• сабота, 09 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

27 септември 2023

 - Во Скопје денеска ќе биде одржана 26. Конференција на началниците на Генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).

Конференцијата ќе ја отворат началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генерал Кристофер Каволи, а обраќање до учесниците на конференцијата ќе имаат и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

На конференцијата, покрај генерал Каволи, ќе учествуваат и наќланиците на ГШ на вооружените сили на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и на Црна Гора, како и високи воени раководители од Здружената команда на НАТО од Неапол и од Kомандата на САД за Европа.

 - „Гарантираната цена“ која веќе се применува кај повеќе од 50 производи од пекарската, млечната и месната индустрија, од денеска ќе важи и за безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Покрај ова, согласно вчерашната одлука на Владата, треба да се намали и профитната маржа за овошјето и зеленчукот, во малопродажба и големопродажба. 

Со овие мерки, надлежните очекуваат намалување на цените на прехранбените производи од 10 до 30 проценти и стабилизирање на инфлацијата до крајот на годината. 

- Убеден дека со „гарантираната цена на производите“ како и останатите мерки што ги носиме од социјален карактер, ќе успееме да ја стабилизираме инфлацијата до крајот на годината. Тоа веќе се покажа со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10 проценти на платите, како и линеарното зголемување на пензиите согласно со методологијата која беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8 проценти, а за храната да достигнеме до 5 проценти, рече премиерот Димитар Ковачевски на вчерашната прес-конференција во Владата.

 - Новоименуваната амбасадорка на Куба, Мариета Гарсиа Хордан денеска ќе биде во посета на Собранието.

Хордан ќе се сретне со Љупчо Димовски, претседател на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентите на земјите од Латинска Америка и од Карибите и со членовите на оваа пратеничка група за соработка.

- Членови на Извршниот комитет на Данското европско движење денеска ќе бидат во посета на македонското Собрание.

Како што информираат од собраниската прес-служба, членовите на Данското европско движење ќе се сретнат со претседателката на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Кралството Данска, Марија Георгиевска.

 - Во Собранието денеска седница ќе одржии Комисијата за одбрана и безбедност.

На дневен ред на седницата е Информацијата за потребата за склучување на договор со Чешката република за снабдување со резервни делови, поправка на делови, снабдување со потрошен материјал и давање на услуги за воздухопловите тип Ми-8МТ/17, Бел 206Б3 и Злин 242Л.

– Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска слави јубилеј – 20 години од почетокот со работа. Актуелниот претседател Марко Бислимоски, кој е еден од првите вработени во институцијата уште од 2004 година, за МИА истакнува дека за 20 години РКЕ од анонимно тело за кое на почетокот на работата ретко кој знаел што е неговата дејност прераснала во институција која пет години по ред е најдобар регулатор во регионот и е членка на многу светски и регионални здруженија на регулатори. РКЕ, како што вели, е институција која 20 години навремено ги завршува своите обврски и е отворена за соработка.

-РКЕ е релативно млада институција во државата. Причината за формирање на регулаторното тело беше иста како и секаде во Европа – политичарите сакаа да си го тргнат товарот од определување на цените и оттогаш се наоѓа начин тоа да го прават независни регулаторни тела. Првите членови во РКЕ се избрани во јули 2003 година, а Комисијата започнува да работи со вработени од 1 јануари 2004 година. РКЕ започна со работа со првите пет члена и на почетокот никој не знаеше што е регулаторно тело и кај луѓето не постоеше навика дека некој може да определува цени освен Владата. Од моментот кога РКЕ почна да ги определува цените на нафтените деривати во 2004 година, јавноста почнува да ја запознава новата институција, вели Бислимоски.

- По повод 26 септември - Светскиот ден на контрацепцијата и 28 септември - Светскиот ден на безбедниот абортус, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) и ХЕРА денеска ќе одржат прес-конференција на која ќе се обратат претседателот на МАГО, Глигор Тофоски, програмската раководителка на ХЕРА, Весна Матевска и претседателката на комисијата за еднакви можности на општина Центар, Дрита Исени.

- Со оваа конференција за печат сакаме да го свртиме вниманието кон фактот дека значителен процент особено од момчињата на 15-годишна возраст веќе имале сексуално искуство, а заштитениот сексуален однос е пракса кај само 20 отсто од девојчињата и 62 проценти од момчињата меѓу албанското население, односно кај 64 отсто од момчињата и 52 проценти од девојчињата меѓу македонското население. Од младите парови до 29-годишна возраст, само 12,8 проценти користат модерно контрацептивно средство. Како последица, стапката на непланирана тинејџерска бременост е речиси трипати повисока од просекот на Европската Унија, се наведува во соопштението на ХЕРА.

И покрај овие алармантни податоци, како што додаваат оттаму, ниту едно од малкуте достапни модерни контрацептивни средства во земјава не е на позитивната листа на лекови.

 - Учесниците на министерската конференција „Обезбедување квалитет во високото образование – трендови и случувања во ЕУ и Западен Балкан“, која беше отворена вчера во Скопје, денеска ќе имаат студиска посета на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Меѓународниот балкански универзитет.  Дводневната конференција ја организира Министерството за образование и наука во соработка со Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE.

Меѓу главните цели на конференцијата е обезбедувањето квалитет како објективен начин за мерење на квалитетот, со заеднички договорените Стандарди и насоки за обезбедување квалитет во високото образование.

-Оваа тема е од исклучителна важност за УКИМ и претставува огромна чест што УКИМ ќе има можност да се претстави со своите активности за обезбедување квалитетно образование пред претставниците на  министерствата задолжени за високото образование од регионот, агенциите за квалитет за високо образование од регионот, високообразовните институции и меѓународните организации, соопшти Скопскиот универзитет. 

- Со откинување на првото јаболко денеска во преспанското село Евла почнува собирањето на јаболката од годинашниот род во Преспа.

Според востановената традиција, собирањето јаболка почнува на верскиот празник Крстовден, а оваа година свеченоста ќе се одржи во овошниот насад на „Агромедика“ во селото Евла, а во 13 часот Општина Ресен ќе додели награди на најуспешните производители на јаболка во Ресен.

На тридневниот јаболкобер во Ресен ќе има отворени штандови со презентација на различни сорти јаболка, фолклорна вечер со ансамблите „Таше Милошевски“ од Ресен и „Флорина“ од Грција, а ќе се одржат и традиционалните меморијални турнири во фудбал „Благој Котларовски-Баги“ и во ракомет „Зоран Стојановски“.

Годинашните манифестации посветени на преспанскиот јаболкобер завршуваат во сабота со детската поетска манифестација „Детски гласови 2023“.

- Превентивни активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот и заштитата на шумите од пожари вчера беа реализирани на подрачјата под надлежност на Секторите за внатрешни работи Скопје, Битола и Штип и РЦГР Север, информираат од МВР.

- На подрачјето на СВР Скопје, поточно во реоните на селата Орман и Никиштани, беа спроведени превентивни активности од кампањата за заштита на шумите од пожари, додека пак на подрачјето на СВР Штип, односно во Делчево, ОВР Делчево ја реализираше акцијата под мотото „Не користи мобилен телефон додека возиш“, соопштуваат од Министерството.

 -  „Ослободи ја својата фантазија“ е мотото на второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ што ќе се одржува од денеска до сабота во Скопје. Фестивалот го организира Театарот за деца и младинци.

Програмата е посветена на малите театарски форми. Свеченото отворање е со претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“, по што следуваат изведбите на претставите од повеќе меѓународни театри.

Во наредните денови публиката ќе може да ужива во претставите „Шума од песни“ на „Кускус“ Институт арт продукција од Љубљана, Словенија, „Бременските музиканти“ на театар „Бабец“ од Битола, „Ова сум јас“, на театарот „Поко локо“ од Загреб, „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по аладиновата ламба, во продукција на Албански театар за деца и младинци, „Среќна куќичка“ на госитите од Градскиот куклен театар од Ријека, Хрватска, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на Ангелес де трапо од Малага, Шпанија.

- Високиот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, побара од Косово и Србија да ги намалат тензиите и да се вратат на дијалогот за нормализација на односите.

Разговорите на високиот американски функционер со лидерите на Косово и Србија уследија по нападот врз косовската полиција во неделата, во Бањска, кај Звечан, јави МИНА.

Шоле кажа дека за време на разговорот со косовскиот премиер, Албин Курти, го осудил „страшниот напад“ во неделата и насилството врз косовската полиција, пренесе Радио Слободна Европа.

„Двете страни мора да се вратат на дијалогот со посредство на Европската унија (ЕУ) и да ги спроведат охридските обврски“, напиша Шоле на социјалната мрежа Х.

Со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, тој разговарал и за важноста од итна деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

- Најмалку 125 луѓе загинаа, а речиси 300 се повредени во експлозија на бензинска пумпа во Нагорно Карабах, соопштија властите во тој регион.

Властите претходно соопштија дека загинале најмалку 20 лица, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ). Причината за експлозијата не е утврдена.

Официјални лица соопштија дека повеќе од 28.000 луѓе кои го напуштиле Нагорно-Карабах пристигнале во Ерменија.

Илјадници луѓе ги заглавија планинските патишта западно од регионот во самата Ерменија.

 - Азербејџан нема намера да преземе воена акција за создавање копнен коридор во јужна Ерменија, изјави советникот за надворешна политика на азербејџанскиот претседател,  Хикмет Хаџиев.

Како што пренесуваат странските агенции, воената операција на Азербејџан минатата недела за преземање на контролата врз ерменската енклава Нагорно-Карабах ги поттикна стравувањата кај Ерменците дека Баку би можел насилно да создаде коридор низ Ерменија до азербејџанската енклава Нахичеван.

Сепак, Хаџиев, советникот на Илхам Алиев, рече дека Баку не сака да создаде транспортни врски до Нахичеван преку Ерменија.

„Азербејџан нема никакви воени цели на суверената територија на Република Ерменија, тој е целосно надвор од азербејџанската агенда“, рече тој.

 - Иран мора да преземе чекори за деескалација во однос на својата нуклеарна програма доколку сака да направи простор за дипломатски односи со САД, почнувајќи од соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), соопшти американскиот Стејт департмент.

„Во последните неколку недели видовме дека Иран презема чекори за да ја поткопа способноста на МААЕ да ја врши својата работа. Значи, ако Иран е навистина сериозен во преземањето чекори за деескалација, првото нешто што може да го направи е да соработува со МААЕ“, рече портпаролот на Стејт департментот, Мет Милер.

Тој додаде дека чекорите што ги наведе како потенцијален увод во обновените американско-ирански преговори, директно или индиректно, имаат врска со иранската нуклеарна програма, иако тој не даде дополнителни детали.

 - Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) се подготвува да воведе во употреба функција слична на програмата OpenAI која ќе користи вештачка интелигенција за да им овозможи на аналитичарите подобар пристап до интелигенција со отворен код, објави Блумберг.

Според агенцијата, станува збор за поширока владина кампања за искористување на моќта на вештачката интелигенција за да се натпреварува со Кина, која се обидува да стане глобален лидер во оваа област до 2030 година.

„Таа алатка за вештачка интелигенција ќе им овозможи на корисниците да го видат оригиналниот извор на информациите што ги гледаат, рече директорот на Одделот на ЦИА за отворени извори, Ренди Никсон, додавајќи дека функцијата за разговор е логичен дел од побрзата дистрибуција на интелигенција.

- Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата семејна фирма се прогласени за виновни за измама во граѓанска тужба поднесена од државната обвинителка Летиција Џејмс, која го обвини дека незаконски тврдел дека има поголем имот и нето вредност.

Одлуката ја донесе судијата Артур Енгорон од државниот суд во Њујорк на Менхетен, објави Гласот на Америка.

Џејмс го тужеше Трамп во септември 2022 година, обвинувајќи го него и фирмата дека цела деценија лажеле за вредноста на нивните средства и нето вредноста на 45-тиот американски претседател со цел да добијат подобри услови за банкарски заеми и осигурување.

Таа рече дека Трамп го зголемил сопственото нето богатство за дури 2,23 милијарди долари, а за една мерка дури 3,6 милијарди долари, на годишните финансиски извештаи дадени на банките и осигурителните компании.

 - Бугарските социјалисти побараа оставка од министерот за одбрана Тодор Тагарев поради одлуката за снабдување на Украина со ракети за системот С-300.

Откако на вчерашната парламентарна комисија за одбрана со мнозинство гласови беше поддржан предлогот за испраќање „неисправни ракети С-300“ во Киев, Тагарев пред пратениците кажа дека таквата испорака нема да ги ослаби борбените способности на Бугарија. Но, оваа владина одлука предизвика бурни реакции кај опозицијата.

-Единствено што можете да направите е да дојдете во оваа просторија откако прво ќе поднесете оставка. Вие сте опасност за националната безбедност на Бугарија. Што повеќе кажува за вас од фактот дека посегнувате по последните противвоздушни ракетни системи во Бугарија. Дали сте министер за одбрана на Бугарија или на Украина, праша пратеникот од партијата БСП Борислав Гуцанов.

- Саудиска Арабија соопшти дека е посветена на развој на сопствена програма за нуклеарна енергија и вети дека ќе дозволи поголем надзор над инспекторите за атомска енергија.

Министерот за енергетика, принцот Абдулазиз бин Салман Ал Сауд, рече дека Саудиска Арабија поминува кон многу посилни заштитни мерки и инспекции од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) отколку што тоа го правела порано.

Според Протоколот за мали количини (SCP) на агенцијата, МААЕ ги ослободува земјите со малку или без нуклеарен материјал од инспекции и бара транспарентност, наведува CNBS.

- Еден ден откако претседателот на Тајван лобираше за поддршка на Австралија за приклучување кон регионалниот трговски пакт, кинеската влада денеска ја обвини владејачката партија на Тајван дека бара независност.

Жу Фенглиан, портпарол на кинеската Канцеларија за прашања на Тајван, рече дека неодамнешните кинески воени вежби околу островот се одржани за борба против „ароганцијата на тајванските сепаратистички сили кои се борат за независност на островот“.

Тајванскиот претседател Цаи Инг-вен, кој во вторникот се сретна со шестмина австралиски пратеници кои беа во посета, побара поддршка од Австралија во обидот на Тајван да се приклучи на Сеопфатниот и прогресивен договор за транспацифичко партнерство, договор за слободна трговија меѓу 11 земји.

 – Невремето „Илиас“, што од понеделникот ја зафати Грција, денеска кулминираше, а во текот на ноќта и рано утринава предизвика проблеми во областа Атика, поширокиот регион на Атина и во централниот дел на земјата, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во Атина има силни и обилни врнежи од дожд и молњи, прекини во снабдувањето со електрична енергија во некои населби, но засега, без поплавени улици.

Портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис за државната телевизија ЕРТ истакна дека противпожарните сили се подготвени, доколку е потребно да интервенираат.

Говорејќи за грчките телевизии префектот на периферијата Атика, поширокиот регион на Атина Јоргос Патулис соопшти дека училиштата ќе останат затворени, но подоцна тој за ЕРТ објасни дека сепак ќе работат регуларно, а секоја од општините може локално да донесе одлука за наставата, во случај да постојат проблеми.

- Неколку земјотреси, од кои најсилниот бил со јачина од 4,2 степени според Рихтеровата скала, се случиле во текот на ноќта во големиот вулкански регион на Флегрејските полиња, во близина на Неапол, објави италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија.

Според сеизмолозите, најсилниот земјотрес е регистриран во 3 часот и 35 минути и бил почувствуван во некои делови на Неапол и околните села, пренесува АНСА.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 3 километри.

 - Странците кои легално живеат во Италија ќе можат да бидат протерани од земјата во иднина доколку го загрозат јавниот ред или националната безбедност, се вели во нацрт владината уредба.

Мерката, која ќе биде усвоена на седницата на владата, е дел од мерките што ги вети десничарската Влада на премиерката Џорџа Мелони како одговор на наглото зголемување на бројот на пристигнувања на бродови од Северна Африка.

Во нацрт владината уредба се посочува и дека при голем наплив на мигранти, прифатните центри ќе можат да примат и до двојно поголем број луѓе за кои се наменети.

Според уредбата, се дозволува малолетниците на возраст над 16 години да бидат задржани во прифатни центри за возрасни во период до три месеци.

 - Швајцарскиот парламент ја одобри продажбата на 25 тенкови „Леопард 2“ назад на нивниот германски производител со одлука со која ќе се овозможи префрлање на деактивираните тенкови во други европски земји, јави ДПА.

Овој потег е веќе одобрен од швајцарскиот национален совет. Швајцарската влада допрва треба да одлучи за деталите и времето на продажбата.

И покрај руската инвазија на Украина и снабдувањето со оружје од многу европски земји за Киев, Швајцарија ја одржува својата политика на неутралност. Швајцарскиот закон за воена опрема бара да не се доставува воена опрема на земјите вклучени во вооружени конфликти.

Берн соопшти дека оваа одлука важи без разлика дали некоја земја - како Украина - била нападната и сака да се брани.

Остани поврзан