• сабота, 20 април 2024
МИА Радиофлеш

5 јуни 2023 

- Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Будва. Состанокот се случува на неполн месец пред формалното преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, на 1 јули. 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи, по пленарната сесија, заедно со претставниците на Тројката претседавачи – Грција, Црна Гора и Северна Македонија - Османи ќе одржи конференција за медиумите, додека на маргините на министерскиот состанок, ќе оствари и билатерални средби со свои хомолози, земји-членки на иницијативата. 

- Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ Бојан Маричиќ денеска во Бечиќи, Црна Гора, ќе се обрати на состанокот на министрите за ЕУ на земјите учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој е дел од настаните на високо ниво по повод завршувањето на црногорското претседавање со иницијативата.

Тема на состанокот, како што соопштија од СЕП, ќе биде „Европскиот процес на интеграција- перспективата на проширување на Европската Унија”, како заедничка појдовна точка за сите приоритети на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ, на која осврт и свои видувања ќе дадат шефовите на делегациите на земјите членки на иницијативата, генералната секретарка на Советот за регионална соработка и претставници на Европската комисија.

- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп, денеска, ќе изврши увид на рехабилитација на пат Демир Капија - Неготино.

Како што соопштија од владината прес-служба, по увидот, премиерот Ковачевски, заедно со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП Рустеми ќе дадат изјави за медиумите. 

- Во Основниот суд во Тетово денес во 12 часот треба да биде изречена пресудата за обвинетите во судскиот процес за пожарот во модуларната болница што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. На 29 мај беа искажани завршните зборови на Обвинителство и адвокатите на обвинетите по што судијата Јордан Велковски истакна дека заврши главната расправа и дека пресудата ќе ја соопшти на 5 јуни понеделник во 12 часот.

Поранешните директори на Клиничка болница Тетово, Флорин Бесими и Артан Етеми се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

-По повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на Македонската православна црква - Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) денеска во црквата „Света Софија“ во Охрид ќе се одржи света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствуваат поглаварите на МПЦ - ОА г.г. Стефан и на СПЦ г.г. Порфириј придружувани од неколку епископи од двете цркви. 

Пред неколку дена МПЦ-ОА соопшти дека денеска во црквата Света Софија во Охрид ќе се одржи света архијерејска литургија по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ – ОА од страна на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), на 5 јуни 2023 година, на празникот на Светиот Дух.

- По повод 25-годишнината од канцеларијата на Народниот правобранител во Република Северна Македонија, Делегацијата на ЕУ во соработка со партнерските организации Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Центарот за семејна и грижа за децата КМОП Скопје, како и Канцеларијата на Народниот правобранител денеска во Скопје на конференција ќе ја информираат јавноста за иницијативите за унапредување на правата на децата.

Конференцијата, како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, ќе ја отворат амбасадорот Гир кој ќе говори за поддршката од ЕУ за создавање простор за детските права, и народниот правобранител Зибери кој ќе потсети на 25-годишната работа на канцеларијата на Народниот правобранител за заштита на човековите права.

- Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, од денеска ќе престојува во повеќедневната работна посета на Соединетите Американски Држави.

За време на престојот во САД, генералот Ѓурчиновски ќе го посети Пентагон, каде што ќе оствари средби со највисоки воени раководители, по што во Вермонт ќе присуствува на церемонија за одбележување на јубилејните 30 години, од воспоставување на програмата за соработка со Националната гарда на Вермонт.

- „Отворен кабинет“ е новиот проект на Министерството за внатрешни работи,  во рамки на утврдениот концепт „МВР за граѓаните“, кој ќе започне со реализација од денеска, од СВР Штип, а ќе биде со неделна динамика и ќе трае во наредните два месеца.

Како што наведуваат од МВР, ако имате прашање за министерот, идеја која сметате дека ќе ја подобри безбедноста, предлог за подобрување на севкупното работење на полицијата – а притоа досега не сте имале можност да ја презентирате во неговиот Кабинет во Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на министерот Спасовски на еден ден ќе дојде кај вас – во Секторот за внатрешни работи кој го покрива подрачјето каде што живеете.  

- Во Собранието денеска ќе се одржи работна посета на делегации од комисиите за европски прашања на албанскиот и косовскиот Парламент.

Членовите на делегациите ќе имаат средби со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседател на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми и членовите на ова собраниско тело. 

- Американските власти вчера кренаа во воздух група воени авиони во лов на мал авион што неовластено навлегол во воздушниот простор над пошироката област Вашингтон, а потоа се урна во Вирџинија.

Воени авиони го пробиле звучниот ѕид над главниот град на САД за да стигнат до малиот авион „Цесна Сотејшн“,( Cessnа Citation) што може да превезе седум до 12 патници, соопштија официјални лица.

Во времето кога воените ловци го пробиле воздушниот ѕид, „Цесната“ се урнала во ридско подрачје во југозападна Вирџинија, соопшти Федералната управа за авијација (ФАА).

Воените авиони не биле причина за падот, тврди неименуваниот функционер.

Според информиран извор, се верува дека „Цесната“ била управувана на автопилот и не одговарала на повиците од контролата на летање.

- Од мал остров во реката Еврос на грчко –турската граница вчера била спасена група од 91 мигрант, а меѓу нив и над 30 деца, јави дописничката на МИА од Атина. 

Според грчката полиција мигрантите на грчка територија пристигнале со помош на криумчар, кој со чамец ги превезол од спротивниот брег и ги оставил на островот, а станува збор за 32 мажи, 25 жени и 34 деца. 

Мигрантите се во добра здравствена состојба, а грчките власти им обезбедиле облека, храна и прва помош. 

- Руските вооружени сили ја одбија украинската офанзива во правец на јужен Доњецк, соопшти утринава руското Министерство за одбрана.

Украина офанзивата ја почнала  со шест механизирани и два тенковски баталјони, објави руското министерство на Телеграм.

„Утрината на 4 јуни, непријателот почна голема офанзива во пет сектори на фронтот во правец на јужен Доњецк“, се наведува во соопштението.

„Целта на непријателот беше да ги пробие нашите одбранбени линии на, според него, најранливиот дел од линијата на фронтот“, се додава во соопштението. 

„Непријателот не ги постигна своите цели, не успеа“.

- Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници вчера одлучија да го продолжат договорот за намалување на производството до крајот на следната година со цел да се стабилизираат цените.

Во 2022 година ОПЕК + одлучи да го намали производството за два милиона барели дневно, а од мај дел од нејзините членки доброволно го намалија за дополнителни 1,66 милиона барели дневно. Новиот режим на производство требаше да остане на сила до крајот на годината.

На вчерашниот редовен состанок, по неколкучасовни преговори се одлучи намаленото производство да го продолжат до крајот на 2024 година и од јануари да го намалат производството за уште 1,4 милиона барели дневно, на 40,46 милиони барели дневно.

- Деветнаесет лица вчера загинаа во свлечиште во провинцијата Сечуан, во југозападна Кина, објавија кинеските државни медиуми.

Според првичните информации за несреќата, локалната самоуправа пријавила 14 загинати и пет исчезнати, но телата на исчезнатите подоцна биле пронајдени, пишуваат службените гласила.

Изворите наведуваат дека до одронот на земјиштето дошло на врвот на планината, кај една  шумска фарма, во близина на градот Лешана.

Во 20 часот (14 часот по средноевропско време), пронајдена е 19-та жртва и потрагата по исчезнатите е прекината, јави кинеската државна телевизија CCTV.

- Сенегалската влада вчера привремено го суспендираше мобилниот интернет во земјата по неколкудневните смртоносни судири меѓу полицијата и поддржувачите на опозицискиот лидер Усман Сонко.

Министерството за комуникации, телекомуникации и дигитална економија соопшти дека поради ширење на „субверзивни пораки во контекст на јавни немири на одредени локалитети“, мобилниот интернет ќе биде суспендиран на одредени временски периоди.

Одлуката уследи по неколкудневните судири низ оваа западноафриканска земја.

- Сириската опозиција денеска повика на продолжување на преговорите со властите на претседателот Башар ал Асад под покровителство на ОН, откако официјален Дамаск се врати под арапска заштита по долгогодишната изолација. 

„Меѓународниот и регионалниот контекст и ситуацијата во Сирија се погодни за продолжување на директните преговори во специфична програма и распоред“, се наведува во соопштението на Високиот комитет за преговори, во кој се собрани главните претставници на сириската опозиција.

- Гувернерот на рускиот Белгородски огруг Вјечеслав Гладков утринава  соопшти дека во овој регион избувнал пожар во енергетска централа, потврдувајчи дека пожарот бил предизвикан од бомба фрлена од дрон.

Гувернерот тврди дека во нападот нема повредени, а објектот не е оштетен.

Проукраински сили, составени од руски бунтовници, веќе неколку недели вршат диверзантски акции во Белгородската област.

Во последниот вчерашен напад на овие руски партизани биле заробени неколку руски војници, кои, наведуваат овие проукраински сили, ќе им ги предадат на украинските власти.

Рускиот волонтерски корпус ова го соопшти преку видео порака на каналот Телеграм, откако претходно беше нападнато село во руската Белгородска област. 

Остани поврзан