• понеделник, 27 ноември 2023

МИА Општински пул

МИА Општински пул

 28 септември 2023 

Кавадарци - Обезбедени се две нови возила за јавен превоз во Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека се работи за еден автобус со 31 седиште и комби со 7+1 седишта. Тој рече дека со ова се заокружува процесот и е комплетиран возниот парк на Јавното претпријатие за превоз. 

- Ќе се користат за превоз на училишни деца, како и за деца со попреченост. Сакам да нагласам дека сите пари што претпријатието ќе ги заштеди со домаќинско работење, добивката, ќе биде во интерес на сите, да се има што пониски цени за превоз. Сегашните цени од 45 денари за билет се симболични во овие услови, нагласи Јанчев, повикувајќи да се користи јавниот превоз кој е навремен, квалитетен и безбеден, а придонесува и за екологијата. 

Градоначалникот додаде дека јавниот превоз сега располага со 14 возила. Набавката на новите возила чини осум милиони денари. 

Јанчев сподели дека ќе предложи пензионерите да бидат ослободени од плаќање на јавен превоз.

Охрид – Општина Дебрца почна со реализација на еден од најкапиталните инфраструктурни проекти, за реконструкција на улица во село Волино.

Проектот предвидува целосна реконструкција на улицата од центарот на селото до мостот на каналот на река Сатеска во правец кон селото Требеништа, од центарот до мостот во правец на село Мешеишта, сето во вкупна должина од 1394 метри, потоа реконструкција на плоштадот во селото и изградба на два паркинг простори.

Градежните зафати предвидуваат отстранување на постоечкиот асфалт, тампонирање и асфалтирање 8.600 метри квадратни, изградба на тротоари во должина од 1130 метри, поставување атмосферска канализација во должина од 475 метри, изградба на бетонски канал долг 248 метри, поставување оптички кабел, каблирање и поставување во земја нисконапонска електрична мрежа, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и ново улично осветлување со вкупно 73 шестметарски и шест осумметарски столбови со лед светилки.

Вредноста на проектот изнесува околу 30 милиони денари и истиот е дел од Проектот за поврзување на локални патишта што се реализира од страна на Министерството за транспорт и врски ,со финансиски средства - заем кој Владата го обезбеди од Светска банка, а врз основа на проект изготвен и аплициран од Општина Дебрца.

Во проектот со инвестиција од околу 3.5 милиони денари учествува ЕВН, која ќе изврши каблирање на нисконапонската мрежа и демонтирање на воздушната електрична мрежа и бандерите долж трасата, потоа Македонски Телеком кој ќе постави оптички кабел и Општина Дебрца со околу 680 илјади денари за изведба на новите индивидуални приклучоци на електричната мрежа.

Куманово - Дваесет и шестото издание на меѓународниот фестивал „Денови на комедија“ беше отворен вчера во НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово. Пред публиката настапи велешкиот театар со комедијата „Синиот портокал“. На отворањето присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска која кажа дека актерите преку брилијантната игра со години успеваат да ја насмеат публиката, а фестивалот е еден од најпосетуваните во државата.

- Со секоја одиграна претстава се калеше фестивалската приказна, а тоа претставуваше одлична можност за вљубениците во театарската уметност преку еден од најспецифичните жанрови, комедијата да ја негуваат и развиваат театарската култура која прерасна во традиција. Токму тука во градот на безвременското дело „Бегалка“ од Васил Иљоски и неговата Ленче Кумановче кои се синоним и препознатлив белег на Куманово, кажа министерката.

Во обраќањето, таа истакна дека министерството за култура останува партнер и поддржувач на фестивалот кој придонесува за развој на македонската култура. Костадиновска Стојчевска му честиташе на овогодишниот лауреат Коле Ангеловски за неговиот придонес.

- Творечкиот опус на доајенот на македонскиот театар и филм е разновиден и особено ни е драго што еден од најистакнатите културни работници кој цел свој живот го посвети на уметноста, особено во делот на комедијата вечерва ќе го добие признанието „Васил Иљоски“. Тој ќе се вброи во класата на врвните актерски великани Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска и Благоја Чоревски кои беа лауреати на фестивалот, рече министерката.

Наградата на Ангеловски му ја врачи Чоревски која кажа дека Ангеловски е еден од „виновниците“ за формирање на фестивалот. Зборувајќи за него рече дека глумел во стотина режирал над 100-тина филмови.

Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски кажа дека преку овој фестивал Куманово покажува колку сака театар. Лауреатот Ангеловски рече дека само на фестивалот се одиграни близу 30-тина негови претстави.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден превентивните активности на МВР на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Битола, Велес и Штип, беа насочени кон заштита на граѓаните од имотни деликти, потоа сообраќајната безбедност и заштитата од шумски пожари.

На подрачјето на СВР Битола, односно во Ресен полициските службеници имаа средби со граѓаните околу превенцијата од џебни кражби, кражби, разбојништва, измами... а беше разговарано и со возачите на земјоделски машини и земјоделска механизација во насока на почитување на сообраќајните правила и прописи. И во Велес и во Кавадарци на истата тема – заштита од имотни деликти - полициски службеници од СВР Велес разговараа со граѓаните за начините за превенција од овој вид криминал, соопшти МВР.

На подрачјето, пак, на СВР Штип, поточно во Берово, полициски службеници од ОВР Берово во содејство со Шумското стопанство Берово спроведоа превентивно-едукативни средби на теми поврзани со заштита на шумите од пожари и законските прописи од оваа област, вклучително и казнените одредби.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден, според извештаите во Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК), противпожарните тимови интервенирале на 24 пожара, некаде заеднички - здружени од повеќе општини, а и со помош од локалните жители, како и со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР.

Утрово еден пожар се води како активен - во Општина Прилеп, кај с.Алинци, каде што гори ниска вегетација, се уште чади само депонијата што исто така е опожарена, а пријавен е уште еден пожар. Регионалниот ЦУК Прилеп извести дека околу 04:40 часот утрово избувнал пожар при што гори ниска вегетација и деградирана шума кај с.Небрегово, во Општина Долнени. Во гаснењето на пожарот, интервенирале четири пожарникари од ТППЕ Прилеп со 1 ПП возило.

Скопје -  ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје известува дека денеска, од 11:00 часот, без вода ќе бидат корисниците од улиците „Трифун Хаџијанев“, „Ташко Караџа“, „Јани Лукровски“ и „16-та Македонска бригада“- ниска зона, во Општина Гази Баба.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато поради уличен дефект на „Трифун Хаџијанев“ бб (во близина на Комерцијална Банка). Корисниците ќе бидат без вода до санирање на дефектот.

Остани поврзан