• четврток, 25 април 2024
МИА Радиофлеш

7 јуни 2023  

- Претседателот Стево Пендаровски денеска во Собранието се обрати на свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците, што се одржа по повод одбележувањето на 25 години од стапувањето на сила на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа.

Пендаровски, како што информира неговиот Кабинет, потсети дека Комитетот на министрите на Советот на Европа на 10 ноември 1994 година ја усвои оваа Рамковна конвенција и може само, како што рече, да се гордееме со фактот што нашата држава беше меѓу првите што ја ратификуваше, со закон во македонското Собрание, прогласен на 27 февруари 1997 година.

- Со тоа се приклучивме во редот на државите чија примарна цел е заштита и развој на правата и слободите на човекот, но, кои при тоа се решени да го заштитуваат и постоењето на националните малцинства на нивните територии и да го подобруваат нивниот статус. На овој начин и правно се обврзавме да ја почитуваме Конвенцијата која ја создаде обврската дека заштитата на националните малцинства е од суштинско значење за стабилноста, демократската сигурност и мирот на континентот. Секое плурално и вистински демократско општество мора, не само да го почитува етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на секој припадник на национално малцинство, туку и да создава услови за изразување, сочувување и развој на тој идентитет, нагласи Пендаровски.

- Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа. Добро е што ставот изутрината искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба, изјави премиерот Димитар Ковачевски по лиерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. 

Ковачевски вели дека ваквите одлуки се одлуки на сите политички партии, на целото општество, бидејќи, како што рече, ова не е процес на еден човек и една политичка партија, на една Влада, туку процес во кој треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина.

- ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, кому „јасно му кажал“ дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи.

Тој посочи дека на средбата премиерот Ковачевски предложил во рамки на Парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ.

- Фактот што земјава е меѓу првите потписнички на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа во 1996 година говори многу за нас како демократска земја, за нашето уставно уредување и за сите нас како луѓе, порача претседателот на Собранието Талат Џафери на свечената седница во законодавниот дом со која се одбележа 25-годишнината од стапувањето на сила на Рамковната конвенција. 

-Кога распадот на некогашна Југославија во чиј составен дел бевме и ние, ги изнесе на површина сите видови на дискриминација и непочитување на правата на малцинствата, ние бевме сведоци на тоа. Сведоци бевме и на конфликтот во 2001 година по што беше потпишан Охридскиот рамковен договор, актот кој што ја промени иднината на нашата земја и истовремено беше наш најдобар патоказ за обезбедувањето на стабилноста, одржливоста и конструктивниот дијалог. Тоа беше договор кој што овозможи простор за третирање на прашањата во однос на почитувањето на правата на сите заедници, на правичната и соодветна застапеност, вклучувањето во политичкото и институционалното одлучување, рече Џафери. 

- Случувањата во Судскиот совет се предмет на следење и мониторинг и на нашиот Извештај што претстои наесен и тие претставуваат голем чекор наназад, во однос на некои оценки што ЕУ го даваше за нашето правосудство, вели Симонида Кацарска, директорка, Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје.

Одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“, Кацарска посочи дека независноста на судството е еден од клучните постулати на Поглавјето 23, меѓутоа треба да се гледа пошироко, бидејќи тоа е основата на кластерот „основи“. 

- Вкупната вредност на извозот на стоки од државава во периодот јануари - април 2023 година изнесува 3 005 376 000 долари и бележи пораст од 3,1 процент во однос на истиот период од претходната година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 899 163 000 долари, што е за 10,7  проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари − април 2023 година, изнесува 893 786 000 долари. 

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени.

- Национален приоритет е да се креираат планови и патокази за дигитална трансформација и да се финансираат иницијативи за дигитализација на претпријатијата. Важно е државата да се фокусира на зелената дигитализација и на создавање еколошки одржливи дигитални инфраструктури, беше речено на денешната конференција „Go Green: Обезбедување дигитална еколошка одржливост“. 

Конференцијата ја организира Бирото за регионален развој во рамки на проектот „Компјутерската моќ станува зелена“, финансиран од ЕУ во рамки на Interreg Balkan Med Program 2014 – 2020, а се спроведува од октомври 2021 година, со финансии од Балкан Мед програмата на Европската Унија. 

- Германските компании остануваат на своите одлуки за инвестиции и со актуелните политички случувања во државава, но би имало повеќе инвестиции доколку бидат појасни реформите, смета заменик-амбасадорот на Германија  во државава Ото Граф. 

На презентацијата на истражувањето за деловната клима на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија АХК и Македонско-германското стопанското здружение, Граф одговараше на новинарски прашање за влијанието на политичките случувања во државава и блокираните реформски активности во Собранието на работењето на германските компании, како и за одделни најавени инвестиции.

- Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман при американскиот Стејт департмент во интервју за Гласот на Америка на руски јазик изјави дека Северна Македонија е првата земја со која САД потпишаа меморандум за взаемно разбирање во борбата против дезинформациите и дека планираат такви меморандуми да склучат и со други земји, вклучувајќи ги Бугарија и Словачка.

-Манипулација на информацијата е сериозен проблем за САД. Тоа е проблем во целиот свет. Ние откривме дека во многу случаи Кина на некои медиуми ја дава бесплатно својата новинска служба под услов да не смеат да користат други новински служби ако сакаат нивната да ја користат бесплатно. Ние се обидувама да го спречиме тоа, изјави Рубин.

- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го примил новоименуваниот амбасадор на Република Полска во Република Северна Македонија, Кшиштоф Гжелчик.

- Билатералните односи, ситуацијата во земјата, регионот и пошироко, за споделувањето на истите вредности и ставови за одредени прашања, како и за можностите за понатамошен развој и динамизирање на односите меѓу двата парламента, биле темите на кои разговарале на средбата Џафери и Гжелчик. 

- Законската рамка е добра, меѓутоа може треба зацврстувања на одредени закони за да се констатира подобро утврдувањето на одговорност на одредени членови во одредени институции, како што е Судскиот совет или Советот на јавни обвинители, за да не се доведеме во ваква ситуација, каква што Северна Македонија и правосудството во моментов се наоѓа, изјави денеска заменик министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ.

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на случувањата во Судскиот совет и, дали излезот е со законски измени или некој друг начин, Аврамовска – Мадиќ нагласи дека судската власт е засебна и извршната власт не се меша.

- Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска беше во работна посета на Сараево, Босна и Херцеговина и учествуваше на Сараевскиот миграциски дијалог 3. Спасовски во Сараево имал и билатерална средба со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ.

Како што соопштија денеска од МВР, на средбата меѓу другото, се разговарало за поинтензивна соработка во неколку области од заеднички интерес на двете министерства.

-Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска оствари телефонски разговор со заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Марија Габриел.

Османи, како што соопшти МНР, упати честитки за именувањето на функцијата, пренесувајќи ја притоа подготвеноста за зајакнување на билатералната соработка, во духот на добрососедските односи и европските вредности и во интерес на граѓаните на двете земји.

-Компанијата за мебел „Ацевски“ во скопско Бардовци, која постои над 25 години, во последните две е во договор со средното училиште „Георги Димитров“ за практична обука на нивни ученици за работа со дрвни материјали. Фирмата со околу 40-ина вработени денеска ја посетија амбасадорката на Швајцарија Вероник Улман, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и извршниот директор на Стопанската комора на РСМ, Антони Пешев. Во пресрет на уписите во средно образование, целта на посетата беше полуматурантите да се поттикнат да изберат стручно образование и да се профилираат во кадар според пазарните потреби, а „Ацевски“ беше посочен како пример дека покрај големи, се повеќе и мали компании ги отвораат вратите за стручно оспособување на учениците.

Амбасадорката Улман истакна дека за добро стручно образование е потребно партнерство меѓу приватниот сектор, коморите и институциите, и дека Швајцарија и натаму ќе ја продолжи поддршката на стручното образование во земјава.

- Постигната е согласност да се отвори дебата со Владата за формирање на Фонд за новинарски продукти, кој ќе промовира медиумски плурализам, а постои согласност и во однос на обидите да се зголеми транспарентноста на владините институции. Сепак, загрижува размислувањето да се воведе државно рекламирање преку плаќање на кампањи од јавен интерес во приватните медиуми, а политичарите треба да се воздржат од непријатни изјави кон новинарите.

Ова се дел од заклучоците од средбите на претставниците на пет меѓународни новинарски и медиумски организации кои деновиве се во Скопје на покана на ЗНМ, со владините претставници.

Конкретно, претставниците на пет меѓународни новинарски и медиумски организации остварија средби со претседателот на државата, претседателот на Владата, претседателот на Собранието, министерот за информатичко општество и администрација, директорите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на јавниот сервис, со претседателот на Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, како и со група на уредници, новинари и членови на ЗНМ.

- Искрено се сомневам дека судските и политички актери се свесни колку одблизу ЕУ ја следи работата во областа на владеење на правото, порача шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин, нагласувајќи дека е неопходна искрена посветеност од сите засегнати страни во борбата против корупцијата и дека не постои скратен пат кон ЕУ. 

Еднакво, нагласи Џаин, и ЕУ треба да испорача кога земјите кандидати ќе ги исполнат критериумите. 

- Шведска останува посветен партнер на Северна Македонија, на нејзиниот пат кон ЕУ, изјави амбасадорката, на отворањето на дискусијата „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ).

- ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со останатите политички партии, но без учество на ДУИ во таа влада, изјави денеска претседателот на партијата Христијан Мицкоски по лидерската средба со премиерот Димитар Ковачевски, на која, како што нагласи, „јасно му кажал“ дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата стои на ставот дека уставни измени под бугарски диктат на ваков начин и под овие околности нема да поддржи.

Тој посочи дека на средбата премиерот Ковачевски предложил во рамки на Парламентот да почне дискусија и да се отвори и да се изгласа со две третини потреба за промена на Уставот, а потоа да биде формирана влада во која од десетте ресори кои ги менаџира СДСМ, пет да бидат дадени на ВМРО-ДПМНЕ.

- Вонреден инспекциски надзор од Државен санитарен и здравствен инспекторат бил извршен во психијатриска болница „Скопје“, потврди за МИА в.д. директорот Мухсин Арифи, кој најави повеќе детали нешто подоцна во текот на денот.

Kако новоназначен директор на психијатриската болница „Скопје“, чувствувам должност да се обратам на пошироката јавност за последните случувања поврзани со агресивните пациенти кои се тепаат меѓусебе. Истите се сместени на судско одделение каде се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд. Се однесува на лица кои сториле кривични дела како убиство, обид за убиство и друго. Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови, се наведува во неговото соопштение до јавноста, а поврзано со видеата објавени на Фејсбук, каде се гледа како лица се тепаат.

-Турската лира денеска падна на рекордно ниско ниво, продолжувајќи го својот пад во однос на американскиот долар откако претседателот Реџеп Таип Ердоган го започна својот трет мандат.

Лирата денеска ослабе за повеќе од шест отсто во однос на доларот. Турската валута падна за осум отсто по назначувањето на новата влада на Ердоган. Валутата од почетокот на годината ослабе за околу 20 отсто.

Вредноста на турската лира во однос на доларот паѓа од 2021 година поради инсистирањето на Ердоган да ги одржува ниски трошоците за задолжување за да се стимулира растот и покрај зголемената инфлација.

-  Германија се подготвува да биде домаќин на најголемата воена воздушна вежба во историјата на НАТО. Воената вежба, во која учествуваат 25 земји и 250 авиони, ќе се одржи од 12 до 23 јуни.

„Тоа ќе биде демонстрација на сила со цел да се покаже единството на сојузниците и да се импресионираат потенцијалните противници, како што се Русија, изјавија германски и американски претставници“, пренесуваат локалните медиуми.

Вашингтон испраќа 2.000 припадници на американската Национална гарда и околу 100 авиони да учествуваат на оваа обука.

- Поранешната шефица на европската дипломатија, Федерика Могерини денеска престојува во Тирана, но овојпат не како претставник на дипломатијата на ЕУ, туку за изградбата на европски универзитет во Тирана.

- Тука сум за проектот за изградба на кампус на европскиот универзитет. Сега нема да коментирам ниту за албанската политика или за институционалната динамика на реформскиот процес во однос на регионалната динамика и дијалогот во регионот. Целта е потпишаниот меморандум со кој Албанија станува дел од европскиот универзитет, рече таа.

- Соединетите Американски Дртжави и Европската унија разгледуваат санкции во две фази против Косово, во случај владата на Албин Курти да не ги исполни своите обврски и не преземе мереки за деескалација на состојбата во северно Косово, јави телевизијата „Еуроњуз Албаниа“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.

Во наводниот документ кој го пренесуваат изворите на „Еуроњуз Албаниа“, се вели дека „доколку не успее да ги исполни обврските, Косово ја загрозува сопствената иднина“.

- Насилството ги враќа Косово и целиот регион назад, доведувајќи ги во прашање евроатлантските аспирации. И Приштина и Белград мора да преземат конкретни чекори за деескалација на ситуацијата, да се воздржат од понатамошно неодговорно однесување и да се вклучат во дијалог со поддршка на ЕУ, што е единствениот начин за траен мир, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

- НАТО ќе продолжи да ја игра својата улога за поддршка на трајната безбедност на Косово и стабилноста на целиот Западен Балкан, истакна Столтенберг во интервјуто за црногорска „Побједа“.

Тој посочи дека Алијансата испраќа уште околу 500 војници од оперативните резерви за Западен Балкан.

- Ние ставивме дополнителен резервен баталјон во повисоко ниво на готовност, за да може и тие да бидат распоредени по потреба. Ова се претпазливи чекори за да се осигура дека КФОР ја има силата и способностите што му се потребни за да го исполни својот мандат, појасни Столтенберг.

- Албанската Влада ќе издаде нова еврообврзница, со која ќе се задолжи со 600 милиони евра.

Министерката за финансии и економија Делина Ибрахимај,  денеска,  во изјава за медиумите,  по владината седница, изјави дека постапката се уште не е затворена.

-Се очекува таа да се затвори во текот на оваа недела, а потоа ќе ги детализираме и елементите на емисијата на еврообврзницата на пазарите на капитал. Имаше поголема вредност од она што беше предвидено во законот. Но, законот предвидува и зголемување на вредноста. Оценивме дека состојбата на ликвидноста на пазарите на капитал, во согласност со потребата од ликвидност што ја има земјата, но и општите услови на меѓународните стапки и ликвидноста овозможија да се добие оваа поголема вредност, рече Ибрахимај.

- Оваа година Шпанија ја бележи својата најтопла пролет во историјата и втора најсушна досега, според националната метеоролошка агенција.

Последните податоци укажуваат на продолжување на екстремно високите температури кои беа присутни во текот на 2022 година, која беше најтоплата година досега забележана во Шпанија.

Пролетните горештини беа придружени со недостиг од дожд, што ќе ја влоши долгорочната суша во Шпанија, и покрај врнежите забележани во изминатиот месец. 

Шпанските власти вчера објавија дека акумулациите во земјата се со 47,4 отсто од капацитетот, тренд што продолжува.

Метеоролошката служба посочи дека тоа остава негативни ефекти врз екосистемот на таа медитеранска земја. 

-Германија се подготвува да биде домаќин на најголемата воена воздушна вежба во историјата на НАТО. Воената вежба, во која учествуваат 25 земји и 250 авиони, ќе се одржи од 12 до 23 јуни.

„Тоа ќе биде демонстрација на сила со цел да се покаже единството на сојузниците и да се импресионираат потенцијалните противници, како што се Русија, изјавија германски и американски претставници“, пренесуваат локалните медиуми.

Вашингтон испраќа 2.000 припадници на американската Национална гарда и околу 100 авиони да учествуваат на оваа обука.

- Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс, кој лојално му служеше на Доналд Трамп, но се сврте против него по нападот на Капитол во 2021 година, денеска официјално ја објави својата кандидатура за претседателска номинација на Републиканската партија за изборите во 2024 година

„Секогаш ќе бидам горд на напредокот што го постигнавме заедно за посилна и попросперитетна Америка“, нагласи Пенс во видео пораката, критикувајќи го актуелниот демократски претседател Џо Бајден, но не го именуваше директно Трамп.

Многу ретко се случува поранешен потпретседател да се кандидира против претседателот за кој работел. Ова се случило само неколкупати во американската историја.

Остани поврзан