• среда, 06 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

26 септември 2023

 - Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска во Собранието изјави дека нема никаква вистина во тврдењето дека примил каков било допис или материјал од поранешниот премиер, Никола Груевски, во кои наводно имало содржина за измени на Кривичниот законик.

-На тоа прашање веќе одговорив за време на викендов. Нема никаква вистина во тоа дека претседател на Собранието од екс премиерот примил каков било допис и или каков било материјал. Тое е невистина која што само служи за дневно-политички цели, рече Џафери, одговарајќи на новинарско прашање, по денешната средба со претставниците на медиумите.

Тој истакна дека Собранието добива материјали од овластени предлагачи, во форма која е пропишана со Деловникот.

-Не би сакал да користам несоодветни зборови, кои што ги заслужува таквата инсинуација, но оставам на совеста на тие што шпекулираа со јавноста, рече Џафери.

 - Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска е во работна посета на Виена каде на негово барање се одржува засилен состанок на Постојаниот совет на ОБСЕ.

На состанокот, информираа од МНР, ќе бидат отворени прашањата поврзани со предизвиците на Организацијата, актуелните состојби во регионот на ОБСЕ и други.

Во рамки на својата посета, Османи во својство на претседавач со ОБСЕ, како што е најавено, ќе се обрати и на специјален настан посветен на управувањето со ризици од катастрофи под тема „Солидарноста на Скопје пресликана низ регионот на ОБСЕ: Учење од минатото за соочување со денешните заеднички предизвици“, а ќе ја посети и изложбата „ Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста Скопје“.

 - Инцидентот во Бањска го погаѓа целиот регион, но безбедносните служби будно ја следат ситуацијата, собираат информации и вршат редовни анализи, изјави министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски за белградска „Политика“. Верува дека Европската Унија и САД ќе застанат на патот на црните сценарија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Засега безбедносната ситуација во земјата е под контрола, нема директни последици што би претставувале закана за безбедноста на Северна Македонија, а граѓаните можат да бидат мирни. Убеден сум дека нашите стратешки партнери, ЕУ и САД, нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок работите да се вратат во нормала, изјави Спасовски за денешна „Политика“.

Тој додаде дека ако нашата заедничка цел е да станеме регион кој ќе извезува мир и стабилност, тогаш политичките кризи не можат да се решаваат со конфликти и мора да се обединиме со заеднички политики што можеме да ги спроведеме.

 - Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, ја посети Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, каде оствари посета на конзуларното одделение во амбасадата, со цел увид на процесот на сликање и издавање на патните исправи, како и делење на пасоши на сонародниците - иселеници.

Во оваа прилика, соопштија денеска од МВР, Спасовски информирал за процесот на издавање на патните исправи во Љубљана, а во врска со проектот за базни станици со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва, кој започна кон крајот на 2021 година, во соработка со Министерството за надворешни работи.

- Од 2023 година од јануари до септември заклучно со 15.09.2023 година издадени се вкупно 11.415 патни исправи. За овој период само во Љубљана издадени се 870 патни исправи, информирал министерот Спасовски.

- Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија, Д.Х. и други од земјава, со која утврди дека државата во ноември 2008 година, во полициската акција наречена „Сузбивање на улична проституција“, во која приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар, ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.

Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи, без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови, пренесуваат од „ХОПС“.

-  Одбележувајќи ја 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права и во пресрет на претстојниот Ден на ОН - 24 Октомври 2023 година, семејството на ОН во Северна Македонија организира натпревар во цртање за деца и млади, на возраст од шест до 30 години.

- Целта на овој натпревар е да ја вклучи помладата генерација во застапувањето за човекови права, да ја подигне нивната свест за важноста на заштитата на човековите права и придобивките што овие механизми ги носат за сите, соопштија Обединетите нации во Северна Македонија.

Децата и младите може да аплицираат до 10 октомври годинава со оригинален цртеж кој ги слави придобивките што ги носат или можат да ги донесат човековите права за секого, според Универзалната декларација за човекови права.

 – Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски. Против него е покренато обвинение за нарушување на јавниот ред и мир со тоа што лично тој ја презеде одговорноста за поставување на знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид, за празникот Богојавление.

Денешното рочиште не се одржа, како што беше речено, поради здравствени проблеми на судијата Милчо Клишески кој го води предметот, а наредното ќе биде закажано дополнително.

И овојпат не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи, од каде против него е покрената прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело со кое е истакнато „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.

– За два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското Езеро во споредба со вчера, а за исто толку е намалено нивото на Дојранското Езеро, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостојот, пак, на Преспанското Езеро е ист со вчерашниот, но е за 1,9 метри понизок од просечниот за септември и е на 8 сантиметри под апсолутно појавениот минимум. Пониско од просечното е и нивото на Охридското Езеро и тоа за два сантиметра, додека водостојот на Дојранското Езеро е повисок за 1,78 метри од повеќегодишниот просек за овој период од годината.

- УХМР информира дека утрово најниска темепратура од 9 степени целзиусови е измерена во Берово, а највисоки 19 во Велес.

Во Претор 10 степени, исто како и во Лазарополе и Попова Шапка, 12 во Охрид, Струмица, Крушево, Маврови Анови, 13 Скопје-Петровец, Битола, Дебар, 14 Прилеп, Демир Капија, 15 степени во Штип и Кавадарци, 16 Куманово, Гевгелија, Крива Паланка и Дојран, 17 степени во Тетово и 18 Скопје-Зајчев Рид и Виница. 

Во изминатите 24 часа до 08 часот е наврнат воден талог (во l/m2) 56 Охрид, 24 Дебар, 19 Претор, 5 Битола, 3 Попова Шапка и 2 во Тетово и Крушево.

Во текот на ноќта времето беше променливо облачно, а наместа во југозападните делови нестабилно со пороен дожд и грмежи. Утрово е сончево со мала, а во западните делови умерена облачност. Дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.

– Во рамките на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Албанија на 16 октомври 2023 година, Министерството за финансии и економија денеска во Тирана е домаќин на Форум на министри за економија насловен „Заеднички регионален пазар – чекор кон единствената ЕУ пазар“.

Отворајќи го овој министерски состанок, премиерот Еди Рама го започна својот говор со интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија.

- Со интерес гледаме дека во ЕУ има посилно убедување и тие се поотворени за значењето што Западен Балкан го има за Европската Унија. На ЕУ и треба ЗБ исто како што на ЗБ и треба на ЕУ. Овде сме со истакнати министри и функционери од земјите од Западен Балкан и ЕУ за да разговараме за најсуштинските теми на овој процес кој вклучува зајакнување на нашите економии, вклучително и поврзаноста со сферата на економските активности на ЕУ. Ќе морам да разговарам за нешто сосема ново, што пред 5 години беше незамисливо. Идниот план на ЕУ да го поддржи Западен Балкан преку отворање на неколку начини што ќе нè доближи до ЕУ, додека за интегративниот процес секоја земја мора да си ја заврши домашната задача, рече премиерот.

- Русија синоќа ја нападна Украина со 38 беспилотни летала „Шахед“, соопшти денеска украинското воздухопловство, наведувајќи дека биле соборени 26 дронови.

„Регистрирано е дека се испратени 38 беспилотни летала „Шахед““, се вели во дневниот извештај на воздухопловните сили на Телеграм.

Во соопштението се додава дека се уништени 26 беспилотни летала од иранско производство.

Регионот Одеса е меѓу областите кои синоќа беа цел на руските сили, а посебно на мета беше пристаништето Измаил. Нападот траеше два часа, напиша регионалниот гувернер Олег Кипер на Телеграм, додавајќи дека повеќето од беспилотните летала биле соборени.

- Најмалку 20 лица загинаа во експлозија во складиште за гориво во регионот Нагорно-Карабах во Азербејџан, соопштија локалните ерменски власти.

Во извештајот се додава дека 290 лица биле примени во болниците по синоќешната експлозија, а десетици „се уште се во критична состојба“, наведуваат британските медиуми.

Претходно властите објавија дека експлозијата се случила на бензинска пумпа во Степанакерт, главниот град на Нагорно-Карабах, и дека во тој регион нема доволно лекови за да се обезбеди помош и дека одреден број повредени треба да бидат префрлени на други места.

- Од азербејџанскиот регион Нагорно Карабах во Ерменија влегле 13.550 луѓе, соопштија денеска ерменските власти.

Сè поголем број етнички ерменски бегалци бегаат од Нагорно-Карабах откако Азербејџан минатата недела го зазеде спорниот регион, во кој живеат околу 120.000 етнички Ерменци.

„До 08:00 часот на 26 септември, 13.550 внатрешно раселени лица влегле во Република Ерменија од Нагорно-Карабах. Податоците за регистрација на 11.000 од нив се веќе обработени, а причините за 2.550 лица се уште се разјаснуваат“, се наведува во соопштението на ерменската Влада на социјалните мрежи.

 - Како најголема земја во развој во светот и важна членка на Азиско-пацифичката економска соработка, Кина може да ги исполни очекувањата на меѓународната заедница и да одигра конструктивна улога во успехот на средбата на Азиско-пацифичката економска соработка оваа година, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

Кинескиот претседател Си Џинпинг не ја соопшти причината за неговото отсуство од состанокот на Г-20 овој месец во Њу Делхи. Наместо тоа, таму беше премиерот Ли Чијанг, што ги натера САД да кажат дека Кина го „предава“ Г20 и создава нов алтернативен светски поредок.

 – Полицијата во Германија денеска пронашла повеќе од 100 сириски државјани во станови и други згради кои биле претресени во врска со сомнителен шверц на мигранти.

Сиријците наводно биле донесени во Германија без легални документи за престој.

Полицијата соопшти дека извршила пет налози за апсење – три во северниот град Штад и две во западниот град Гладбек. Сите петмина уапсени се сириски баратели на азил кои веќе живеат во Германија. Според полицијата, сириските мигранти морале да им платат од 3.000 до 7.000 евра за да бидат прошверцувани во Германија, а со тие пари осомничените потоа купувале злато.

 - Во Јужна Кореја денеска ќе се одржи првата голема воена парада во последните десет години, за време на која ќе биде прикажано оружје како балистички ракети и напаѓачки хеликоптери како дел од демонстрацијата на сила во време кога Сеул зазема поостар став спрема Северна Кореја.

Како што пренесуваат странските агенции, со парадата се одбележува Денот на вооружените сили на Јужна Кореја, кој обично се слави тивко во споредба со масовните настани организирани од Северна Кореја под лидерот Ким Џонг Ун, кои вклучуваат прикажување на стратешко оружје, како што се интерконтинентални балистички ракети.

Остани поврзан