• среда, 24 април 2024
МИА Радиофлеш

30 мај 2023 

- Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ е во дводневна посета на Брисел, каде што продолжува билатералниот скрининг од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, соопшти СЕП.

Денеска на билатералната скрининг агенда е Поглавјето 26, „Образование и култура“ и Поглавјето 20, на кое збор ќе земат и министерката за култура, Костадиновса Стојчевска и министерот за образование, Јетон Шаќири, а утре Поглавјето 20, „Претпријатија и индустриска политика“.

- Владата треба да ја усвои Предлог-иницијативата за уставни измени, подготвена од работната група, која потоа треба да ја предложи до Собранието. За отворање на Уставот, Предлог - иницијативата потребно е да добие двотретинска поддршка во Парламентот.

Претседателот Стево Пендаровски вчера потврди дека е запознат со содржината на уставните амандмани кои, како што рече, Владата денеска треба да ги усвои и да ги предложи во Собранието. Амандманите, додаде тој, се формирани според договореното со ЕУ и согласно заклучоците на Собранието. Наспроти порано изнесениот став, шефот на државата сега вели дека постапката во Парламентот треба да почне дури и да не е обезбедено потебното мнозинство.

- На 23 факултети и пет институти во состав на УКИМ денеска од 12 до 14 часот ќе се спроведе тајно гласање за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за мандатниот период 16 септември 2023 - 15 септември 2026 година. Во Единствениот избирачки список на УКИМ, утврден од Универзитетската изборна комисија, запишани се 1419 гласачи.

Тие ќе избираат од еден од шесте кандидати за ректор на УКИМ, колку што и се пријавија на огласот: Горан Ајдински од Филозофскиот факултет, Биљана Ангелова од Економскиот институт, Ратко Дуев од Филозофскиот факултет, Атанас Кочов од Машинскиот факултет, Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)  и Димитар Ташковски од ФЕИТ.

- Државната изборна комисија денеска ќе одржи јавна седница на која на дневен ред се Предлог- измена на Годишниот план за вкупните потреби за јавни набавки на ДИК во 2023 година, како и Предлог - етичките кодекси за изборната администрација и за членовите на ДИК.

Како што соопшти ДИК, на седницата ќе биде разгледана и Предлог-одлука за формирање на работна група за меѓуинституционално координативно тело за ИКТ и справување со безбедносни предизвици, а ќе бидат усвоени и записниците од 68-та, 69-та и 70-та седница на комисијата.

Седницата ќе се емитува и во живо на Јутјуб каналот на ДИК.

- По повод Светскиот ден на мултипла скелроза - 30 мај, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија организира марш за подигнување на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза и нивните специфични потреби за поквалитетен живот и социјална инклузија.

Како што информираат од сојузот, настанот ќе започне пред Порта Македонија во 11 часот и ќе продолжи со марш по десната коловозна лента на улицата „11Октомври“ во правец на Собранието до Домот „Даре Џамбаз“, а на него ќе се приклучат и лицата со параплегија и дистрофија.

-Региналниот центар на Инцијативата за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) денеска ја организираат регионалната конференција „Успешни заедно! Регионални увиди и пристапи за спречување и борба против трговијата со луѓе“.

На конференцијата воведни обраќања ќе имаат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, заменик амбасадорот на Германија во државава Отто Граф, директорот на ГИЗ во Северна Македонија Давид Оберхубер и директорот на МАРРИ Регионален центар Сашко Коцев. 

Конференцијата се организира по повод завршувањето на четиригодишниот регионален проект „Превенција и борба против трговијата со луѓе во Западен Балкан“, имплементиран од страна на ГИЗ заедно со МАРРИ како стратешки партнер. 

-  Имаме сериозни шанси да направиме пробив во текот на летото, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников во интервју за францускиот дневен весник „Вест-Франс“.

- Сакаме да ја скршиме волјата на Русите за победа во војната, рече Резников, нагласувајќи дека целта на контраофанзивата е Украина да ги врати своите територии „во меѓународно признаените граници од 1991 година, вклучувајќи го и Крим“.

-  Неколку згради во Москва утринава се оштетени при напад со дронови, објави градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм.

„Рано утринава напад со дрон предизвика мала материјална штета на неколку згради. Сите служби за итни случаи во градот се на терен“, се наведува во соопштението.

Градоначалникот нагласи дека во инцидентот нема потешко повредени, а итните служби ги разјаснуваат околностите околу тоа што се случило.

Собјанин ги повика луѓето да им веруваат само на официјални извори и да не шират непроверени информации.

- Хрватска денеска го слави Денот на државноста во знак на сеќавање на конституирањето на првиот демократски избран повеќепартиски парламент на 30 мај 1990 година, кој по децении комунистичко владеење ги создаде темелите на модерниот парламент и ја потврди неговата улога во зачувувањето на хрватската државност.

На 30 мај Собранието беше исполнето со бројни претставници и гости кои присуствуваа на конституирањето на новиот Парламент, тогаш сè уште Социјалистичка Република Хрватска.

Новоизбраните пратеници го избраа Жарко Домљан за претседател на Собранието, а Ивица Перцан, Стјепан Сулиманац и Владимир Шекс за потпретседатели.

- Албанскиот премиер Еди Рама доцна синоќа реагираше на ситуацијата на северот на Косово апелирајќи до косовските државници да ги слушаат сојузниците со цел ситуацијата да не се влоши уште повеќе.

Според Рама, Косово се „повредува меѓународно со оваа тешка ситуација“.

- Мојот повик е да се слушаат сојузниците и да не се навлезе подлабоко, во, не само опасниот, туку и залуден пат каде Косово е повредено на меѓународно ниво заедно со војниците на КФОР, кои се телесно повредени. Не е меѓународен повик туку национална потреба, напиша Рама на социјалните мрежи.

Рама подвлече дека „од оваа раскрсница каде што конфликтот се враќа и се враќа секоја година како производ на минатото, при што Србија ги изложува војниците на границата каде нејзината моќ е еднаква на нула, а Косово ја изложува својата неподготвеност да го финализира дијалогот, единствениот излез е со дијалог и моќни сојузници“.

- Нешто помалку од десет дена од парламентарните избори по кои ниту една од партиите не го доби потребното мнозинство за формирање Влада, Грција и официјално влезе во нов предизборен период во пресрет на следните избори на 25 јуни, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот Парламент по 22 часа од отворањето, како што беше и очекувано, се распушти, претседателката и премиерот го потпишаа соодветниот претседателски декрет, по што и официјално беа распишани изборите, а лидерите на партиите започнуваат со предизборните кампањи и митинзи низ цела Грција.

Пратениците кои ја добија довербата од граѓаните имаа мандат пократок од 24 часа, што е втор пат во поновата грчка историја, Парламентот да се отвори на само еден ден.

- Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, синоќа телефонски разговараше со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и со потпретседателот на Советот на министри и министерот за надворешни работи на Република Италија, Антонио Тајани, а за денеска закажа состаноци со амбасадорите на Квинта, ЕУ, Русија и Кина, јави дописникот на МИА од Белград.

- Вучиќ во телефонскиот разговор со Борел и Тајани ги информираше соговорниците за она што се случува на Косово и Метохија и рече дека тоа го организирал Албин Курти и дека тоа сите го знаеме со денови, поради што ги замолил Борел и Тајани да го вразумат Курти. Претседателот Вучиќ, исто така, посочи дека Србија и Србите ќе направат се за да ги зачуваат мирот и стабилноста, соопшти прес службата на Вучиќ.

- Три лица загинаа во пожар што избувна утрово во складиште за хартија во близина на Москва, јави руската државна новинска агенција РИА, повикувајќи се на службите за итни случаи.

- Се запали магацин со хартија и картон во Одинцово кај Москва … Тројца работници загинаа, пожарот е изгаснат, изјави претставник на службата за итни случаи.

Причината за пожарот не е позната.

- Украинските сили за противвоздушна одбрана уништија повеќе од 20 беспилотни летала во воздушните напади кои Русија ги изврши врз Киев во раните утрински часови, соопштија украинските воени власти.

Денеска во раните утрински часови Русија започна нов бран напади врз Киев, при што најмалку едно лице загина, а четворица се повредени.

Нарекувајќи го „масовен“ напад извршен во неколку бранови, шефот на воената администрација на Киев, Сергеј Попко, на Телеграм соопшти дека Русија го извршила нападот користејќи само дронови Шахед од иранско производство.

-  Кина денеска испрати тројца нови астронаути во својата вселенска станица Тиангонг, меѓу кои за првпат има и еден цивил.

Како што јавуваат странските агенции, новата мисија е драгоцено искуство за Кина, која повторно потврди дека сака да испрати човек на Месечината до 2030 година.

Мисијата Шенџу-16 беше успешно лансирана во 9:31 часот по локално време од центарот за лансирање во пустината Гоби.

- Северна Кореја денеска потврди дека ќе лансира воен шпионски сателит во јуни, соочена со „опасни воени активности на САД, јави државната севернокорејска агенција КЦНА.

- Во јуни ќе биде лансиран воениот извидувачки сателит број 1, рекол потпретседателот на воениот комитет на владејачката партија, Ри Пјонг Чол.

Тој додаде дека Северна Кореја го лансира сателитот „како одговор на опасните воени активности на САД и нивните вазали“.

Јапонија вчера соопшти дека добила известување од Северна Кореја за претстојното лансирање на сателит, за кое Токио тврди дека можеби крие лансирање балистичка ракета.

Остани поврзан