
25 септември 2023
- Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во рамки на официјалната посета на САД, во Чикаго оствари работна средба со група бизнисмени, составена од припадници на македонската дијаспора и американски стопанственици.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, вицепремиерот Битиќи истакна дека инвестициите од САД може да имаат трансформативно влијание врз македонската економија затоа што со себе носат, не само финансиски ресурси, туку и експертиза, технологија и пристап до глобалните пазари.
- Успехот кој бизнисмени од САД го имаат зад себе, ветува можности за поттикнување на иновации и подобра продуктивност во различни сектори. Вашите инвестиции би сигнализирале доверба во економската стабилност и потенцијал за раст на земјата, привлекувајќи дополнителни инвестиции од други извори, рече вицепремиерот Битиќи.
- Македонските државјани сместени во хотел во непосредна близина на манастирот во селото Бањска на северот од Косово, каде вчера имаше оружен напад, утрово безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук објави дека тие се упатени кон дома откако биле извршени интервјуата и анализата од страна на косовската полиција.
-По извршените вообичаеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина од каде се случи оружениот напад врз полицијата, објави Османи.
- Во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата на установата и стручниот кадар, од страна на инспектори за заштита на децата, велат од Министерството за труд и социјална политика за МИА, во врска со случајот со градинката во Шуто Оризари.
- Министерството за труд и социјална политика информира дека официјално нема добиено претставка за случајот во градинката „8-Април“ во Шуто Оризари. Меѓутоа по допрен глас од медиумите и по службена должност, во текот на денот ќе биде извршен вонреден инспекциски надзор над работата на установата и стручниот кадар, од страна на инспектори за заштита на децата. За утврдување на фактичката состојба и неправилности во работата на стручниот кадар, кој го згрижувал детето, ќе бидат преземени мерки согласно Законот за заштита на децата, нагласуваат од МТСП.
- Здружението на граѓани за екологија, туризам, органско производство и истражувачка дејност „Еко Партнерс“, по четврти пат, ја организираше манифестацијата „Ден на органско производство и форум за еко туризам преку регионални практики“.
Во паркот Ѓорче Петров изложуваа повеќе од 40 производители на органска храна, вина и крафт пиво. Жителите на населбата, но и сите Скопјани, уживаа во звуците на музичкиот вокал Агни Авшар и бендот Brainfreezers.
Здружението „Еко Партнерс“, со оваа манифестација го одбележа Европскиот ден на органска храна во рамки на кампањата „Дојди,види, вкуси“. Манифестацијата е поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
- Првиот вицепремиер и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ изјави денеска дека Србија треба да се чува од сите провокации и дека, како што порача претседателот на Србија, Александар Вучиќ, Србите на Косово треба да останат мирни и да и веруваат на својата земја, која ќе направи се за да се зачува мирот, по вчерашните судири и загинувањето на тројца Срби и еден косовски полицаец околу манастирот во Бањско, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ за телевизијата Прва изјави дека во оваа ситуација меѓународната заедница се извлекува, практично дозволувајќи да дојде до конфликт на Косово и оставајќи ги Србите да бидат застрелани од „косовско-албанската полиција“.
- Започна со видео на социјалните мрежи на 29 август кога ја објави неговата кандидатура за лидер на СИРИЗА, со зборовите „Се викам Стефанос и имам да ви кажам нешто“ и за помалку од еден месец стана претседател на најголемата грчка опозициска партија – Стефанос Каселакис, кој за себе вели дека не е феномен, туку гласот на општеството, од денеска отвора ново поглавје во партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Со победата на Каселакис на партиските избори за лидер на СИРИЗА, започнува нова ера во грчката опозициска партија, која по 15 години доби нов претседател на местото на Алексис Ципрас.
- Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека претседателот на државата Александар Вучиќ во својот говор во Обединетите нации предупредил дека е можно и е извесно на Косово да дојде до конфликт, каков што е во Бањска, јави дописникот на МИА од Белград.
Таа во гостувањето на ТВ Пинк изјави дека единствениот виновник за конфликтот е премиерот на Косово, Албин Курти, и дека тоа е неговиот животен сон.
-Како држава ќе се обидеме да го најдеме најдоброто решение за Србите на Косово и Метохија. Катастрофална е состојбата во која не доведе Албин Курти и молкот на меѓународната заедница. Дали Курти има карт-бланш да убива луѓе на Косово кога ќе му се посака, рече Брнабиќ.
- Никола Обрадовиќ од Центарот за граѓанско образование денеска изјави дека нивно истражување покажало дека дури 40 отсто од младите во Црна Гора планираат да ја напуштат земјата, оценувајќи дека тоа е загрижувачко.
Обрадовиќ во утринската програма на ТВЦГ кажа дека тоа што Црна Гора е на врвот на рангирањето според годините во кои младите живеат со родителите, мора да има последици.
-Се надевам дека во иднина ќе создадеме сет мерки за решавање на проблемот со напуштањето на државата на младите, рече Обрадовиќ.
Економскиот аналитичар од Сараево, Игор Гарван, во истата емисија предупреди дека намерата на младите да ја напуштат земјата навестува големи економски проблеми во иднина. Тој објасни дека ваквиот тренд ќе доведе до недостиг на работна сила, а со тоа и помали странски инвестиции.
- Полскиот министер за надворешни работи Збигнев Рау ја обвини Германија дека се обидува да се меша во внатрешните работи на неговата земја, откако германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Варшава мора да ги разјасни наводите дека полските конзулати во Африка и Азија продавале привремени работни визи на мигрантите за илјадници долари.
Полската десничарска владејачка партија Право и правда се соочува со прашања во врска со наводната шема пред националните избори на 15 октомври, на кои се стреми да добие трет мандат.
Шолц, чија влада е под притисок да стори повеќе за да ја спречи миграцијата во Германија, во саботата ја повика соседна Полска да објасни што се случува.
„Не сакам луѓето од Полска само да бидат пропуштени и дури потоа да разговараме за политиката за азил“, изјави Шолц за германската новинска агенција ДПА.
- На барање на холандскиот државен секретар за правда и безбедност Ерик Ван дер Бург, општините во Холандија почнаа да обезбедуваат објекти за дополнително сместување на 1200 бегалци.
Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Ван дер Бург во писмо упатено до локалните власти нагласи дека мора да преземат мерки, бидејќи постојните капацитети за сместување на мигранти се речиси целосно исполнети, откако главниот центар за азил во Холандија во Тер Апел се соочува со постојан прилив на нови бегалци, од кои повеќето се малолетници без придружба.
- Секоја година, дневниот прилив на баратели на азил е најголем во септември, но оваа година бројот на луѓе што се пријавуваат дневно во Тер Апел е над просекот, наведе Ван дер Бург во писмото.
Тој ги повика општините да обезбедат сместување за околу 1200 бегалци во најкус можен рок, од кои 550 треба да бидат наменети за малолетници без придружба.
- Украинскиот специјален истражител Ѓундуз Мамедов, кој е одговорен за документирање на воените злосторства, повика на меѓународна поддршка во истрагата за потенцијалните прекршувања на меѓународното хуманитарно право во руската војна против Украина.
Мамедов за ДПА во Киев изјави дека судските власти на други земји би можеле да спроведуваат истрага за такви прашања доколку има основа за тоа. Тоа ќе биде случај ако жртвите од војната во Украина се во земји како Германија, рече тој.
- Од септември минатата година регистриравме околу 500 случаи на прекршување на меѓународното хуманитарно право. Во истрагата треба да учествуваат и други институции, нагласи Мамедов. Тој додаде дека германското законодавство е пример што треба да се следи бидејќи води правна постапка за злосторства извршени за време на војната во Сирија.
- Илјадници етнички Ерменци го напуштија Нагорно-Карабах и заминаа во Ерменија откако Азербејџан воспостави контрола над регионот, соопшти денеска владата во Ереван.
Досега во Ерменија се регистрирани 2.906 бегалци. Вчера бројката изнесуваше околу 1.000.
Околу 1.100 добија итно засолниште од ерменската влада, а уште 1.000 нашле сопствено сместување.
Неодамнешната воена операција на Азербејџан за преземање контрола врз Нагорно-Карабах ги принуди етничките Ерменци да го напуштат регионот, кој долго време е оспоруван меѓу двете поранешни советски републики.