотреба ќе бидат изнесени во јавноста со име и презиме, истакна денеска заменик министерката за здравство Маја Манолева одговарајќи на прашањето на пратеникот Петар Ристески ВМРО - ДПМНЕ.
На денешната Собраниска седница посветена на пратенички прашања, Ристевски забележа дека по еден месец од скандалот со онкологија сеуште нема разрешница, изнесувајќи информации од јавноста дека починати пациенти се на листата за терапија, која се препродавала на црниот пазар во земјава и странство.
- Кому се му биле издавани цитостатици, дали странски државјани биле лекувани со цитостатици од македонски осигуреници. Кој дозволил незаконско и неуставно делување на пациентите, во чии џебови се украдените пари и дали има лоцирана одговорност, се дел од прашањата кој пратеникот ги постави до Министерството за здравство.
Заменик министерката Манолева, пак кажа дека постапката со случајот на онкологија не е завршена и согласно тоа неможе да се даваат квалификации дека никој за ова нема да одговара.
- Сите основни прехранбени производи што граѓаните ги користат во секојдневна употреба се дел од листата на производи што ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5 отсто. Листата што денеска ја усвои Владата содржи над 1.600 производи и се проширува со производи како што се електронските/дигитални учебници и други производи. На оваа листа на повластена стапка на оданочување остануваат и пелетите за загревање, информираат од Министерството за финансии (МФ).
-Согласно донесената Одлука од страна на Владата, граѓаните и натаму ќе ги купуваат производите со пониска даночна стапка како што се лебот, белиот шеќер, брашното, маслото од сончоглед, млекото и павлаката, месо, јајца, сирење, урда, кашкавал, овошје и зеленчук, тестенини, супи, ајвар, природен мед, сол, кечап и слично. Листата е долга и содржи голем број производи кои граѓаните ги користат и се на трпезата во секојдневната исхрана. Станува збор за над 1.600 производи кои имаат најниска повластена стапка на оданочување, велат од МФ.
- Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби се сретна со специјалниот пратеник за трговија на Обединетото Кралство за Западен Балкан Мартин Викерс, придружуван од британскиот амбасадор Метју Лосон.
Груби и Викерс разговараа за билатералните односи, економско-трговската соработка, Британската бизнис асоцијација и поддршката за регионалната стабилност и безбедност како и проектите што се реализираат вклучително и железничката пруга Скопје - Драч, Клиничкиот центар како и целосна дигитализација на Владата и владините служби.
-Односите меѓу двете држави беа оценети како стабилни, вклучително и економската и комерцијалната соработка, при што Груби истакна дека Обединетото Кралство е втор по големина инвеститор во земјата, додека Северна Македонија е првиот трговски партнер од Западен Балкан, соопштија од Министерството за политички систем.
- Реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје е веќе отпочната, но наиде на пречки со проектната документација во јули 2021 година, истакна на денешната прес-конференција градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсова. Токму поради овие пречки, додаде таа, се вклучи и Министерството за култура.
- И оваа постапка како што е во својата фаза во последниот квартал на извршување Министерството треба само да го доврши и понатаму да отпочне новата постапка која што е за средување на внатрешноста на самиот објект. Така што, ова е отпочнат проект, само продолжува со својата реализација и во рамки на динамиката која што беше претходно утврдена верувам дека навреме ќе биде завршен, вели Арсовска.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека кога ќе ја добијат целосната документација и одлука од Град Скопје на неа ќе работи тим, којшто веќе е формиран од Одделот за капитални инвестиции и надворешни соработници.
- Мостот „Беласица“ е безбеден и тоа постои како податок според вештачењето. Но, за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел. ЕСМ ја презеде обврската за санација во долниот дел и откако тоа ќе заврши, тогаш ќе треба да се почне со поставување на цевките за топлинска енергија кои што се извадени после пожарот што во мај го зафати мостот, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
Таа додаде дека мостот има минорни оштетувања, кои не ја ефектуираат стабилноста и безбедноста.
-Постојат минорни оштетувања на мостот кои не ја ефектуираат стабилноста и безбедноста, меѓутоа тој мора да се санира првенствено од штетата која што е предизвикана од горењето. Таа санација не ја прави ниту Градот Скопје, ниту трето лице, ја прави оној којшто треба да ја изврши монтажата на тој потег. Откако ЕСМ ќе заврши со иницијалната санација, ќе отпочне со монтирање на цевководот. И едното и другото се нивна обврска. Во ова Градот Скопје нема никаков импут, никаква обврска, ниту пак некакво влијание, а не е надлежна во одреден рок да им наложи да ги монтираат работите кои се во интерес на тоа да се отпочне грејната сезона на време, изјави Арсовска, по денешната прес-конференцијата поврзана со изборот на Скопје - европска престолнина на културата 2028.
Градоначалничката најави и постапки против лица кои што ширеле лаги и невистини за безбедноста на мостот „Беласица“.
- Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска вели дека и е многу мило што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се занимава со неа во изминатите две години и му посака да продолжи така, бидејќи како што вели, сакајќи да си го подигне својот рејтинг, очигледно работи да го подобри и нејзиниот.
Арсовска го изјави ова по денешната прес-конференцијата за изборот на Скопје за европска престолнина на културата 2028, на прашањето дека Мицкоски на неа и на Никола Груевски им посакал среќа што и да работат.
-Немам ништо што повеќе да му додадам, неговите очигледно лаги и манипулации и закани во изминатите две години, na којшто никој притоа не реагираше, ниту еден човек не излезе во одбрана на она што се случува во делот на заштита на правата на жената и на насилството коешто се одвива, наспроти она коешто сакаат да го прокламираат од другата страна како декларативна, вели Арсовска
- Членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација од цела држава, денеска протестираат во Скопје со барање за зголемување на платите за 78 проценти и враќање на додатоците на плата.
Протестот почна пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, продолжи со краткотрајни собири пред Собранието и Министерството за правда, по што учесниците се упатија пред Владата.
По почетокот на протестот, од Синдикатот информираа дека се повикани на средба во Министерството за правда во 14 часот.
Упатија пораки за достоинствени плати и предупредија дека без нив не може да функционира судството.
- Судската служба повторно е на улица. Пред почетокот на судската ферија само скопските судови излеговме на двочасовен протест и побаравме 78 проценти покачување на плата и враќање на додатоците на плата како што тоа го добија функционерите. Денеска членовите на Синдикатот на УПОЗ и други вработени кои не се членови од сите судови во државата се во Скопје. Овие луѓе што се тука собрани морале да се борат за секое право што го имаат добиено – во 2002 година 80 дена штрајк, во 2016 година – 60 дена штрајк, сега од 2.000 вработени во судовите 1 000 вработени се тука во Скопје и ако тоа не е доволна порака за надлежните да го слушнат нашиот глас не знам што ќе биде, изјави Трпе Деановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, на собирот пред ССМ.
) - Ако порано на патот за Охрид после Кичево можеше да се сретне по некој „див“ продавач на мед, денес тоа е секојдневие. За жал, ова зема се поголем замав па е „раширено“ и на потегот од Градско накај Прилеп, велат пчеларите.
Тие предупредуваат дека е се поголема продажбата на фалсификуван мед и затоа треба да се купува само од проверени, вистински, регистрирани производители.
-Како да се препознае вистинскиот мед од напливот на се поголемиот број фалсификати? Денес, за жал, се повеќе има мед помешан со разни сирупи за да се обезбеди брз профит, но така се уништуваат природните својства на медот, што, пак, кај консументите предизвикува различни аномалии и телесни нарушувања. Нам ни останува да ја вратиме довербата кај потрошувачите, а тоа може да го направиме само преку правилна едукација и поддршка која ја бараме од институциите - Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за земјоделство и Државниот пазарен инспекторат, истакнуваат од здружението „Матица“.
- Министерството за внатрешни работи ја демантира дезинформацијата која, како што велат, ја шират неколку интернет портали за некаква поврзаност на вработен во МВР со дрогата која беше пронајдена вчера при претрес во подрумски простории во зграда во скопската населба Автокоманда.
- Станува збор за класична лага. Дрогата е пронајдена во координарана акција на повеќе организациски единици на МВР и тоа во узурпирани подрумски простории, при што е приведен сопственикот на дрогата, односно сторителот на кривичното дело, се вели во соопштението.
Од МВР посочуваат дека за акцијата е објавено и соопштение со фотографии од запленетата дрога.
- Нападот врз косовските полицајци во неделата беше терористички напад и тој треба да се истражи и неговите извршители и оние кои го испланирале треба да се соочат со правдата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
- Ова позиција на ЕУ е повторена неколку пати и нашите партнери знаат за неа, додаде Стано на денешната прес-конференција.
Запрашан за коментар за изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека според Договорот од Брисел меѓу Белград и Приштина, убиените косовските полицајци во неделата воопшто не требало да бидат таму, Стано изјави дека ЕУ нема да ги коментира поединечни изјави што доаѓаат од регионот.
– Претседателот на опозициската Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи, изјави дека Косово во неделата се соочи со терористички напад организиран од српската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
На почетокот на седницата на Собранието на Косово, која пратениците се договорија да ја започне со предлог-резолуција за казнување на нападот на северот, Красниќи истакна дека намерите на Србија кон Косово не се завршени.
- Денеска, пред сé, не можеме да зборуваме за нашите внатрешно-политички битки. Поразот на терористичката група во Бањска не е крај на целите и намерите на Србија кон Косово – нејзина цел и намера е екстремна дестабилизација на Косово. А, Косово денеска е на удар и сите ние, без исклучок, мораме да бидеме на ниво на нашите должности и одговорности, рече Красниќи.
- Низ цела Србија градоначалници и претседатели на општитните почнаа да поднесуваат оставки, што е во корелација со вчерашната изјава на претседателот Александар Вучиќ, дека „парламентарните, покраинските и белградските избори ќе се одржат заедно, како и во некои општини и оти тие може да се одржат на 17 декември“, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што неофицијално дознава „Политика“, иницијативата за оставки дошла од врвот на СНС, а причината се наводно претстојните избори, поради што најверојатно сите градоначалници и претседатели на општини во Србија од владејачката коалиција ќе поднесат оставки според истото сценарио.
Досега, според неофицијалните информации на агенцијата Бета, од таа функција се повлекол долгогодишниот градоначалник на Лесковац, Горан Цветановиќ.
– Косовскиот премиер Албин Курти го повика меѓународниот фактор да ја санкционира Србија по вооружениот напад во Бањска и Звечане во неделата, порачувајќи дека, доколку тоа не се случи, таа може да го повтори злосторството, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во неговото обраќање на денешната седница на Собранието на Косово, Курти рече дека вооружените напаѓачи кои избегаа од Бањска во Србија треба да им бидат предадени на косовските институции за спроведување на законот.
- Во неделата доживеавме агресивен напад на криминалните и терористичките банди на Србија, не само против полицијата, туку и против државата, поредокот на нашата Република. Беше тежок ден за нашата земја. На полицијата ќе и недостасува посветен член. Но, неговото убиство се претвори во зголемена посветеност за борба против терористичките банди и победа во битката против нив. Терористите или се убиени, или уапсени, или се гонат по бегството, рече Курти.
- Отсечени свински глави биле оставени на куќните прагови на тројца руски пропагандисти во последните седум дена.
Весникот „Новаја газета“ пишува дека колумнистот на РИА, Тимофеј Сергејцев, фоторепортерот на Тасс, Михаил Терешченко и воениот аналитичар Константин Сивков, пронашле отсечени свински глави на праговите од нивните домови.
Сергејцев пакетот со свинската глава го добил на 26 септември, Сивков на 20 септември, а Терешченко на 19 септември. Наводно, при претресот во куќата на човекот кој го доставил пакетот на Терешченко, биле пронајдени уште четири пакети со свински глави. Меѓутоа, руската полиција не утврдила кој стои зад овие дела.
Руските медиуми јавуваат дека полицијата потврдила дека е отворена истрага.
Тројцата руски пропагандисти и претходно добивале закани.
- Принстон, еден од најпрестижните универзитети во САД, најави нова политика за трошоците за студии. Од оваа година „мнозинство од семејствата што заработуват до 100,000 долари годишно нема да плаќаат школарина“ за студии, а финансиска помош можат да добијат и оние со плата поголема од 100,000 долари, соопшти денеска Волстрит журнал.
Принстон со оваа промена прави нова историја. Слично како и во 2001 година кога стана првиот од „Ајви лигата“ (Ivy League) на елитни високообразовни установи на САД што даде ветување на студенти дека ќе можат да завршат Принстон без да земат студентски кредити.
За 2023-24 судиска година ценовникот на овој универзитет покажува вкупни трошоци 83,140 долари, вклучувајќи 59,710 за школување и 11,400 за сместување.
Во минатото трите големи од Ајви лигата (Харвард, Јејл и Принстон) годината секогаш ја започнувале со зголемени цени, смета Ричард Ведер, експерт за студенстки трошоци.