• четврток, 18 април 2024
МИА Радио флеш

9 јуни 2023

- Во присуство на министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, гувернерот на сојузната држава Вермонт, Фил Скот и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт во Берлингтон свечено беше одбележа 30-годишнината од партнерството меѓу нашата Армија и Националната гарда на Вермонт.

 - Поранешниот амбасадор на САД во Скопје Џес Бејли вели дека уставните измени се јасно решение за бугарското вето, но оти ќе биде разочарување ако има ново вето понатаму што ќе го закочи патот кон Европската Унија. Бејли, во интервју за Гласот на Америка на македонски, истакна дека е оптимист оти земјата ќе влезе во ЕУ, но дека не може да каже кога тоа ќе се случи.

- Граѓаните имаат ниска доверба во Собранието и пратениците, покажува истражувањето на Програмата за парламентарна поддршка за работата на Собранието на Република Северна Македонија кое беше презентирано во Собранието пред пратениците и претставниците на собраниските служби. На скала од 1 - најниска, до 10 - највисока, граѓаните довербата во Собранието  ја оценија со 3.4 што е пад од 0.6 во споредба со 2022 година.

- Возило излетало од патот кај  тунелот Т1 на делницата Гевгелија - Неготино, информацијата утрово ја потврди за  МИА, Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес. Денеска во 08.40 часот на автопатот А1, кај тунелот Т1 на делницата Гевгелија – Неготино, патничко возило „фолксваген“ со неготински регистарски ознаки, управувано од 47-годишната Т.П.П., изгубило контрола и излетало од патот. Увидот е во тек, појасни Самарџиев за МИА. 

 - Во организација на Центарот за економски политички, анализи и консалтинг (ЦЕПАК), со поддршка од НАТО,  денеска се одржа завршната активност - семинар со панел дискусија, како дел од проектот под наслов „Учи и управувај, денес и во иднина“. Во проектот, што се спроведуваше во период од 1 мај до денеска, беа вклучени студенти, активисти од студентските асоцијации од повеќе државни и приватни универзитети, како и претставници на институциите. На едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница.

– На едно четиричлено семејство во земјава во мај годинава му биле неопходни 49.025 денари за да ја задоволи минималната синдикална кошница. Од нив, како што велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), 19.532,54 денари или 44,34 отсто биле потребни за исхрана и пијалаци, 13.392,85, односно 30,41 отсто отсто за домување, 3.196,9  денари за хигиена, 3.720,1 за превоз, 2.315,759 за облека и обувки, 1.067,86 за култура и 821,47 денари за одржување на здравје, или вкупно 44.047,52 денари.

- Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од Центарот за јавно здравје Велес, од почетокот на овој месец, покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење. Ова го објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, прецизирајќи дека примероците за испитување на водата биле земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико”.

- Тимот „Neuro FEEIT”, составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), освои прво место на светското финале за процесирање сигнали. Задачата оваа година беше развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). Финалето на натпреварот се одржа на 5 мај 2023 во Родос, Грција, во рамки на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали [ICASSP 2023].

- Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е во тесен избор за престижната книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“.  Како што соопшти издавачот на романот, „ТРИ“, тоа во средата вечер, на свечена церемонија го соопштило жирито во состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински.

 - Украинската служба за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека пресретнала телефонски повик со кој се докажува дека руска „диверзантска група“ ги разнела хидроцентралата и браната Каховка во јужна Украина, пренесе Хина. Уништувањето на браната во вторникот предизвика големи поплави, принудувајќи илјадници жители да избегаат од домовите и предизвикувајќи уништување на животната средина.

- Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ се договорија за заеднички став за два клучни законски предлози за миграција и азил, објави шведската министерка за миграција Марија Малмер Стенергард. Договорот е постигнат доцна синоќа, по целодневните преговори во Луксембург.

 - Пет лица се уапсени во Србија, Германија и Романија поради криумчарење околу 800 мигранти. Полицијата уапсила едно лице во Србија, а четворица на територијата на Германија и Романија поради сомнение дека криумчареле околу 800 мигранти од Турција во Германија, соопшти МВР на Србија.

- Барселона се уште не е подготвена да ги исполни финансиските барања на Чави за нов договор. Четириесет и тригодишниот тренер на Каталонците бара плата од 12 милиони евра по оданочување, објави радио „Кадена СЕР“.

 

Остани поврзан