• четврток, 08 јуни 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

Скопје, 27 март 2023

 - Северна Македонија и Албанија како сојузници во НАТО се подготвени за збогатување на меѓусебната соработка, со цел на уште поактивен придонес за безбедноста во регионот и пошироко, посочиле на денешната средба претседателот Стево Пендаровски и албанската министерка за Европа и за надворешни работи, Ољта Џачка.

оголемата свест за Европската Унија креира историска можност 2030 година да бидеме сите внатре во ЕУ. Дали ќе ја искористиме таа шанса или ќе го повториме тоа што ни се случи пред 15 години како со Грција останува во наши раце. Дали ќе се изолираме или ќе бидеме дел од овој брз воз што не води директно во Брисел е одлука на секој пратеник во Собранието, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи одговарајќи на прашање на денешната заедничка прес-конференција со министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Ољта Џачка.

 Приоритет е Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но се размислува и за други потребни измени на Уставот, како што е измената во делот каде министерот за правда по функција е член на Судски совет, регулирање на вакумот со распуштање на Собранието и при смената меѓу еден и изборот на друг министер, како и во делот на тоа што беше проблематично во пандемијата и други прашања како што е делот со 20 роценти за јазикот, вели Министерот за правда Кренар Лога.

 – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација донесе општа препорака со која препорачува Управата за извршување на санкции да подготви Акциски план со активности и извори на буџетирање за адаптирање, реконструкција или конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички.

- Пратениците денеска за време на 50. седница расправаа по Предлог законот за парнична постапка, во прво читање. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се на ставот дека во Предлог законот постојат многу аномалии, при што ако не добијат дополнителни објаснувања, ќе предложат амандмански решенија. За пратениците од владејачкото мнозинство, ова законско решение е пример како треба да се пристапи кон изготвувување на законски решенија.

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави првиот јавен конкурс за 2023 година, со кој 5 060 000 евра се предвидени за поддршка на домашните компании. Конкурсот е за кофинансирани грантови на микро, мали и средни фирми за технолошки развој и за забрзан економски раст, а е отворен до 5 март 2023 година, до 14:00 часот. Компаниите можат да аплицираат електронски.

-Советот на самостојниот синдикат на здравство, фармација и социјална заштита најави протест пред Министерството за здравство во четврток, поради, како што информираа, сѐ уште непотпишаниот анекс на Колективниот договор за корекција на коефициентите на вработените. Како што соопштија на денешната прес-конференција во Сојузот на синдикатите на Македонија, во анексот се бара корекција на коефициентите на вработените во здравството со различни износи, што, според Советот, би значело одредено позитивно придвижување.

- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ЈП Национални Шуми денес организираше акција за пошумување и обнова на опожарена површина со пожарите од 2021 година на територија од општина Делчево. Како што истакна Саша Јовановиќ, раководител на Сектор за шумарство во МЗШВ, согласно програмата за проширена репродукција на министерството за оваа 2023 година предвиденое  пошумување на површина од 51 ха, каде ќе се засадат околу 102.000 садници.
 
- Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) распиша јавен оглас за ангажирање на 25 практиканти, за шестмесечна практиканска работа во секторите и управите на Министерството. Според МЗШВ, право на аплицирање имаат дипломирани студенти или студенти на завршна година студии од земјоделските, шумарски и ветеринарни високо образовни институции во државата, oдносно студенти од областа на  биотехничките науки (наука за земјиште и хидрологија, заштита на растенија, растително производство, пчеларство, овошатарство, лозарство, ветеринарна медицина, добиточно производство, рибарство, шумарство и холтикултура, преработка на дрво, биотехнологија, прехранбена технологија, преработка на анимлани производи), градежништво и водостопанство, правни науки, економски науки и-или природно-математички науки – хемија.
 
- Поддршка имаме и сите се на став за ветинг, но кој модел ќе биде прифатен се уште е рано да се каже, вели министерот за правда Кренар Лога. На првиот брифинг со медиумите, Лога денеска посочи дека во Министерството за правда не нашол ниту една буква или документ за ветингот и нагласи дека стои на ставот дека мора да има ветинг, но и дека мора да се вклучи и меѓународната заедница. - Нема да почнам ветинг без ваква поддршка, рече Лога.

 - Капитенот на македонската женска кошаркарска репрезентација Анџелика Митрашиновиќ беше прв поентер на Ф4 турнирот од ВАБА лигата викендот во Подгорица. Митрашиновиќ, заедно со Шарека Мекнил од Војводина, е прогласена за најдобар стрелец на турнирот. Македонката беше единствената светла точка во екипата на Монтана на собирот на најдобрите четири екипи во женската Јадранска лига. Но нејзините обиди останаа без вистинска поддршка од соиграчите, па Монтана заврши на последното место на „фајнал-фор“ турнирот.

 - Русија денеска соопшти дека нема да ги промени своите планови за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија и покрај бројните критики од западните земји. „Се разбира, таквата реакција не може да влијае на плановите на Русија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Рускиот претседател Владимир Путин во саботата објави дека има договор со Минск за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија, земја на вратата на ЕУ со која од 1994 година владее Александар Лукашенко, најблискиот сојузник на Путин.

 - Часовниците викендов се префрлија од зимско на летно сметање на времето. Но, последниве неколку години сѐ поголем број лекари се против тоа „поместување на стрелките“... Се верува дека тоа е причина за своевидно нарушување на спиењето и предизвикува тн. социјална нерамнотежа во спиењето. Оваа појава се јавува како последица на десинхронизација на внатрешниот и надворешниот ритам на будност и сон. Притоа луѓето обично имаат несоница, прекумерна поспаност или и двете, што обично завршува откако „внатрешниот часовник“ ќе се прилагоди, т.е. „ќе се ресетира".

-Синдикалните демонстранти, огорчени од потегот на францускиот претседател Емануел Макрон да ја зголеми старосната граница за пензионирање на Франција без гласање во парламентот, денеска го блокираа влезот на парискиот музеј Лувр, фрустрирајќи голем број посетители. Помал број демонстранти се собраа пред стаклената пирамида на Лувр и мирно демонстрираа против планот повеќето Французи да се натераат да работат до 64 години за да се балансира пензискиот буџет. „Пензионирајте се на 60 години - работете помалку за да живеете подолго“, пишуваше на еден транспарент.

-Британскиот принц Хари денеска се појави пред Високиот суд во Лондон, каде што адвокат кој застапува група британски медиуми бара отфрлање на тужбата на принцот и други познати личности против гласилата поради снимање телефонски разговори и повреда на приватноста. Медиумската група „Асошиејтед њуспејперс“ - издавач, меѓу другото, и на „Дејли Мејл“, бара од Судот да ги отфрли тужбите на неколку општествено познати лица кои бараат отштета за злоупотреба во медиумите и незаконско стекнување приватни информации. Ова рочиште се очекува да трае четири дена, а присуството на принцот во Судот укажува на важноста што тој му ја придава на случајот.

- Кина денеска повика на „дипломатски напори“ за мирно решение на украинската криза, откако Русија ги објави плановите за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. „Во сегашната ситуација, релевантните страни треба да се фокусираат на дипломатските напори за мирно решение на украинската криза и заеднички да се стремат да се стави крај на тензиите, рече Мао Нинг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи. Русија најави дека ќе ја заврши изградбата на специјален капацитет за складирање на тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија, што дополнително ќе ги ескалира тензиите во Украина.

 

 

 

Остани поврзан