
1 јуни 2023
- Топло добредојде од претседателката на Молдавија, Маја Санду, на вториот Самит на Европската политичка заедница кој нѐ собира сите на исто место во вистински момент, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот Фејсбук профил. - Изминатава година и руската брутална инвазија врз суверена и независна Украина многу јасно ни покажа дека земјите од слободниот демократски свет имаат заеднички безбедносни, економски и енергетски предизвици. Но, исто така и дека само заеднички и обединето можеме да се справуваме со истите, доколку сакаме да имаме успех, објави Ковачевски. Како земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и фактор на стабилност во регионот, напиша на фејсбук Ковачевски, посветени сме и ќе продолжиме да се залагаме за заедничките демократски вредности на мир, дијалог и напредок.
- Во Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Косово денеска стапуваат во сила трите договори потпишани на 3 ноември 2022 година, во рамките на Берлинскиот процес - Договорот за слободно движење во Западен Балкан со лични карти, Договорот за признавање на високо образовните квалификации и Договорот за признавање на стручните квалификации на доктори, стоматолози и архитекти. Многу бргу се очекува влегување на сила на договорите и во останатите три држави потписнични, согласно завршените правни процедури кај нив - Република Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, соопшти МНР. Со нив се воспоставува слободно движење на луѓето само со лични карти во рамките на Западен Балкан; се овозможува мобилност на студентите, професорите и академските работници, додека процедурите за признавање се скратуваат од неколку месеци на две недели и без трошоци; докторите на медицина, забарите и архитектите ќе можат своите услуги да ги нудат слободно низ регионот.
- Во периодот од 1 јануари до 21 мај 2023 година спречени се 3.518 обиди за премин на државната граница од страна на мигрантите, а минатата година таа бројка била 5.226. Тоа покажува дека имаме намалување на обидите и тоа не малку, туку за 42 проценти, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Слободен пешат“, одговарајќи на прашањето дали се намалува бројот на лица кои транзитираат низ државата. Потенцира дека ако се анализираат бројките намалување има, но миграцијата останува предизвик и во наредниот период.
- Имаме намален обид и на границата со Република Србија за 32 проценти. Топ три земји од каде најмногу доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго и помал дел од Пакистан. Карактеристично во делот на мигрантите е тоа што многукратно се зголемува откривачката дејност од страна на македонската полиција. Имаме спречено 29 случаи на криумчарење на мигранти, а околу 234 мигранти биле во обид да се криумчарат. Преземени се мерки на кривичен прогон за 21 лице, од кои двајца се српски и еден турски државјанин, се резултатите од борбата со нелегалната миграција, вели Спасовски.
Во однос на справувањето со нелегалната миграција, тој истакна дека од исклучителна важност е потпишаниот Договор со Фронтекс, како прв договор што е потпишан од страна на Северна Македонија со Европската Унија, а од оперативен аспект е многу важно тоа што се распоредени силите на Фронтекс на јужната граница, каде имаме најмногу обиди за илегален влез.
- Полициски службеници од СВР Охрид синоќа во 19.10 часот на крстосница од булевар „Македонски просветители“ со улица „Партизанска“ во Охрид, го лишиле од слобода С.Н.(54) од Охрид. - Тој, откако ги забележал полициските службеници, фрлил пакување со кафеава прашкаста материја и се обидел да ја уништи. Од него било одземено ќесе со траги од кафеава прашкаста материја. Подоцна, при претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени дигитална вага и повеќе предмети со траги од кафеава прашкаста материја, соопштија денеска од МВР.
- Во текот на вчерашниот ден во спроведената засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 218 возачи. Од нив, три возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Како што соопштија од МВР, 163 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 55 надвор од населено место.
- Триесетина истакнати полски и македонски филолози истражувачи денеска и утре ќе учествуваат на 11. Македонско-полска конференција која ќе се одржи на Шлезискиот универзитет во Катовице. Се чествуваат триесет и пет години непрекината работа на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика во Сосновјец. Како што соопшти Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), на конференцијата ќе учествуваат речиси сите знаменити полски македонисти кои изминативе години се вложуваат во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура во Полска. Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, изјави дека особено ја радува што на конференцијата ќе учествуваат млади полски македонисти во кои, како што вели, „вложувавме и преку нашите школи и актуелни студенти на Лекторатот по македонски јазик на Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет“.
- Министерството за животна средина и просторно планирање денеска го почна проектот „Поддршка во спроведувањето на законодавството за управување со отпад и шемата за проширена одговорност на производителот“ финансиран од ЕУ, a партнери се Унгарија и Австрија. Со проектот се дохармонизира домашното законодавство во делот на проширената одговорност со она на Европската унија. Шефот за соработка во Делегацијата на ЕУ Стефан Худолин истакна дека на земјава ќе и се помогне со еден милион евра за поголема подготвеност во делот на законодавството и хармонизација на законите за отпад и рециклажа. Худолин посочи дека ЕУ во минатото, заедно со земјите членки, мобилизирале значајни фондови за животната средина и за отпадот, но, како што посочи, има заостанување кога станува збор за имплементацијата и упати повик до институциите за што побрзо спроведување на овој проект на терен.
- Историјата и минатото имаат големо влијание во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и Германија со одредена загриженост гледа на ваквата состојба, па затоа се надеваме и посакуваме двете земји да успеат да ги надминат и приближат ваквите позициите во интерес на нивниот развој, изјави германската амбасадорка во Софија, Ирене Марија Планк во интервју за бугарската телевизија бТВ. Таа нагласува дека има многу позитивни примери во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, при што како пример ја посочи заедничката изложба на уметници од двете земји во Европскиот парламент, на чие отворање на почетокот на мај присуствуваше и претседателката на ЕП, Роберта Мецола.
- Од економската сфера можам да ви кажам дека неколку значајни германски компании развиваат економска активност и во Бугарија и во Северна Македонија и имаат прекугранична соработка. Тие споделуваат само добри искуства од оваа соработка. Тие посочуваат и на економските можности кои произлегуваат од оваа поблиска соработка. Затоа би сакала работите да продолжат вака и во иднина, додава Планк.
- Сите сојузници на НАТО се согласуваат Украина да стане членка на алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. - Сите сојузници се согласуваат дека Москва нема право на вето за проширување на НАТО. Напредуваме, сојузниците се согласуваат Украина да стане членка, изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло. Министрите за надворешни работи на НАТО денеска на вториот ден од состанокот во Осло разговараат за новите трошоци за одбрана и за идните односи на алијансата со Украина.
- Шефот на шведската дипломатија денеска оцени дека неговата земја ги исполнила сите услови за членство во НАТО, апелирајќи до Турција и Унгарија да се откажат од противењето, а генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг најави дека наскоро ќе отпатува во Анкара по овој повод. „Шведска ги исполни сите обврски што ги презеде на самитот во Мадрид минатата година, вклучувајќи го и новиот закон за тероризам“, рече Тобијас Билстром на почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Осло. „Дојде време Турција и Унгарија да почнат да го ратификуваат членството на Шведска во НАТО“, додаде министерот.
- Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна на самитот на европските лидери во Молдавија, каде беше пречекан од молдавската претседателка Маја Санду. Зеленски и се заблагодари на Молдавија што ги прими Украинците кои бегаат од војната откако Русија ја започна својата инвазија. Молдавија прими над 700.000 бегалци од февруари 2022 година, а над 100.000 сè уште се во земјата, според податоци на ОН. - Украина денес ја чува Молдавија безбедна, и ние сме многу, многу благодарни за тоа, рече Санду по кусата средба со Зеленски, чија земја се наоѓа меѓу поранешната советска република Молдавија и Русија.
- Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изрази надеж дека состанокот на речиси 50 европски лидери во Молдавија ќе испрати „силна порака“ до Русија. Самитот, кој се одржува во молдавскиот град Булбоака, на околу 20 километри од украинската граница, треба да покаже дека Европа е обединета во одбраната на меѓународниот поредок, рече тој. - Важно е оваа порака да стигне до Русија, рече Борел пристигнувајќи на состанокот на кој не се поканети Русија и Белорусија. Русија не е присутна на состанокот не затоа што организаторите не сакаа да ја поканат, туку затоа што рускиот претседател Владимир Путин ја исклучи својата земја од европската заедница со тоа што започна неоправдана војна против Украина, истакна тој.
- Иран ја расчисти загриженоста за две исклучително важни прашања што ги покрена Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во врска со високо збогатен ураниум и локацијата каде е пронајден вештачки произведен ураниум. Во последниот извештај на МААЕ, во кој имале увид некои светски агенции, има мало намалување на притисокот врз Техеран, кој значително го забрза развојот на неговата нуклеарна програма откако Вашингтон во 2018 година се повлече од договорот на Иран со светските сили.
- Американскиот претседател Џозеф Бајден одобри нов пакет воена помош за Украина од 300 милиони долари, кој вклучува дополнителна муниција за дронови и друго оружје, соопштија синоќа американските власти. Новиот пакет вклучува муниција за украинската одбрана од руски напади врз Киев од воздух: за ракетни батерии Патриот, за ракетни системи со висока подвижност (Химарс), како и за противвоздушни одбранбени системи Авенџер и Стингер.