• среда, 06 декември 2023

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

26 септември 2023

 

 

- Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози, соопшти АМСМ. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

- Владата денеска треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците. До крај на неделава се очекува да биде завршена  анализата со владините мерки да бидат опфатени и хигиенските производи. За непочитување на гарантираните цени на прехранбените производи, што е во сила од минатата недела, веќе се затворени маркети.  Како што најави министерот за економија Крешник Бекшети, денеска ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. -За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки, изјави вчера Бектеши кој со премиерот Димитар Ковачевски ја посетија компанијата „Алма-М“ во Визбегово.  Според Ковачевски, со новата мерка на Владата на над 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, е намалена цената за 10 проценти во однос на цената која ја имале на 1 август.

- Предлог законот за амнестија, според најавата од премиерот Димитар Ковачевски, ќе биде на расправа пред Владата и испратен до Собранието  со потребните усогласувања. До денеска треба да се изврши  усогласување со секторот за законодавство, откако пред една недела на седница на Владата беше констатирано дека постои потреба од негово дополнително усогласување со надлежните институции.  Според Ковачевски, Предлог законот, со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела, не се однесува за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон. -  Законот за амнестија кој е во владина процедура се однесува за одредена категорија затвореници и осуденици кои веќе се на издржување казни и не се однесуваат за случаи на СЈО, осудените од 27 април и парламентарни функционери против кои се води кривичен прогон, изјави вчера премиерот, одговарајќи на обвинувањата на лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, дека СДСМ И ДУИ подготвуваат амнестија во договор со ВМРО - ДПМНЕ за да обезбедат гласови за уставните измени.

- Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за време на работниот престој во Љубљана, Република Словенија, ја посети Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана, каде оствари посета на конзуларното одделение во амбасадата, со цел увид на процесот на сликање и издавање на патните исправи, како и делење на пасоши на сонародниците - иселеници. Во оваа прилика, соопштија денеска од МВР, Спасовски информирал за процесот на издавање на патните исправи во Љубљана, а во врска со проектот за базни станици со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва, кој започна кон крајот на 2021 година, во соработка со Министерството за надворешни работи. - Од 2023 година од јануари до септември заклучно со 15.09.2023 година издадени се вкупно 11.415 патни исправи. За овој период само во Љубљана издадени се 870 патни исправи, информирал министерот Спасовски. Тој нагласил дека од самото започнување на проектот со издавање на патните исправи согласно новото упатство издадени се вкупно 31.187 патни исправи. Од октомври 2021 година до 31.12.2022 година издадени се вкупно 19.772 патни исправи, а само во Љубљана издадени се 1182, информирал министерот Спасовски, изразувајќи задоволството што целокупниот процес од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена.

- Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да расправа за Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите. Комисијата за финансирање на одделна седница ќе дебатира и за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка. Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенциии, дополнителни средства за здравството и образованието, се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата на седница на 7 септември годинава.

- Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите денеска треба да расправа за  Извештајот на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија за примена на посебни истражни мерки во 2022 година. -Од примената на посебните истражни мерки во 2022 година, забележително е дека има минимално намалување на бројот на случаи во кои биле применети вакви мерки во однос на 2021 година, но затоа во истиот период удвоен е бројот на опфатени лица, а исто така и бројот на предмети кои биле опфатени со мерките бележи благ нагорен тренд. Ова укажува на фактот дека предмет на кривичен прогон биле посложени облици на организиран криминал и криминални организации кои претставуваат и најголема општествена опасност и токму заради нивното сузбивање се воведени овие алатки како инструмент за справување со овие штетни појави, стои во заклучоците од Извештајот.

- Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска е во работна посета на Република Словенија каде ќе оствари средби со словенечките министерки за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух и за правда Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.

- Министерот за одбрана на Словенија Марјан Шарец денеска ќе престојува во официјална посета на Северна Македонија, при што со министерката Славјанка Петровска ќе потпишат нов договор за соработка во одбраната меѓу двете држави. -Шарец и Петровска ќе учествуваат и на панел – дискусија на тема „Научени лекции, споделени искуства и идни предизвици на кризниот менаџмент и цивилната заштита: Словенија и Северна Македонија, најави Министерството за одбрана.

- Министерот за економија Крешник Бектеши ќе учествува и ќе се обрати на Форумот на министри за економија насловен „Заеднички регионален пазар – чекор кон единствен пазар на ЕУ“ во рамки на Берлинскиот процес што денеска се одржува во Тирана, Република Албанија. На форумот со фокус на унапредување на заедничкиот регионален пазар, за поттикнување на економскиот раст во регионот и негово приближување до ЕУ ќе учествуваат министрите за економија од Берлинскиот процес, претставници на Европската Унија и други партнери од Берлинскиот процес.

- Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), заедно со Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (IPECC) денеска го организираат јавниот настан на Форумот за граѓанско општество на Берлинскиот Процес за Клима и Зелена агенда. Како што информираат од МЖСПП, настанот ќе го отвори министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, а ќе се обратат и Штефан Худолин, раководител на Сектор операции од Делегацијата на ЕУ и Алмира Џембула, заменик министерка за туризам и животна средина на Република Албанија.

- Министерството за образование и наука и Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа ERI SEE денеска и утре во Скопје ќе организираат Министерска конференција на Западен Балкан за квалитет и обезбедување квалитет во високото образование. Како што соопшти МОН, на конференцијата со над 80 учесници, ќе се обратат министерот Јетон Шаќири и министрите  за образование на Србија, Црна Гора, заменик-министерот за образование на Литванија, како и директорот на Иницијативата за образовни реформи, директори на агенциите за високо образование на Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија и Молдавија и претставници на академската заедница од Европската Унија.

 - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска организира дебата на тема „Ефектите од измените на Кривичниот законик во насока на подобрување на безбедноста на медиумските работници“. Како што информираат од ЗНМ, на дебатата новинари и претставници од Министерството за внатрешни работи и од Основното јавно обвинителство ќе имаат можност да разменат видувања и практични искуства во контекст на примената на измените во Кривичен законик со кои се обезбедува поголема заштита за новинарите и медиумските работници. Најавено е дека на дебатата ќе се обратат Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавност, Искра Хаџи Василева, јавен обвинител во ОЈО Скопје, Огнен Јанески, новинар во ТВ 24 и Милан Спировски, проектен истражувач во ЗНМ.

 - Во рамки на континуираните превентивни активности на МВР вчера на подрачјата на секторите за внатрешни работи Велес, Тетово и Битола, полициски службеници од овие организациони единици спроведоа превентивни активности со граѓаните на повеќе теми. Како што соопшти МВР, Отсекот за превенција при СВР Велес во Кавадарци заедно со полициски службеници од ОВР Кавадарци реализираа превентивни активности од областа на заштитата на шумите и шумскиот фонд од бесправната сеча на дрво. На подрачјето на СВР Битола, поточно во Ресен и Крушево беа спроведени активности од областите на сообраќајната безбедност под мотото – „Не користи мобилен телефон додека возиш“, а дополнително во Ресен беа организирани повеќе средби со граѓани околу превенцијата од имотни деликти, пред се кражби, измами...

- Сојузот на синдикатите на Македонија денеска ја организира завршната конференција за користење на новите дигитални алатки на Синдикатот преку процесот на дигитализација на синдикализмот во насока на тоа да се спречи кршењето на работничките и социјалните права на работниците преку новата дигитална алатка „ССМ - мои работнички права“ и нејзината надградба со нови можности на која ќе бидат презентирани резултатите од спроведените активности. 

- Во Културно информативниот центар – Скопје, вечер ќе биде промовирана збирката раскази „Систем на сетилности“ од Елизабета Костадиновска Линднер во издание на АНТОЛОГ. Книгата ќе ја промовира Радмила Ванкоска, а извадоци од книгата ќе чита авторот. Костадиновска Линднер е двојазична авторка на македонски и на германски јазик, повеќејазична поетеса, интердисциплинарна уметница, мултимедијален изведувач на поетски и експериментални перфоманси. Уредник е на онлајн-списание и книжевни изданија, преведувач, куратор, уметнички директор и издавач. Живее и работи во Берлин од 2006 година.

- За време на свеченото отварање на ИТКФ меѓународниот куп „Хидетака Нишијама“ изминатиот викенд во Неа Мудања, Грција, на Дејан Недев му беше доделено признание од градоначалникот на Неа Пропонтида, Манолис Карас за промоција и развој на карате спортот во грчката општина. Карас свечено го отвори Купот во традиционално карате. Него исто така му беше доделено признание од Светската федерација за традиционално карате (ИТКФ) за поддршката во организација на ова натпреварување. Недев и градоначалникот Карас се согласија во иднина овој натпревар да прерасне во традиција и секоја година да се одржува на исто место во исто време.

- Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека Приштина го искористила вчерашниот настан како повод за „најгол терор на северот на Косово, каде што специјалните сили на Курти во текот на денот ги малтретирале српските цивили“ и упати сочувство до семејствата на убиените Срби и убиениот албански полицаец, јави дописникот на МИА од Белград. -Ако Кфор и Еулекс во изминатата година беа пасивни на теророт на Курти, и покрај тоа што речиси секојдневно предупредувавме дека ситуацијата може да излезе од контрола, сега е последен момент да преземат одлучни мерки за да го запрат дивеењето на албанската полиција на северот на Косово, за да завладее мир, се наведува во соопштението. Тој апелираше до меѓународната заедница итно да преземе конкретни чекори за „воената и окупациската политика на Курти се скроти, а регионот да биде поштеден од уште едно назадување на тешко стекнатиот мир“.

- Шпанската полиција уапси свештеник на југот на земјата, кој наводно дрогирал и злоставувал неколку жени. Свештеникот (34), кој го снимил сето тоа, бил уапсен во андалузискиот град Велез-Малага, на околу 30 километри источно од Малага, соопшти полицијата. Досега, според видеата, се идентификувани пет жртви. Но, полицијата не може да исклучи дека имало повеќе. Истражен судија му одреди мерка притвор.

- Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа изјави дека неговата земја не брза да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, што укажува на тоа дека скандинавската земја може да се соочи со дополнителни одложувања во нејзиниот прием во воената алијанса, пренесуваат странските агенции. За време на отворањето на есенската сесија на унгарскиот Парламент, Орбан им рече на пратениците дека „ништо не ја загрозува безбедноста на Шведска“ и дека затоа Унгарија „не брза“ да го ратификува пристапот на земјата во НАТО. Унгарија останува единствената земја-членка на НАТО, освен Турција, која сè уште не ја одобрила кандидатурата на Шведска за пристапување во алијансата.

- Германија планира следната година да ја преполови федералната помош што ја доделува на државите за покривање на трошоците за прием и интегрирање на бегалците. Ваквиот потег е дел од мерките за намалување на буџетот поради енормната инфлација по долгогодишната голема потрошувачка. Повеќе од милион луѓе побарале засолниште во Германија од почетокот на конфликтот во Украина, а поддршката за нивната грижа доведе до тоа 16 држави во земјата да бараат повеќе федерални средства за покривање на трошоците на бегалците.

- Францускиот претседател Емануел Макрон го претстави националниот еколошки план за намалување на емисиите на стакленички гасови за 55 отсто и ставање крај на употребата на фосилни горива до 2030 година. Гардијан јавува дека по состанокот со министрите Макрон кажа дека во програмата од 50 точки,  која тој ја нарече „екологија на француски начин“, ќе бидат инвестирани дополнителни 10 милијарди евра. -Од суштинско значење е Франција да ја намали зависноста од фосилни горива, јаглен, бензин и гас, кои повеќе не ги произведуваме, туку од кои зависиме, рече Макрон, додавајќи дека целта е до 2030 година да се намали оваа зависност од сегашните 60 на 40 проценти.  Францускиот претседател посочи дека приоритет е целосно прекинување на користењето на јагленот за производство на електрична енергија до јануари 2027 година. 

- Американската војска синоќа соопшти дека заробила припадник на групата Исламска држава за време на рација во северна Сирија. Се верува дека Абу Халил ал Фадани, кој беше заробен, „има врски со целата мрежа на Исламска држава во регионот“, се вели во соопштението на американската Централна команда. - Неговото апсење минатата сабота ги зголеми шансите противтерористичките операции на САД таму да може да таргетираат повеќе членови, рече портпаролот на командата, потполковник Трој Гурлок. САД имаат околу 900 војници во Сирија со цел да се спротивстават на остатоците од групата Исламска држава, која до 2019 година контролираше голем дел од Сирија.

- Претседателските избори во Египет ќе се одржат во декември, три дена по ред од 10 декември, а Египќаните кои живеат во странство од 1 декември ќе можат да гласаат три дена, соопшти изборната комисија. Кандидатите ќе можат да се пријават од 5 до 14 октомври, а конечната листа на кандидати ќе биде објавена на 19 ноември. Актуелниот претседател Абдел Фатах ал Сиси, кој владее со Египет од 2014 година, официјално не ја објави својата кандидатура, но се очекува да се кандидира. По реизборот во 2018 година, неговиот мандат трае до април. Според изменетиот устав од 2014 година, тој може да се кандидира за уште еден шестгодишен мандат.

- Руските единици за противвоздушна одбрана доцна синоќа одбија неколку напади на украински беспилотни летала над регионите Белгород и Курск, уништувајќи најмалку 11 беспилотни летала, соопшти руското Министерство за одбрана. Во неколку одделни објави на апликацијата Телеграм, Министерството објави дека седум дронови биле соборени над Белгородската област и четири над Курската област. Нема информации за евентуална штета или жртви.

- Мексиканскиот новинар Хесус Гиутиерез, кој раководел со локалната страница за вести Нотифајс (Notifice) на Фејсбук, е убиен вчера во северниот мексикански град Сан Луис Рио Колорадо, откако бил фатен во вкрстен оган за време на напад врз полицијата.  Нотифајс ја потврди неговата смрт, пишувајќи: „Мислиме дека го убија најдобриот новинар“. Обвинителите во северната погранична држава Сонора изјавија дека Гутиерез разговарал со полицајци, кои му биле соседи, кога се случило пукањето. Еден полицаец е убиен, а тројца други се ранети, додека смртта на Гутиерез е „колатерална штета“ од нападот врз полицијата, соопштија обвинителите. Сан Луис Рио Колорадо, лоциран спроти Јума, Аризона, е пограничен град во кој Американците доаѓаат за евтини рецепти и стоматолошки интервенции.

Остани поврзан