• петок, 19 април 2024
МИА Радиофлеш

8 јуни 2023

- Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска денеска ќе одржи средба со ученици од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.
 
Целта на настанот е промоција на политиките за добро владеење поврзани со младите, кои се одвиваат под слоганот „Зависи од мене и тебе“. На средбата ќе се иницира отворена дискусија со средношколците на темите: чесност, интегритет и лична одговорност, а во насока на градење подобро општество и справување со штетните појави, како што се корупцијата и насилството.

- Mинистерот за образование и наука Јетон Шаќири и амбасадорот Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска ќе доделат грантови за реализација на заеднички наставни и воннаставни активности на децата со различно етничко потекло и наставни јазици на територијата на Република Северна Македонија.

Грантови ќе добијат училишта кои аплицираа и се одбрани преку повикот за оваа намена во рамки на проектот „Градиме нови мостови“, соопшти МОН.

- Поради асфалтирање денеска од 8 до 18 часот ќе биде затворена за сообраќај делницата Велес - Градско, излез на Градско кон Неготино, информира АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

- Специјалниот пратеник на претседателот на Азербејџан, Ечин Амербајев денеска ќе го посети Собранието на Република Северна Македонија.

Како што информираат од собраниската прес-служба, Амербајев ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и со Арта Билали-Зендели, шеф на собраниската делегација во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (ПС НАТО).

- Начинот на живот е важен сегмент во превенцијата на секоја болест. Здравиот избор кога станува збор за исхрана, вежбање, избегнување на канцерогени супстанции и намалување на стресот може ефикасно да го намалат ризикот од развој на тумор на мозок, изјави за МИА доктор Висар Мифтари, медицински директор на ЈЗУ УК Неврологија во Скопје, со кој разговаравме на оваа тема по повод 8 јуни - Светскиот ден на тумор на мозок.

- Од голема важност е свесноста за сопствениот ризик. Одредени фактори можат да го зголемат ризикот, познавањето на овие фактори може да помогне навреме да се идентификува ризикот и потенцијалните симптоми, за да може навреме да се прегледа лицето. Главните фактори за тумор на мозок вклучуваат возраст, изложеност на зрачење, фамилијарна историја на тумор на мозок и моментално постоење на рак, кој може да метастазира во мозокот од друг орган. Ризикот се зголемува со возраста. Јадењето многу овошје и зеленчук и намалувањето на холестеролот преку ограничување на масна храна, може да помогне во превенцијата, појасни Мифтари.

- Во собрансиката Комисија за култура денеска треба да почне разгледувањето на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик. Предлагач на законот е Министерството за култура, а целта е подигање на јазичната култура, негување и заштита на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилна употреба во јавната и во службената комуникација, почитување и унапредување на јазичниот стандард и организирање активности во таа насока.

- Со новиот закон, според предлагачот, ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање текстови што се објавуваат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа,  службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката. 

- Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска ќе учествува на министерскиот состанок на Глобалната коалиција против ДАЕШ/ИСИС во Ријад, Саудиска Арабија. 

Како што информира МНР, министерскиот состанок е во организација на државниот секретар на САД Антони Блинкен и министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија Фаисал бин Фархан Ал-Сауд.

- Министрите од земјите членки на Глобалната коалиција ќе дискутираат за ДАЕШ/ИСИС во Ирак и Сирија, Африка, централна Азија и Авганистан, и како работните групи на Коалицијата се справуваат со овие закани, се вели во соопштението.

- Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на вчерашната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понуди консензуално усвојување на уставните измени, во замена на влез на опозициската партија во Владата со пет министри. За Мицкоски е прифатливо учество на ВМРО-ДПМНЕ во заедничка влада со СДСМ и останатите партии, но без ДУИ. Од ДУИ веднаш реагираа на ваквиот предлог на Мицкоски со став дека во интерес на усвојување на промените на Уставот, би прифатиле да поддражат формирање влада до изборите во која нема да улествуваат.

Извозот да стане врвен национален приоритет, ќе порача денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески во третото месечно обраќање што го организира оваа институција како дел од своите понови активности.

Азески, кој е и претседател на Националниот совет за извоз, ќе зборува на темата „Извоз, Извоз, Извоз!”. Негови гости ќе бидат академик Гоце Петрески, професорот од Економски факултет – Штип и претседател на Клубот на извозници при Комората Дарко Лазаров, професорот на University College London UCL Славо Радошевич, претседателот на Белгиската стопанска комора Оливер Вилокс, извршниот директор на Тиквеш АД - Кавадарци и потпретседател на Клубот на извозници при Комората Радош Вуќикевиќ, како и генералниот директор на компанијата „Актива” Штип Иле Николов.

- Во организација на Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП денеска ќе биде одржан втората Национална конференција во рамки на проектот „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“.

Фокусот на панел дискусијата на годинашнава конференција ќе биде на управување со кризи и јакнење на локалните капицитети за спречување на насилство и насилен ектремизам.

Воедно, на конференцијата ќе бидат потпишани и договорите со добитниците на грантови од грантовата линија - Национални интервенции, а ќе бидат споделени и информации за претстојниот повик за регионални грантови.

- Во Стопанската комора денеска ќе се одржи дебата на тема „Наодите од истражувањето за состојбата со неформалните собирачи на отпад во РС Македонија и можности за нивна интеграција во формалната економија".

На дебатата ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето што  „Пакомак“ го направи за неформалните собирачи во периодот март-април на репрезентативен примерок во сите осум плански региони.

- Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека доколку Украина не победи, нема да има смисла да се размислува за нејзино членство во Алијансата.

-Денеска е најважно да се осигураме дека претседателот на Русија Владимир Путин нема да победи... И дека Украина е зачувана како суверена држава бидејќи, во спротивно, ако Украина нема можност да постои како независна суверена демократска држава во Европа, нема смисла да се размислува за нејзино членство, кажа шефот на НАТО на форум во Брисел.

- Пробивањето на голема брана во јужна Украина ќе има катастрофален ефект врз лоцирањето на нагазни мини, предупреди Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Како што јави Би-би-Си, Ерик Толефсен, шеф на Единицата за контаминација со оружје на МКЦК, предупреди дека мините исфрлени во поплавата предизвикаа голема загриженост не само за жителите на Херсон, туку и за оние кои доаѓаат да помогнат.

- Знаевме каде се опасностите. Сега не знаеме, изјави тој.- Сè што знаеме е дека тие се некаде низводно, додаде Толефсен.

- Руската инвазија врз Украина доведе до значителна промена во европското јавно мислење, бидејќи двојно повеќе Европејци, речиси две третини од нив, сега ја гледаат Москва како противник или ривал отколку пред војната, покажува анкета спроведена во 11 земји-членки на Европската унија.

Повеќе од 60 отсто од Европејците веруваат дека Европа треба да „остане неутрална“ во воениот конфликт меѓу САД и Кина околу Тајван, според анкетата објавена вчера.

Од друга страна, помалку од една четвртина, 23 отсто, би сакале нивната земја да застане на страната на Америка доколку „Кина го нападне Тајван и САД го бранат“.

- Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека нивото на водата во резервоарите за ладење на реакторот во нуклеарната централа Запорожје опаѓа за пет до седум сантиметри на час и посочи дека доколку најголемата нуклеарна централа во Европа остане без вода, тоа би било многу сериозна ситуација.

-Таму има резервоар и голем број внатрешни канали кои обезбедуваат водата постојано да циркулира за да може постојано да се ладат реакторите. Ако централата остане без вода, тогаш ќе имаме многу сериозна ситуација, изјави вчера Гроси во интервју за Си-ен-ен.

Според него, не постои ризик веднаш да исчезне водата што е таму, но состојбата е сериозна бидејќи нивото на водата континуирано се намалува.

- Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е „шокиран“ од неуспехот на Обединетите нации и Црвениот крст да помогнат по уништувањето на огромната брана Каховка, додека неговиот премиер повика на итна помош од меѓународните хуманитарни организации.

„Иако катастрофата се случи пред неколку часа, тие не се тука“, изјави Зеленски за германските весници Билд и Ди Велт, како и за Политико.

„Не добивме одговор. Шокиран сум“, додаде тој.

Премиерот Денис Шмихал ги повика меѓународните хуманитарни организации да обезбедат итна помош.

„Руските окупатори не се ни обидуваат да им помогнат на тие луѓе, тие ги оставија да умрат“, рече Шмихал на англиски во видеото објавено на Телеграм.

- Велика Британија ќе биде домаќин на глобален самит за безбедност на вештачката интелигенција подоцна оваа година, соопшти британската Влада, додавајќи дека премиерот Риши Сунак и американскиот претседател Џо Бајден исто така ќе разговараат за тоа за време на денешниот состанок.

На самитот ќе се разговара за ризиците што ги носи вештачката интелигенција, вклучително и граничните системи, и ќе се дискутира за тоа како тие можат да се ублажат преку меѓународно координирана акција, се вели во соопштението на британската Влада.

Неколку влади разгледуваат како да ги ублажат опасностите од новата технологија, која бележи бум во инвестициите и популарноста кај потрошувачите во последниве месеци по објавувањето на ChatGPT на OpenAI.

- Најмалку шест лица се примени во болница, од кои три со прострелни рани, откако израелските сили отвориле оган врз палестинските млади лица, кои врз нив фрлале камења за време на израелска операција во палестинскиот град Рамала, на окупираниот Западен Брег.

Сведок за британските медиуми кажа дека голем израелски воен конвој рано утринава пристигнал во центарот на Рамала, седиштето на палестинската Влада, што предизвикало стотици Палестинци да се соберат во ова подрачје.

Израелските сили, за кои се вели дека се во операција за уривање куќа во Рамала, истрелале боева муниција, шок-бомби и солзавец врз толпата палестински млади момчиња кои врз нив фрлале камења, изјави сведок, додека видеата објавени на социјалните мрежи, наводно, покажуваат како врз израелските сили се фрлани Молотови коктели.

- Уништувањето на шумите во бразилска Амазонија е намалено за 31 отсто во првите пет месеци откако претседателот Луис Инасио Лула да Силва дојде на власт, во споредба со истиот период минатата година, соопштија властите.

Сателитски снимки открија дека од јануари до мај, 1.986 квадратни километри шумска површина биле уништени во бразилскиот дел од најголемата прашума во светот, што е помалку од 2.867 квадратни километри забележани во истиот период во 2022 година, според бразилската агенција за вселенски истражувања.

Податоците од вселенската агенција ИНПЕ се добра вест за еколошките здруженија кои ги полагаат своите надежи во Лула, кој ја презеде претседателската функција на 1 јануари и вети дека ќе се заложи за ставање крај на нелегалното уништување на шумите по напливот на сеча и пожарите во Амазонија за време на неговиот претходник екстремниот десничар Жаир Болсонаро.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан