• среда, 29 ноември 2023

МИА Радиофлеш

МИА Радиофлеш

25 септември 2023

- Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги осуди вчерашните случувања во Косово и повтори дека нема опасност по безбедносната состојба во земјава. 

- Во земјава не постои никаков основ за какво било стравување во однос на безбедносната ситуација, меѓутоа морам да изразам загриженост и осуда за она што се случи на Косово, бидејќи таму беше убиен полицаец, кој е дел од безбедносните структури.  Тоа беше акт на насилство којшто никому не му треба и сите се уверивме дека не носи ништо добро, освен немир не само во Косово, туку и во целиот регион, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Алма - М“. 

Според Ковачевски, зад она што вчера се случи на Косово постои нечија агенда со цел регионот повторно да се види како подрачје на кое има кавги меѓу соседите.  

- Очекуваме наскоро да има конкретни предлози од работната група и тие ќе бидат проследени до владата, изјави министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска за време на денешниот престој во Битола, а во врска со барањето на пензионерите за повисоки пензии.

Работната група формирана од Vладата редовно заседава, рече Тренчевска, се разговара за сите предлози од Сојузот на пензионери, граѓани пензионери членови на иницијативниот одбор што протестира и Партијаta на пензионерите кои доставија барања до Министерството за труд и социјална политика.

- Владата утре треба да донесе одлука за намалување на цените на пијалоците, а во тек е анализата за хигиенските производи која најверојатно ќе биде завршена до крајот на неделава.

- Тоа што знаеме точно е дека утре ќе има одлука за намалување на цените на безалкохолните и алкохолните пијалоци. За хигиенските производи најверојатно во текот на оваа недела ќе бидат завршени сите консултации и ќе видиме дали има простор да се донесат одредени мерки, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши по посетата на компанијата „Алма-М“ во Визбегово. 

Следниот месец, според најавите на премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат направени и анализите за деветиот пакет антикризни мерки кои ќе бидат насочени кон ранливите категории на граѓани и кон сите оние што во време на криза не остваруваат дополнителни приходи.

- Тие имаат апсолутно право да се произнесат онака како што се чувствуваат односно да се произнесат како Македонци. Правото на самоопределување на секој еден граѓанин, без разлика каде и на која територија се наоѓа, е една од темелните европски вредности, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска прашана за коментар во врска со бугарски притисоци кон македонското малцинство во Албанија за изјаснувањето на нивната национална припадност на пописот што се спроведува во таа земја. 

Петровска во одговор на новинарско прашање на прес-конференција рече дека европските вредности треба да ги почитуваат и земјите кои се во ЕУ како и останатите кои сакаат да пристапат во Унијата. 

Посочи дека една од целите на европското интегрирање е со зачленувањето на државава во ЕУ, македонскиот пасош да биде европски што ќе овозможи граѓаните да не чувствуваат, како што рече, притисоци или да бидат залажувани со некои бенефиции за да се попишат различно од она што го чувствуваат.

- Министерството за локална самоуправа издвојува за подобри услови за живеење, луѓето да останат тука. Ова го истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, при денешната работна посета на Демир Капија.

Тој се сретна со демиркапискиот градоначалник Лазар Петров и заедно пропешачија околу два километра. Средбата беше за вовед во работата за изградба на локален пат во Демир Капија, како дел од проектите финансирани од МЛС за намалување на диспаритетите меѓу општините. 

- Видов дека Демир Капија е инфраструктурно добро управувана и средена и е еден од позитивните примери на локалната самоуправа во Република Северна Македонија. Некои проекти се правени со помош на државата, денес стартуваме со нов проект. 

- Од полноќ поевтинуваат за денар ипол Еуросупер БС-95, Еуросупер БС-98 и дизелот, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Со тоа, новата цена на Еуросупер БС-95 ќе биде 89 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе се продава по цена од 91 денар за литар, додека цената на дизелот ќе биде 85,5 денари за литар.  

Екстра лесното масло за домаќинство се намалува за еден денар за литар и ќе се продава по дена од 85 денари за литар.

Единствено се зголемува малопродажната цена на мазутот за 0,447 ден/кг, во однос на
претходно утврдената цена и отсега тој ќе се продава по цена од 48,715 ден/кг.

 - Управата за извршување на санкции на 19 септември 2023 година изврши вонреден наздор во КПД Идризово со цел да се проверат наводите на осудените лица Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани по живот, рекет и уцени, соопшти денеска Министерството за правда. 

Јанко Јаневски, кој отслужува деветгодишна затворска казна, посочил дека имал уцени и закани по живот да врати 4.000 евра во рок од 24 часа. Управата за извршување на санкции, како што се наведува, изврши разговор со двајца припадници на затворската полиција кои тврделе дека биле измамени од Јаневски. Тој им побарал по 2.000 евра,  ветувајќи им  дека ќе бидат префрлени со работа во МВР.  Вкупната сума од 4.000 евра му ја исплатиле на негов пријател во трговскиот центар „Сити мол“. Командирите, како што се наведува, по извесен период сфатиле дека се измамени и настанот го пријавиле во ПС Кавадарци.

- Нема целосен регистар на лифтови во земјава. Според проценките од околу 12-13 илјади, регистрирани се 5 илјади лифтови. Редовното сервисирање и проверка е на високо ниво кај правните субјкети, додека кај станбените, иако подобрување во последните години, сепак е на пониско ниво. Што се однесува до безбедноста на лифтовите во сеизмички услови, иако кај нас прифатен е европскиот стандард ЕН 81-77, кој е задолжителен и треба да се применува, тоа не се прави, порача Горан Сековски од Македонското здружение на лифтови, по отворањето на дводневниот симпозиум „Безбедноста на лифтовите во сеизмички услови“, кој се одржува во Скопје.

Сековски, во изјава за МИА, вели дека во однос на безбедноста на лифтовите се е регулирано во нашите закони.

Еден сопственик на лифт дали куќен совет, правно лице или др., мора да има активен договор за одржување, барем на една година, и мора еднаш годишно да прави периодичен технички преглед. Можам да кажам дека кај правните субјекти, како што се владини институции, фирми или хотели некаде 80 до 90 отсто тоа се почитува, и инспекцијата тоа го бара и го спроведува, наведува тој.

- Исклучително ниска е трговската размена на земјава со Полска. Засега извезуваме многу мала палета производи, но, со јакнење на соработката, до 2027 година се очекува пласманот да достигне 150 милиони долари, велат од Стопанската комора.

Двете земји немаат отворени политички прашања, ниту меѓу нив постои каков било конфликт. 

Како што изјави извршниот директор на Комората, Антони Пешев, во Полска се извезуваат само 15 производи со вредност поголема од еден милион долари, додека првите топ 20 извозни производи со најголема вредност учествуваат со 72 отсто во целокупниот извоз. 

- Министерството за екологија обезбедува средства и ги промовира политиките за повеќе зелени површини во секоја општина во државата и го охрабрувам секој граѓанин да не се откажува од барањата и потребите за нови зелени површини во средината во која што живее, порача министерката за животна средина и просоторно планирање, одговарајќи на новинарскопрашање околу поставување на законски обврски при изградба на нови градби и донесувањето на урбанистичките планови.

Шукова смета дека тоа е обрска на локланите самоуправи и оцени дека урбаните процеси споро се спроведуваат, од општина до општина.

- Инцидентот и тоа што се случува таму нема директно влијание и од информациите со кои досега располагаме и кои ги разменуваме не влијае на загрозување на безбедноста на нашата држава. Тоа го гарантира и фактот дека сме земја членка на НАТО и тоа што изминатиов период вложуваме многу во одбраната. Меѓутоа, се разбира, секоја од институциите во Република Северна Македонија има обврска да придонесе за нашата национална безбедност, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска во врска со вчерашниот оружен напад на северот од Косово и како тоа ќе се одрази во нашата држава. 

Во одговор на новинарски прашања на прес-конференцијата со министерот за одбрана на Норвешка Бјорн Арилд Грам, Петровска рече дека ситуацијата во Косово се следи одблиску, со оглед дека земјава со свои трупи учествува во мисијата на КФОР во Косово, и дека не е едноставно за кој било, како што рече, кога „во регионот има инцидент, особено кога е нападната полиција на одредена држава“.

- Намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид, декарбонизацијата ќе биде регулирано со закон, а стопанството е подготвено да го спроведува, ова го спомена министерката за екологија Каја Шукова на конференција на тема: „Одржливи енергетски вештини во градежништвото” - SEEtheSkills проект, која ја органзира Стопаната комора.

Министерката Шукова, оцени дека зелената агенда за Западен Балкан, е сериозна алатка кон која што треба да се стремиме, бидејќи како што кажа некои од нејзините принципи укажуваат колку е битна декарбонизацијата за Европа.

- Ние географски како дел од Европа и утре како дел админситративно од ЕУ. треба да ги намалиме количините на отпад којшто финално ги депонираме, изјави Шукова.

- Совет за конкурентност на ЕУ денеска ги усогласи своите позиции за предлогот на Европската комисија за усвојување на регулативата „Еуро 7“ за воспоставување на стандарди за емисиите на штетни гасови и за издржливост на акумулаторите за моторни возила и мотоцикли, како и за предложената ревизија на законодавниот пакет за дизајн, односно на Директивата за правна заштита на дизајните и Регулативата за дизајни на заедницата. 

Советот се усогласи во однос на предложената регулатива за одобрување на карактеристиките на моторните возила и мотоциклите и на нивните системи, компоненти и посебни технички единици, поврзани со емисиите на штетни гасови и издржливоста на акумулаторите, попозната како „Еуро 7“.  

Новата регулатива, која првпат ги вклучува автомобилите, комбињата и тешките моторни возила во единствен правен акт, има за цел да постави посоодветни правила за емисиите на штетни гасови од страна на возилата и дополнително да го намали ослободувањето на загадувачки материи во воздухот од страна превозните средства. 

 – Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде изјави дека „целиот свет, вклучително и Српската православна црква, се шокирани и ги осудуваат вчерашните настани“ во северно Косово, каде што во напад на вооружена и маскирана група беше убиен еден и беа ранети двајца припадници на косовската полиција, јави дописникот на МИА од Приштина.

На неговата страница на платформата „Х“, поранешен Твитер, Роде ја запраша партијата на косовските Срби, Српска листа, дали ќе се приклучи на осудата на убиствениот напад врз косовската полиција.

- Целиот свет, вклучително и Српската православна црква, се шокирани и ги осудуваат вчерашните настани: Се прашувам дали и Српска листа ќе го прекине молкот и ќе ни се придружи на сите во нашиот јасен став против овој убиствен напад врз косовската полиција, напиша Рохде.

- Судот за организиран криминал и корупција во Тирана му изрече казна затвор на поранешниот министер за животна средина Лефтер Кока во врска со обвинувањата за инсинераторот во Фиер, односно за договорот за концесија за изградба на пречистителната станица за урбан отпад и производство на енергија.

Поранешниот министер е осуден на 10 години затвор, но поради согласноста за скратен судски процес казната е намалена на 6 години и 8 месеци затвор.

Исто така донесена е одлука да се заплени имотот на Кока, поточно „ објект за продажба на алкохолни пијалаци Ѓерѓ Кастриот – Скендербег“ во Драч, во вредност од 442.972 леки, како еквивалентен имот со дел од износот за кој се товари во казниво дело.

- Претседателката на Косово, Вјоса Османи, го одликува со орденот „Херој на Косово“ полицаецот Африм Буњаку, кој беше убиен вчера во северно Косово од организирана група од триесетина маскирани и вооружени лица, кои од косовските власти, но и од повеќе западни центри, беа оквалификувани како терористи, јави дописникот на МИА од Приштина.

На церемонијата, на која им го предаде орденот на децата на убиениот Буњаку, Османи рече дека тој паднал во одбрана на достоинството на Република Косово.

- Денеска му оддаваме почести на еден храбар и несебичен полициски наредник кој го жртвуваше својот живот за заштита на нашите граѓани. Африм Буњаку и другите припадници на полицијата беа предизвикани од криминалната банда. Нашиот херој, Буњаку беше силен столб на косовската полиција. Тој беше посветен слуга на татковината. Тој остана цврст во одбрана на законот и против терористичките групи поддржани од Србија, чија цел беше да го вознемират не само Косово, туку и регионот, рече Османи.

 - Статуата на починатиот германски кардинал Франц Хенгсбах денеска е отстранета денеска од пред катедралата во Есен, западна Германија, неколку дена откако во јавноста излегоа наводите за сексуална злоупотреба од пред неколку децении.

Хенгсбах беше католички кардинал кој почина во 1991 година. Тој беше обвинет, меѓу другото, за наводно злоставување на шеснаесетгодишно девојче во 1954 година додека бил помошен бискуп во Падерборн. Тој е обвинет и за сексуален напад на жена во Есен во 1967 година.

Администраторот на катедралата во Есен, Томас Зандер, минатата недела најави дека неговата статуа ќе го замени спомен простор за жртви на сексуално насилство.

Во исто време, католичкиот бискуп од Есен, Франц-Јозеф Овербек, ги замоли верниците од парохијата за прошка за неговото справување со обвинувањата против неговиот претходник.

Остани поврзан