• вторник, 23 април 2024
МИА Радио флеш

31 мај 2023

- Премиерот Димитар Ковачевски во изјава за МИА дадена во Братислава вели дека на средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ќе се разговара за две работи - за одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи.

- Не постои држава која што требала да донесе потешки и помачни одлуки од нас. Северна Македонија го промени името за да стане членка на НАТО и членка на ЕУ. И кога се заврши со референдумот, кога Собранието изгласа, НАТО испорача, а ЕУ не, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на панелот на темата „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки Глобалниот безбедносен форум Глобесек 2023 во Братислава.

 - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска, во рамки на учеството на безбедносниот форум Глобсек во Братислава, имаше билатерална средба со министерката за Европа и клима на Германија, Ана Лирман. Во фокус на разговорите беше нашето европско досие, при што Османи брифираше за претстојниот процес на донесување на уставните измени, со цел отворање на првиот кластер од пристапните преговори и во овој контекст, се заблагодари за цврстата германска поддршка, соопшти МНР.

- Во Собранието денеска продолжи седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на чиј дневен ред е утврдување на предлози за избор на членови на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија. Отворена е расправата за првата кандидатка Светлана Жупаноска, судски соработник во Основниот граѓански суд - Скопје. 

 - До Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се пристигнати сите барања за цената на струјата и доколку бидат прифатели тоа би значело нејзино зголемување за 13 проценти, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимовски. РКЕ во наредниот период ќе ги анализира  барањата, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 следниот месец.

- На онкологија сега има терапија и сите пациенти се покриени. Ние превентивно преземаме мерки, за да не доаѓаме во тешки ситуации да нема лек, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити во врска со реакциите од пред извесно време за недостиг на лекови на Клиниката за онкологија.

- Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се обрати на годишната конференција „Преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија – премногу рано или премногу доцна за нов закон за работните односи?“ во организација на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, а со поддршката на Меѓународната организација на трудот.

 - Околу 6.000 британски туристи се очекуваат ова лето во Охрид со воведувањето на двете нови авиолинии на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од аеродромите во Лондон и Манчестер што од денеска почна да ги реализира авиокомпанијата ТУИ ервејс Велика Британија.

- Со поставување на табли, но и со интернет апликации, граѓаните ќе се информираат за можноста и забраните за движење со моторни возила во секоја од зоните во националниот парк Шар Планина. Таблите се подготвуваат во дирекцијата на установата, а ќе се поставуваат на влезовите во националниот парк.

-  По евиденцијата на објектите на територија на националниот парк Шар Планина, во следните фази ќе определат тие кои може да се легализираат со цел во иднина да се користат за туризам, најави денеска директоротот на Националниот парк, Ибрахим Дехари. Од овааа установа беше организираше средба со повеќе засегнати страни и еден од главните поддржувачи Програмата за животна средина при Обединетите Нациии - УНЕП.

 - Министерството за труд и социјална политика ги одзеде ингеренциите на општина Куманово за поставување директор на градинката „Ангел Шајче“, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој најави дека решението ќе го обжали пред надлежен суд.

– Зајакнување на законската регулатива, лична одговорност, информираност, практична примена и соодветни финансиски средства се дел од предизвиците за соочувањето со говорот на омраза кои беа дискутирани на отворањето на денешната конференција „Општество без омраза: заедничка заложба и заедничка цел“ на која беше промовирана Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза.

 - Од утре почнува летното работно време на јавните површини наменети за паркирање - зонско, со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ – Скопје. Работното време во зоните А, Б, Ц и Д од понеделник до сабота ќе биде од 7:00 до 23:00 часот.

- Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во своето обраќање на Форумот на Глобсек 2023 во Братислава, претстави нова иницијатива за Западен Балкан, порачувајќи дека „не е доволно да се каже дека вратата е отворена“ и дека „ЕУ, исто така, мора да преземе одговорност за приближување на земјите-кандидатки многу поблиску“.

 - Србија треба да прифати дека Косово е независна држава, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пренесува Хина. Србија мора да разбере и прифати дека Косово е независно. За жал, тоа не го прифаќаат уште неколку земји-членки на ЕУ, истакна Милановиќ.

- Првата и втората политичка сила во Бугарија - ГЕРБ и „Продолжуваме со промената - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) ги обновија меѓусебните преговори и разговараат за состав на редовна влада. Ова се случи откако во саботата ГЕРБ ги замрзна преговорите со ПП-ДБ по протечената снимка од состанокот на ПП и најави дека може да ги обнови, но под нови услови.Вчера, од ГЕРБ номинираната за премиер Марија Габриел изјави дека разговори може да има, „само ако се преиспитаат форматот, составот, личностите, моделот, принципите и довербата“. Следуваше сигнал од ПП-ДБ дека тоа не е исклучено. Преговорите продолжија денеска, јавуваат бугарските медиуми.

- Европратениците утре ќе гласаат за резолуцијата за кршење на владеењето на правото и основните права во Унгарија и замрзнатите фондови на ЕУ, што ја доведува во прашање и способноста на земјата кредибилно да претседава со Советот на ЕУ за нешто повеќе од една година. Во резолуцијата европратениците предупредуваат дека доколку Советот не преземе ништо, Европскиот парламент ќе преземе „соодветни мерки“, пишува Политико.

 - Светската банка (СБ) денеска и одобри заем од 50 милиони долари на Босна и Херцеговина, наменет за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот, кое секоја година предизвикува илјадници предвремени смртни случаи во таа земја. Како што најавија од канцеларијата на СБ во Сараево, заемот треба да се искористи за намалување на емисијата на честички прашина со дијаметар помал од 2,5 микрометри кои се таложат во респираторниот тракт, што доведува до респираторни инфекции, рак, кардиоваскуларни заболувања и прерана смрт.

– Во Софија ќе биде забрането возење електрични тротинети во паркови, градини, на плоштади, тротоари и низ пешачки патеки. За непочитување на забраната предвидена е парична казна од 50 лева (околу 25 евра). Забраната за возење на електрични тротинети е на иницијатива на групите ГЕРБ-СДС и Патриоти за Софија во Советот на општина Софија. Двете партии имаат мнозинство во Советот и новите регулативи најверојатно ќе бидат усвоени до средината на јули доколку не наидат на сериозно противење во јавноста.

- Тимот на Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) кој ги изучува неидентификуваните летачки објекти има закажано брифинг денеска за дискусија со јавноста за видовите податоци што агенцијата може да ги собере и оцени за подобро познавање на НЛО и од каде тие доаѓаат. Тимот, оформен од НАСА лани, има задача да изучува „неидентификувани аномални феномени“, фраза што американските власти ја употребува за она што е општо познато како НЛО. 

Остани поврзан