• вторник, 16 април 2024
МИА Радиофлеш

1 јуни 2023 

- Стратешка цел на Северна Македонија е полноправното членство во ЕУ до 2030 година. Скрининг процесот треба да заврши многу скоро, и ни претстојат политички одлуки со кои ќе се овозможи отворање на кластерите и поглавјата, истакна премиерот Димитар Ковачевски по пристигнувањето во Кишињев каде што придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, ќе учествува на вториот Самит на Европската политичка заедница.

За тоа, како што посочи, вчера во Братислава разговарал со претседателката на Европската комисина Урсусла фон дер Лајен и со францускиот претсдеател Емануел Макрон.

- Во организација на Сејмот на Литванија, претседателот на Собранието, Талат Џафери ќе учествува на Состанокот на спикери на парламенти на земји членки на НАТО, кој се одржува од 2 до 3 јуни 2023 година во Вилнус.

Како што информира собарниската Прес-служба, во состав на делегацијата се пратениците Миле Талевски, Драган Ковачки и Вјолца Адеми.

На овој настан ќе учествуваат претседателите на парламентите на земјите членки на НАТО, претседателката на Парламентарното собрание на НАТО, Жоел Герио Мејлам, помошник-генералната секретарка на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, во име на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук.

- Во рамки на 111 седница, Собранието расправаше за Предлог-законот за основање агенција за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција во прво читање, поднесен од Павле Трајанов, и за уште неколку предлог-закони за кои расправата е исцрпена и дополнително ќе се гласа.

Пратеникот и претседател на Демократски сојуз Павле Трајанов оцени дека живееме во висококриминализирана држава, корупцијата е присутна, како што рече, од најниско ниво до високите кругови и иако има седум институции кои треба да работат на откривање и сузбивање на криминалот, нема ефикасност поради нивната партизираност.

-Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска уште еднаш рече дека сите разговори за платите се водат во насока на утврдување методологија која ќе биде подеднаква за сите во јавниот сектор. Тоа, во иднина, рече Бесими, ќе биде решение не само за вработените, туку и за функционерите. 

За зголемувањето на платите на функционерите, пак, напомена Бесими, секоја институција поединечно постапува. Министерствата вршат исплати во рамки на нивните буџети за вработените, функционерите од Владата се исплаќаат од Владата, а тие од Собранието од Собрание. Пренамена на средствата се прави во секоја институција каде што се исплаќа платата. 

- Цената која ја нуди ЕСМ кон ЕВН Хоум се разгледува на затворена седница на Владата. Откако ќе имаме барање од страна на ЕСМ ќе бидете известени навремено, но тоа ќе биде согласно интересите на граѓаните и на државата во целина и заштита на животниот стандард во нашата држава, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Но, како што рече, од страна на ЕСМ уште не е доставена информација до Владата за таа да утврди цена со која ЕСМ ќе учествува во тендерот кој ќе биде објавен од страна на ЕВН Хоум.

Според Бесими, најверојатно нема да се прифати барањето на енергетските компании за зголемување на цената за 13 отсто.

- Министерот за економија Крешник Бектеши денеска потврди дека „замрзнатите“ цени на основните производи веќе нема да важат, но ако се забележи дека има нивно вештачко зголемување, инспекциите, рече, веднаш ќе реагираат.

-Во однос на цените на прехранбените производи, утврдено е дека речиси сите се намалени согласно владините мерки кои се носат една година. Да, мерките веќе нема да важат, но јас наведов и во моментот кога објавивме дека нема да ги продолжиме мерките, ако одредена компанија, и ова јавно го кажувам, одреден сектор вештачки се обиде да ги зголеми цените се знае дека институциите ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено. Јас сум имал разговори, повеќето од разговорите ги направиле моите служби или мојот тим каде што тие кажале дека во спротивно за одредени производи би можело да има и намалување. Во тоа дека резултат даваат мерките на Владата не се повикувајте на податоците на институциите на Владата, на тие тоа што го кажуваме, еве, повикајте се на Германскиот завод за статистика кој ги објави податоците за тоа како Македонија се справува со делот на цените со прехранбените производи, истакна Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по економскиот форум „Парафискални давачки-мало делче во сложувалката на конкурентноста".

- Летово во земјава се очекува температурите да го надминат повеќегодишниот просек. Како што информира УХМР, надминувањето на температурите може да достигне и до три степени Целзиусови речиси на целата територија, а најголемото позитивно отстапување на температурите на воздухот од повеќегодишните просеци за оваа сезона се очекува да биде во јули.

- Со голема веројатност се очекува летото оваа година да биде потопло и со просечни врнежи. Според анализите за целиот југоисточен регион на Европа, летните температури се очекува да достигнат надпросечни вредности. За територијата на Северна Македонија постои голема веројатност за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности.

- Европската комисија денеска објави четири кривични постапки против Бугарија. Процедурите се во областа на перење пари, борба против измами со средства од ЕУ, квалитетот на воздухот и безбедноста на поморството.  

ЕК ја повикува Бугарија да ги спроведе европските правила против перење пари и дава рок од два месеци за одговор.

Софија пријавила целосна имплементација на правилата, но ЕК открила неколку случаи на недоследности, на пример во обврската за регистрација, лиценцирање или регулирање на давателите на услуги. Според ЕК недостига и механизам за надминување на недоследностите на податоците во националниот регистар на вистински сопственици. Друга недоследност е констатирана во примената на концептите „основање“ или „престој“ во однос на субјектите кои се должни да дадат податоци за вистинските сопственици.

- Руската Државна Дума денеска усвои закон со кој се суспендира договорот меѓу Русија и Украина за соработка во Азовското Море и Керченски Теснец.

Предлог-законот беше поднесен во Долниот дом на рускиот Парламент на 24 мај од рускиот претседател Владимир Путин.

Со Законот Украина го загуби статусот на крајбрежна држава.

Договорот меѓу Русија и Украина беше потпишан во Керч на 24 декември 2003 година. Во него беше истакнато важноста на Азовското Море и Керченски Теснец за економскиот развој на двете земји, како и потребата да се зачува Азовско-Керченскиот воден простор како целосен економски и природен комплекс.

- Полска денеска ја затвори својата источна граница со Белорусија за белоруски и руски камиони, трактори и тешки возила со приколки и полуприколки регистрирани во која било земја, објави полската новинска агенција ПАП.

Полско-белоруската граница е и надворешна граница на ЕУ и Шенген зоната.

Во февруари Полска го затвори граничниот премин Бобровники. Како одговор, Белорусија го отежна преминувањето на границата на полските камиони. На крајот на февруари, Варшава го затвори и граничниот премин Кукурики-Корошчин за белоруски тешки товарни возила.

- Аргентинката Селесте Сауло денеска е избрана за генерален секретар на Светската метеоролошка организација, победувајќи тројца кандидати. Таа е прва жена именувана да раководи со Организацијата на Обединети нации.

Сауло беше заменик-генерален секретар на Организацијата со седиште во Женева и од 2014 година е директор на Националната метеоролошка служба на Аргентина.

Таа уште во првиот круг од гласањето го доби потребното двотретинско мнозинство.

Остани поврзан