
28 септември 2023
- Деканот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски вели дека во овој момент не може да се оцени дали мостот Беласица во Скопје е безбеден за употреба или не и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
-Во однос на мостот Беласица и безбедноста за неговото користење досега имам повеќе пати излезено со изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го во предвид овој недостаток на информации не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не, рече Марковски во одговор на новинарско прашање на денешниот Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции”.
- Судскиот совет на денешната седница донесе одлуки за престанување на судиска функција на судијките Виолета Миладинова од Основен суд Кочани и Софија Манева од Апелационен суд Штип поради исполнување на услови за старосна пензија.
Во продолжението на денешната 456. седница ќе се расправа по претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите, поднесени до Судскиот совет на Република Северна Македонија.
- Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон денеска потпишаа Меморандум за соработка за реализација на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.
- Со денешното потпишување на Меморандумот дополнително го зацврстуваме нашето сојузништво во рамки на НАТО Алијансата и ја збогатуваме договорната рамка меѓу двете земји. Обединетото Кралство, како наш значаен сојузник и пријател, придонесува за натамошно зајакнување и развој на капацитетите на Министерството за надворешни работи, со цел уште поефикасно остварување на нашата политичка и координативна улога околу разни прашања врзани со членството на Северна Македонија во Алијансата, истакна Османи.
- „Повторното актуализирање на инфлацијата и новата геополитичка реалност во прилог на преосмислувањето на макроекономската политика“ е темата на деветтата меѓународна истражувачка конференција, што ќе се одржи утре во Скопје, во организација на Народната банка, а во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ).
Како што е најавено, конференцијата ќе ја отвори претседателот Стево Пендаровски, како и челните претставници на институциите - организатори, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Ќе се обрати и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.
-Следејќи ги актуелните текови и потребата за научно истражувачки придонес, годинава предмет на дискусија ќе бидат повеќе теми, меѓу кои, идните движења на макроекономската политика, стратегиска автономија и фрагментацијата во контекст на централното банкарство, како и регионалната перспектива за членство во ЕУ во новото глобално окружување, соопштија од Народна банка.
- Над шест од десет Грци, односно 61,9 отсто сметаат дека земјата оди во погрешна насока, 47,2 проценти се задоволни од изборот на Стефанос Каселакис за лидер на најголемата опозициска партија, а разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА е намалена на 17,7 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „ACTION24“, јави дописничката на МИА од Атина.
За речиси половина од анкетираните, односно за 48,6 отсто, поскапувањата на цените се главниот проблем за земјата, а потоа следат економијата (42,5 проценти) и природните катастрофи (22,3 отсто).
За пожарите во Еврос и поплавите во Тесалија, 34 отсто од анкетираните сметаат дека причината е „Владата“, за 23,5 проценти „државата и нејзините патогении“, а 20,7 отсто одговориле дека причината е „големината на природните катастрофи“.
- Повеќе од 65 илјади луѓе избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија, повеќе од половина од населението на енклавата заземена од Азербејџан минатата недела, се вели во соопштението на ерменската Влада.
Баку го отвори Коридорот Лачин, единствениот пат што ја поврзува енклавата со Ерменија, во неделата, четири дена по капитулацијата на сепаратистите и прекинот на огнот.
Цивилите почнаа да го напуштаат Нагорно-Карабах по пристигнувањето на азербејџанските сили.
Официјален Баку рече дека жителите ќе бидат безбедни, но ерменскиот премиер Никол Пашинјан рече дека Ерменците во Карабах се изложени на ризик од етничко чистење.
- Израел држи вкупно 1.264 Палестинци во административен притвор, изјави специјалниот координатор на Обединетите нации за Блискиот Исток, Тор Венесланд, што е најголем број затвореници во последните десет години.
„Израелските безбедносни сили извршија 1.042 операции за пребарување и апсење на Западниот Брег, што резултираше со апсење на 1.504 Палестинци, меѓу кои и 88 деца“, рече тој на седницата на Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека во периодот од 15 јули до 19 септември, израелските безбедносни сили убиле 68 Палестинци, меѓу кои 18 деца, за време на демонстрации, судири, безбедносни операции, напади или наводни напади врз Израелци и други инциденти.
- Северна Кореја со уставни амандмани ја зајакна својата политика за развој на нуклеарно оружје, а врховниот лидер Ким Џонг-ун вети дека ќе го забрза производството на нуклеарно оружје за да ги спречи, како што ги нарече, американските провокации, објавија денеска државните медиуми.
Врховното народно собрание едногласно ги усвои уставните амандмани во кои се наведува дека Северна Кореја „развива моќно нуклеарно оружје за да го обезбеди“ своето „право на постоење“ и да ја „одврати војната“, јави новинската агенција КЦНА, по завршувањето на седницата на Парламентот.
„Политиката на градење на нуклеарните сили на Северна Кореја стана трајна како основен закон на земјата, кој никој не смее да не го почитува“, рече севернокорејскиот лидер во обраќањето пред Парламентот.
- Училиште во јужна Шпанија е евакуирано откако ученик избодел двајца врсници и двајца професори.
Нападот се случил рано утринава во Институтот Елена Гарсија Армада во Херез де ла Фронтера, а се сомнева дека има уште неколку повредени студенти. Еден од учениците рано утрото избодел неколку професори и соученици, а потоа бил уапсен. Според полициски извори, напаѓачот употребил нож.
Енрике Галего, новинар на ТВ Херез, изјави дека училишни извори веруваат дека ученикот дошол на час наутро и извадил голем нож од ранецот. Потоа продолжил да ги „боде сите што минувале“. Училиштето во моментов е во блокада и неколку амбулантни возила се присутни додека на настраданите им се пружа помош.
- Преодната влада на Буркина Фасо објави дека пред два дена бил спречен обид за државен удар против воениот лидер Ибрахим Траоре, не наведувајќи повеќе детали за инспираторите и подготвувачите на пучот.
Преодната влада ја информираше јавноста „дека разузнавачките и безбедносните служби спречија обид за државен удар на 26 септември 2023 година“.
Уапсени се полициски службеници и други лица кои стојат зад обидот за дестабилизација на државата, а потрагата по други сторители продолжува, се наведува во соопштението.
Владата го уверува народот дека ќе го расветли обидот за државен удар.
- Националната федерација за широка потрошувачка (НРФ) излезе со анкета што покажува дека кражбите по продавници и трговски центри во САД станале национална епидемија, пишува весникот „Волстрит журнал“. Толпа од гневни млади луѓе пак ограби неколку продавници во Филаделфија.
Според резултатите од анкетата, во 2022 година претежно од кражби ритејлерите останале „кусок“ за 1,6 отсто, пресметано во процент од вкупните продажби или загуба од 112 милијарди долари, изјавија од НРФ.
Таргет, еден од најголемите марки во САД за продажба на стока за широка потрошувачка, вчера соопшти дека поради овој проблем затвора девет продавици во четири сојузни држави.
- Русија ги обвини САД дека промовираат нормализација на израелските односи со арапските земји со заобиколување на Арапската мировна иницијатива, која повикува на решение на израелско-палестинскиот конфликт пред дипломатското признавање на Израел.
Во синоќешното соопштение на рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небезња, на месечниот состанок на Советот за безбедност на ОН, Саудиска Арабија е остро критикувана, иако не се споменува по име, дека напредува кон воспоставување дипломатски односи со Израел додека презема „агресивни, незаконски дејствија“, вклучително и зголемено населување на територии кои треба да бидат дел од независна палестинска држава.
-Не можеме да продолжиме да ги управуваме овие продавници поради тоа што кражбите и организираниот ритејл криминал се закана за безбедноста на нашиот тим и гостите, и создаваат неодржливи бизнис перформанси, изјавија од Таргет.