
26 септември 2023
Тирана - Македонско друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 септември, ден на европските јазици, упати честитка до сите Македонци, кои како што наведуваат, каде и да се, со порака да го зачуваат мајчиниот јазик, бидејќи, како што посочуваат, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, затоа што тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.
- Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на друштвото, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.
Скопје - Без вода денеска од 10: 30 се корисниците лоцирани на улицата 20 „Сарај“ бб, како и дел од населените места Глумово, Шишево, Горна и Долна Матка.
Како што известуваат од ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради санирање уличен дефект на улицата 20 „Сарај“.
Охрид - Пред Основниот суд во Охрид и денеска не се одржа рочиштето од процесот што се води против адвокатот Тони Менкиноски. Против него е покренато обвинение за нарушување на јавниот ред и мир со тоа што лично тој ја презеде одговорноста за поставување на знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид, за празникот Богојавление.
Денешното рочиште не се одржа, како што беше речено, поради здравствени проблеми на судијата Милчо Клишески кој го води предметот, а наредното ќе биде закажано дополнително.
И овојпат не се појавија претставници на Министерството за внатрешни работи, од каде против него е покрената прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело со кое е истакнато „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.
Штип - Почина Весна Крстева, главен уредник на Канал 77. Нејзините колеги од националното радио Канал 77 напишаа имаше само 57 години, 28 години плодна радиска кариера, која траеше се до петокот, 15 септември, кога, и самата не знаејќи, се одјави со своите последни вести на националното радио. На уредничкото место беше 13 години.
-Ова се голи факти за Весна, но, секој кој ја познаваше лично, знаеше дека беше најпозитивниот човек, насмеана дури и во најтешките моменти. И ова не е фраза. Избираше да го гледа доброто кај луѓето, така и живееше. Свртена кон своите професионални обврски и желбата за што подобра иднина на семејството, кон своите две деца, кои пораснаа во прекрасни личности, пишуваат колегите од Канал 77.
Новинарството е професија во која Весна целосно ја предаде својата личност и преку проектот кој и ја даде целата новинарска слава со циклусот емисии „Судбо, моја судбино“. Преку оваа емисија откри многу мали-големи луѓе, зборуваше за животот и нивната судбина, животниот пат. Беше вљубеник во литературата, извонредно ги паметеше настаните и луѓето и често се шегуваше дека во пензионерските денови ќе се посвети на славните жители на штипско Ново Село, каде живееше. Весна Крстева беше дел од штипскиот и македонскиот новинарски еснаф. Колегите ќе ја паметат по позитивната енергија, професионалноста да се постави вистинското новинарско прашање, но и да помогне на младите колеги.
Скопје - Без вода денеска од 9:30 часот ќе бидат дел од корисниците лоцирани на улиците „Леринска“ и „Ловќенска“ и Германската амбасада во земјава.
Како што соопшти ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради санирање уличен дефект на улицата „Леринска“ бр73. Корисниците ќе бидат без вода се до санирање на дефектот.
Скопје - За брзо возење вчера биле санкционирани 171 возач при акциската контрола на Министерството за внатрешни работи на територијата на државата.
Како што информираат од МВР, од нив девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 95 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 76 надвор од населено место.
Од МВР нагласуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Се апелира учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.
Куманово - Кумановскиот центар за вработување денеска ги повика заинтересираните работодавачи и невработени лица да се пријават за мерката - обука на работно место со субвенционирано вработување. Финансиска поддршка добиваат и невработените и работодавачите од Куманово, појаснуваат од Центарот.
- Со мерката предвидено е да се обучат невработените за конкретно работно место, работодавачите да добијат обучен кадар кој самите го креираат, при што сите добиваат поддршка од АВРСМ. Првите три месеци, невработените посетуваат обука, доколку успешно ја завршат добиваат и вработување. Оваа мерка е комбинација од обука и вработување. За време на обуката, невработените добиваат надомест од 11.000 денари бруто, а потоа работодавачите доколку го вработат лицето, добиваат шест месеци по 19.000 денари за исплата на дел од платите. Работодавачите добиваат и еднократен надомест од 25.000 денари по обучено лице по завршена обука, изјави раководителката на Центарот за вработување Куманово, Марија Димитријевска.