• сабота, 09 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

29 септември 2023

 

- Собранието на Северна Македонија денеска продолжи со работа по 126. пленарна седница со разгледување на Предлог одлуката за распределба на средства меѓу буџетските корисници. Министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето истакна дека главна цел на  Предлог одлуката  е распределба на барањата коишто произлегуваат од синдикатите каде што се предвидуваше зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 10 отсто вклучувајќи ја и исплатата за септември и на крајот на годината 10.000 денари К-15, што е дел од Колективниот договор, како и средства за второ зголемување од 6 отсто за пензионерите, според Законот. Тој додаде дека оваа година воведена е Методологија за зголемување на средствата за социјалните трансфери во субвенции. Исто така и поддршката што им се дава на домашните и странските компании, за здравство, односно за лекови за пациентите со цистична фиброза и со дијабет. 

- Најголемата приватна фотоволтаична централа на Балканот „ФЕЦ Новаци“ со капацитет од 55 мегавати и проектирано годишно производство од 85.000 мегават часови електрична енергија, инвестиција на компанијата Меј Енерџи од 40 милиони евра што се простира на површина од 57 хектари во општина Новаци на само 50 метри од одлагалиштето на јаловина од рудникот Суводол, денеска официјално беше пуштена во работа. Централата ќе ги задоволува годишните потреби на 30.000 семејства за електрична енергија. -Зборуваме за иднината и за нови проекти кои носат стабилност и сигурност во снабдувањето со електрична енергија што значи силна економија и подобар животен стандард за граѓаните. Не случајно не нарекуваат земја на сонцето. Убеден сум дека оваа фотоволтаична централа ќе дава за 20 до 25 отсто повеќе од предвидениот капацитет од 85.000 мегават часови зашто сончевата инсолација во нашата земја е најдобра во однос на сите држави во светот, рече премиерот Димитар Ковачевски во својот говор. Тој посочи дека оваа земја на сонце која во моментов е пример за енергетска трансформација може да биде најдобриот пример како земја-членка на ЕУ за зелен центар на ЕУ во моментот кога до 2030 година ќе станеме земја-членка на Унијата.  

-  Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ треба да раководи со Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, според одлуката на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, којашто денеска го утврди составот на комисијата. Според одлуката, членови на Комисијата ќе бидат Антонијо Милошоски, Гордана Сиљановска Давкова, Иванка Василевска, Љупчо Пренџов и Петар Ристески од ПГ на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Даниела Маркоска, Ненад Коциќ, Мартин Костовски и Марија Георгиевска од СДСМ и коалицијата, Арбен Зибери и Бедри Фазли од ДУИ и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.  Заменик претседател, според утврденит предлог, ќе биде Александар Вељановски (ВМРО-ДПМНЕ), а заменици членови Дајанчо Ефтимов, Дафина Стојаноска, Драган Ковачки, Тони Јаревски, Зоран Коцевски (ВМРО-ДПМНЕ) Миле Талевски, Маја Морачанин, Бети Рабаџиевска Наумовска и Соња Мираковска (СДСМ и Коалицијата) Бајрам Кадрија и Берат Ајдари (ДУИ) и Артина Казими од Алијанса за Албанците. Составот на Анкетната комисија треба да помине и на пленарна седница.

- На автопатот Куманово – Скопје, во близина на селото Романовце утринава во 04:30 часот полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки во Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност го лишиле од слобода Ф.Т.(56) од Турција, со живеалиште во Скопје.Како што соопшти МВР, при контрола во автобус „мерцедес“ со турски национални ознаки, кој го управувал, биле пронајдени и одземени 81 кутија таблети „ксарелто“, повеќе штеки цигари, медицинско помагало, повеќе комплети брендирана спортска облека и 10.000 казино картички за кои не поседувал документација.

- Медиумската информативна агенција (МИА) втора година по ред се приклучи на „Медиумскиот ден на средношколци“ што го организира Институтот за комуникациски студии.Средношколци од четири училишта во државата ја посетија МИА и се запознаа со работата на Агенцијата, која дневно продуцира околу 400 вести и други медиумски продукти на македонски, англиски и на албански јазик.Учениците се запознаа со начинот на продукција на вестите и другите медиумски продукти, а посебно внимание беше посветено на тоа како да се препознаат дезинформациите со кои е преплавен медиумскиот простор.

- Уставниот суд донесе одлука за поништување на Правилникот за изменување и дополнување на правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен од собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП Скопје бр.281/22, оспорен во предметот У.бр.25/2023.  -Судот утврди дека овој Правилник има ретроактивна примена на новиот систем за поентирање на авторските дела, што е спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство. Уставниот суд оцени дека ретроактивно се предвидува пониски коефициенти за пресметка на авторскиот надомест за емитуваните авторски дела во 2022 година, споредено со коефициентите што во тековниот период биле предвидени, па оттука авторите согласно оспорениот Правилник треба да добијат помалку материјални средства од очекуваниот износ, информираат од Уставен суд.

- Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, денеска во Стразбур, Франција ќе учествува на 26-та сесија на Конференцијата на министри за образование на Советот на Европа, која се одржува на тема „Трансформативната моќ на образованието: универзални вредности и граѓанска обнова“.  Шаќири, како што информираат од МОН, ќе има свое излагање на панел дискусијата „Искористување на придобивките од дигиталната трансформација во образовниот процес“ и ќе се осврне на досега реализираните системски промени и спроведени проекти, како и на планираните активности на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука за забрзување на процесот на дигитализација на образованието.

- Од ноќеска на полноќ малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се намали за 2 денара, додека цените на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), на екстра лесното масло за домаќинство и на мазутот М-1 НС не се менуваат, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Моторниот бензин ЕУРОСУПЕР БС ќе биде 95 87 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС 98 89 денари, дизел горивото ќе чини  85,50 денари, екстра лесното масло 85 денари, а мазутот 48,715 денари за килограм.  Со оваа Одлука на РКЕ се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,44 отсто во однос на одлуката од 29.9.2023 година. Според РКЕ, референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,231 отсто, кај дизелот зголемување за 0,083, кај екстра лесното масло има намалување за 1,177 и кај мазутот намалувањето е за 0,495 проценти.

- Кога Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО во 2020 година, на почетокот тоа беше прославено од политичарите. Само две години подоцна, кога Русија ја почна агресијата против Украина, стопанствениците почнаа да зборуваат за значењето на членството во НАТО. Северна Македонија стана поатрактивна како локација за германските инвеститори, бидејќи стана дел од еден безбеден систем, рече германската амбасадорка Петра Дрекслер на традиционалниот работен појадок со компаниите членки на Германско-македонското стопанско здружение. Како што истакна амбасадорката, иднината на една земја во голема мера зависи од тоа колку нејзината младина верува во нејзината одржливост.

-Секако дека ова првенствено е политичка задача и политиката треба да се соочи со овој предизвик. Но, тука ја гледам и улогата на економските актери. Германските компании дадоа значаен придонес во создавањето добри рамковни услови за успешна иднина во Северна Македонија: преку општествено одговорни мерки, преку инвестиции во дуално стручно образование по германски терк и преку нивниот придонес во зелената трансформација. Се надевам дека ќе продолжите и во иднина да го правите ова со поддршка на АХК Северна Македонија, нагласи Дрекслер.

- Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко од  Србија со афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации, реагира Агенцијата за храна и ветеринарство. АХВ апелира, граѓаните да бидат спокојни зашто „канцерогено” млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница, тоа се враќа во Република Србија согласно законски дефинираните процедури.

- На крајот на вториот квартал годинава нето надворешниот долг изнесувал 4.324 милиони евра (или 30,5 проценти од проектираниот БДП), соопшти денеска Народната банка. Според податоците на НБ, нето надворешниот долг на земјата, во вториот квартал од 2023 година е зголемен за 121 милион евра, или за 2,9 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти. Во однос на крајот на 2022 година, нето надворешниот долг е зголемен за 12 милионa евра (или 0,3 проценти), во услови на зголемување на нето јавниот долг (за 88 милиони евра) и намалување на нето приватниот долг (за 76 милиони евра). Во текот на вториот квартал годинава, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 226 милиони евра и изнесува 8.357 милиони евра, што претставува 58,9 проценти од проектираниот БДП за 2023 година.

- Просечната каматна стапка на кредитите во август е непроменета, додека кај депозитите се бележи зголемување. Според податоците на Народната банка, просечната каматна стапка на кредитите во август изнесувала 5,49 проценти, додека кај депозитите изнесувала 1,55 проценти. На годишна основа, се бележи зголемување на просечната каматна стапка и кај кредитите и кај депозитите. Кај кредитите има зголемување од 1,15 процентни поени, а кај депозитите 0,86 процентни поени. 

- Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово-базирано насилство, кога жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин. Со тоа се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово-базираното насилство, се истакнува во денешното соопштение на Платформата за родова еднаквост. - Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради основано сомнение дека сторило кривично дело - убиство, според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик. „Осомничениот, на 25 септември, на свиреп начин лишил од живот една жена, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож. Тој од дома зел кујнски нож и знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и ѝ задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на лице место“ - стои во соопштението на ЈО Кочани. Ова несомнено покажува дека фемицидот како родово-базирано насилство, повторно не е препознаено, се нагласува во соопштението. Од Платформата за родова еднаквост бараат Основното јавно обвинителство да го „преквалификува кривичното дело - фемицидот во Кочани, согласно член 123, став 2, точка 2а - друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство, согласно последните измени на Кривичниот законик“.

- „Национални шуми“ информира дека согласно нивното барање од 27 септември, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство издаде согласност за укинување на делумната забрана за движење во шума, заради проценката дека е намален ризикот од појава на шумски пожари.Укинувањето на делумната забрана за движење во шума стапува на сила од денеска.  Како што наведуваат од претпријатието, со допис се известени Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, медиумите, како и подружниците во состав на јавното претпријатие.

- Косовскиот премиер Албин Курти одговори на изјавите на албанскиот премиер Еди Рама дека мировните сили на НАТО (КФОР) треба да ја преземат контролата врз северно Косово, велејќи дека всушност потребни се заеднички патроли на КФОР и косовската полиција долж границата со Србија. Изјавата на Курти е дел од интервју за босанскиот медиум Истрага, кое во целост треба да биде објавено в недела, пренесува „Клан Косова“. „Во врска со предлогот на албанскиот премиер Еди Рама за КФОР да ја преземе контролата врз северно Косово: Ни требаат заеднички патроли на нашата (косовска) полиција и КФОР долж границата меѓу Косово и Србија. (...) Насекаде во Косово, прва реагираше нашата полиција, потоа (мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово) ЕУЛЕКС, а дури потоа и КФОР. И мислам дека оваа формула не треба да се менува“, изјави Курти за „Истрага“, пренесува Клан Косова.

- Министерот за хрватски бранители Томо Медвед денеска на гробиштата на Св. Марија Магдалена, во Госпиќ ,на местото на ексхумација на останки од Втората светска војна и повоениот период, соопшти дека е пронајдена масовна гробница со 40 останки, пишува Индекс.хр. - Ова е примарна гробница, познато е дека Госпиќ и неговата околина се место на големи страдања, а ова место на кое се пронајдени многу траги од огнено оружје и голем број чаури, како и траги од врзување, само го потврдува тоа, изјави Медвед. Тој додаде дека во претходната фаза од ексхумацијата биле пронајдени и закопани над 100 останки од тој период.

- На 1 октомври Истанбулската конвенција ​​ќе стапи во сила за ЕУ, соопшти денеска Европската комисија. „Конвенцијата е сеопфатна правна рамка за заштита на жените од сите форми на насилство. Таа има за цел да го спречи и гони насилството врз жените и семејното насилство, како и да обезбеди сеопфатен и координиран пристап“, се наведува во соопштението. - Договорите што ги склучува ЕУ се обврзувачки за земјите од ЕУ и за европските институции, изјави портпаролот на Комисијата на прес-конференција во оваа прилика. Обврските според конвенцијата ќе се применуваат кога државите ќе преземат дејствија опфатени со европското законодавство, објасни тој.Портпаролот прецизираше дека документот го потпишале сите земји од ЕУ, а досега го ратификувале 21 земја.

- Партнерката на францускиот глумец Ален Делон смета дека неговите деца манипулираат со него. Според неа, Делон можеби не ги знае сите подробности околу тужбата што ја поднесе неговото семејство. Инаку, децата на Ален - Анушка, Ален-Фабијан и Антони Делон ја обвинија Ролен за предизвикување морална штета. Според телевизијата „Франс 3“, тие тврдат дека жената не му давала пристап на актерот до неговите лични преписки и му ги читала писмата. Според француските закони, таквите постапки може да доведат до затворска казна до три години, како ид 45.000 евра парична казна. Ален Делон се приклучи на жалбата што неговите деца ја поднесоа против Хироми Ролен, принудувајќи ја да го напушти својот дом. Партнерката на Делон ги отфрли сите обвинувања и рече дека меѓу неа и глумецот има прекрасен однос.

Остани поврзан