• среда, 06 декември 2023

МИА Општински пул

МИА Општински пул

25 септември 2023

 

Битола - Секое дете ни е важно и затоа овозможуваме еднаков пристап на децата со попреченост до правата и до услугите за секое подеднакво, истакна министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска за време на посетата на битолскиот Дневен центар за лица со интелектуална и телесна попреченост, каде промовира донација – сензорна соба, опремена по највисоки стандарди.

Министерката Тренчевска во изјава за медиумите потврди дека реформите продолжуваат затоа што секое дете е важно и тоа ќе се врши се додека во сите општини и сите населени места не се овозможи еднаков пристап на лицата со попреченост до социјалните услуги.

-Најдобри резултати за граѓаните дава соработката меѓу граѓанскиот сектор, приватниот сектор и институциите во рамки на владата. Како Министерство за труд и социјална политика и како влада покажуваме дека за нас лицата со попреченост се висок приоритет. Тоа го покажавме во минатата, но и во оваа година со покачување за 30 проценти на правото за посебен додаток за лицата со попреченост и за децата со попреченост, како и на правото за попреченост за 14,2 проценти. Меѓутоа, покрај материјалните права, работиме и на воспоставување на широка палета нови услуги кои што се наопходни за децата и за лицата со попреченост. Воспоставуваме дневни центри за индивидуален третман на децата и лицата со попреченост, отвораме дневни центри, помош и нега во домот за лицата со попреченост, лична асистенција, образовни асистенти, а со воспоставувањето на социјалните услуги и во најоддалечените места во државата, односно во руралните средини, покажуваме дека секое дете ни е важно и овозможуваме еднаков пристап на децата со попреченост, до правата и до услугите за секое подеднакво. Никој не е изоставен, затоа што секое дете за нас е важно и се додека во сите општини и сите населени места не овозможиме еднаков пристап на лицата со попреченост до социјалните услуги, ние нема да застанеме со реформите, и со унапредувањето на правата на лицата со попреченост, нагласи Тренчевска.

Донацијата за современата сензорна соба ја обезбедија австриската граѓанска организација „ДЕЦА“, компанијата „Интерворкс“ како општествена одговорна компанија и Центарот за социјална работа во Битола.

-Горди сме дека оваа донација не е само од компанијата, туку учествуваа и самите вработени со свои средства, а тоа е уште еден показател на високото ниво на култура кое се обидуваме секојдневно да го развиваме, истакна Рената Гошевска, маркетинг консултант во „Интерворкс“.

Дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост во Битола е отворен пред 20 години и во овој период згрижени се над 60 корисници, а во моментов има седум штитеници.

Охрид – „Препознавање и разбирање на организираниот криминал и корупцијата во контекст на владеење на правото” ќе  биде во фокусот на осмата сесија на Охридската школа по природно право што традиционално се одржува во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, со поддршка на Амбасадата на САД.

Студенти по право, дваесет магистранти и петмина докторанти престојната седмица ќе учествуваат на десеттина дискусии на актуелни теми од областа на правото, со фокус ставен врз борбата против корупцијата.  

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, во обраќањето им посака да стекнат многу нови знаења што ќе им помогнат да станат подобри правници, успешни во примената на новините и она што е тема на Школата – полесно да го препознаат и да се справуваат со организиранот криминал и корупцијата, во контекст на вледеење на правото. 

Вирџинија Елиот, директорката на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, на учесниците им посочи дека тие треба да бидат идните чувари на човековите права и оние што ќе застанат во одбрана на приниципите на владеење на правото.

- Борбата против организираниот криминал и корупцијата, владеењето на правото, независно судство, се најголемиот предизвик за демократизацијата на Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ. Во справувањето со предизвиците не сте сами. Како што рече потпретседателот Блинкен, пријателските демократии отсекогаш биле во прв план во нашата соработка и така и ќе остане, рече таа.

Потсетувајќи на зборовите на претседателот Бајден кој ја посочи корупцијата како најголемата безбедносна закана, додека потпретседателот Блинкен за транснационална заразна болест што ја разјадува довербата на јавноста во институциите, Елиот ја нагласи подготвеноста на САД да работи со Северна Македонија и да придонесе кон исполнување на заедничките норми и меѓународните вредности, како во соработка со властите во земјата, така и со поддршка на граѓанското општество, академијата, студентите.

- Амбасадата на САД ќе продолжи да се фокусира на владеењето на правото и ќе продолжи да соработува со вас за одговорна власт и независно судство. Ве повикувам да бидете храбри во нудењето решенија, подготвени на акција, посветени кон изградба на демократски институции во земјата. Држете се до највисоките стандарди, бранете ги човековите права, борете се против нееднаквоста и политичкото влијание што го разјадува независноста на судството. Искуствата што ќе размените и врските што ќе ги воспоставите нека бидат ресурс во вашиот иден професионален ангажман, рече таа.

Академик Владо Камбовски смета дека изворот на корупцијата во Северна Македонија е човечкиот фактор. Според него, легислативата е усогласена со европските норми, стадандарди и конвенции, она што е потребно подигнување на човечкиот фактор на ниво на решителност кај носителите на функциите, особено во областа на судството, за да почне справувањето со организираниот криминал и корупцијата. 

- Кај нас корупцијата е навлезена во сите пори на општеството, од најниските слоеви до највисоката власт. Поткупот царува на сите страни, од најситните службеници до водечките функционери. Според мене пресврт не е можен без забрзување на процесот на интеграции на државата, со поддршка од ЕУ, засилување на мониторингот низ преговорите во одделни области да започне постапно таа клима на ендемска корупција, тој облак да се тргне тој облак од македонското небо, рече тој.

Според Камбовски, изворите на корупцијата се во политичките партии, оттаму почнува се.

- Без радикални реформи на политичките партии, подредување на правниот режим на партиите на владеењето на правото, без промени на изборниот систем и триесет години воспоставени правила на давање и земање нема надминување на состојбите. Потребен е влез на нови сили, неоптоварени од наследство на давање и земање или игри воспоставени кај политичките партии, рече тој.

По однос неодамна усвоените измени на кривичниот законик, професорот Камбовски оценува дека се работи за очигледен упад во правниот систем од, како што посочи, определени влијанија на мигот.

Кочани – Рано утрово во Кочани, по претходна меѓусебна расправија, средовечен маж физички нападнал 46-годишна жена, при што ѝ нанел смртни убоди од кои таа починала.

Убиството се случило пред куќата во која живеела жената, во моментот додека се подготвувала да оди на работа, а настанот го потврдија од СВР – Штип и од Општата болница во Кочани.

-Утрово околу 6:15 часот на улицата „Страшо Ербапче“ во Кочани, 59-годишниот У.Р. ја нападнал 46-годишната Т.М. при што со нож ѝ нанел повеќе убодни рани на телото, по што таа починала. Медицинската екипа што беше повикана, констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на лице место, истакна Душанка Горгиева – Трпевски, директорка на Општата болница со проширена дејност.

Според првичните сознанија, причина за нападот е изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки што напаѓачот се заканувал дека ќе ги објави јавно. Заканите биле неколкупати биле пријавувани во полицијата и во јавното обвинителство во Кочани од каде жената барала заштита.

Увид во настанот извршиле екипа на ОВР - Кочани и јавен обвинител по чија наредба телото на починатата е дадено на обдукција. Напаѓачот е приведен, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Куманово - Заврши изградбата на четири детски катчиња во Куманово, објавија денеска надлежните. - Поставени се четири нови детски катчиња кај локалитет „Водовод“, улиците „Лесковачка“ и „Есперанто“ и во Черкези, објави градоначалникот Максим Димитриевски.

Граѓаните во неколку наврати бараа да се постават детски катчиња во населбите и во поширокото централно градско подрачје. Претходно беше предвидена изградба на нови шест детски катчиња. Сепак, по проценка на финансиските планови општината одлучи да изгради четири. Општината од буџетот одвои 4.735.812 денари со вклучен данок на додадена вредност. На тендерот беше избрана кумановската компанија „Арс Дизајн дооел“.

Во Куманово има неколку детски катчиња, но урбаната опрема, речиси секаде е уништена, особено на градскиот кеј и кај Соколана каде пак во тек е изградба на паркот. Надлежните велат дека размислуваат за различни можности за зачувување на опремата која постојано е мета на вандали.

Куманово - Почна уредувањето на малиот градски плоштад во Куманово. Поставена е заштитна ограда и пешаците ќе мора да ја одбегнуваат зоната при изведување на градежни активности.

Ова е прва фаза од почетокот на спојувањето на големиот и малиот градски плоштад во Куманово, при што е предвидено дел од улицата да биде затворена за сообраќај и воведување на пешачка зона, информираа претходно за МИА од секторот за урбанизам од општина Куманово.

Општината ја добила потребната согласност од Министерството за внатрешни работи за измена на сообраќајниот режим.

-Реконструкцијата ќе опфати замена на подлогата, на урбаната опрема канделабри, клупи, жардиниери, осветлување, акцент ќе се стави на спомениците. Улицата која ги двои двата плоштада и која во моментов се користи за сообраќај ќе се менува, ќе биде поставена подлога за да се добие целина со зоната на малиот плоштад, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.

Според електронскиот систем за јавни набавки за реконструкција на плоштадот избрана е скопската фирма „Ленди груп дооел“, а општината од буџетот ќе одвои 47.599.999,94 денари.

Според анкетата 75 проценти од кумановци се изјаснија за пешачка зона во овој централен дел на Куманово.

Скопје - Сите осум занимални во градинката „13 Ноември“ објект Парк, добија комплетно нови детски шкафчиња, масички, столчиња и друг детски мебел, нови играчки и едукативен дидактички материјал за сите дечиња кои ја посетуваат градинката.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски при денешната посета посочил дека континуираното вложување во предучилишните установи го подобрува квалитетот на воспитно образовниот процес кај децата.

-Со оваа инвестиција градинката доби комплетно нови занимални, најпрво беше иструган и излакиран паркетот во целата градинка, потоа целата градинка беше молерисана по што сите занимални добија нов детски мебел, детски шкафчиња, масички со столчиња како и нови играчки и дидактички материјал за најмалите. Верувам дека новите услови за престој ќе ги израдуваат дечињата, а новите играчки и дидактички материјали ќе ги поттикнат да бидат креативни во новите игри развивајќи ја фината моторика, говорот и дружбата, истакнал Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека работат интензивно со цел да овозможи услови за престој на децата според најсовремените стандарди во сите детски градинки во општината. Претходно, општината извршила целосна реконструкција на фасадата и покривот и во објектот „Јасмин“. 

Битола - Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претставниците на пет спортски здруженија од Битола, потпишаа договори со кои здруженијата се стекнаа со финансиска поддршка за реализација на спортски активности, во вкупен износ од 2.2 милиони денари.

Со потпишаните договори, по 500.000 денари добија женските здруженија ракометен клуб „Пелистер“,  женски одбојкарски клуб „Волеј“ и женските фудбалски клубови „Атлетико“ и „Топ гол“, а 200.000 денари се доделени на Велосипедскиот клуб Пелистер „15 Мај“.

Општина Битола, продолжува да дава поддршка за зголемување на вклученоста на жените и девојчињата во највисоките првенствени лиги, како и да биде поттик за подеднакво финансирање на жените и мажите, момчињата и девојчињата во спортот, истакна градоначалникот Тони Коњановски на приемот во неговиот кабинет.

Скопје  -  Град Скопје информира дека со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот поставени се нови знаци на бул. „Партизански Одреди“ кај пазарчето во Ѓорче Петров, на булевар „Метрополит Теодосиј Гологанов“ кај Алумина, и на булеварот АСНОМ.

-Со подготовка на проектот „За модерно Скопје“ , поставени се  ЛЕД светлосни дигитални сообраќајни знаци со пиктограм на локации на кои во минати години имало сообраќајни незгоди и кои се нотирани како високо ризични за пешаците, со цел зголемување на видливоста, се наведува во соопштението на Град Скопје.

ЛЕД светлосните дигитални сообраќајни знаци со пиктограм се поставуваат во близина на училишта, градинки и фрекфентните булевари и улици, а целта е да се зголеми видливоста на пешачките премини со што се зголемува внимателноста на возачите при движење во сообраќајот.

Со овој вид сигнализација функцијата за предупредување е значително подобрена и има позитивна улога во зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Тетово - Синдикалната организација на педесетина вработени во печатница Напредок во Тетово алармира дека работниците со години се соочуваат со доцнење на платите и немање здравствено осигурување. Тие ги повикаа медиумите и истакнаа дека дел од нив немаат земено три плати, а дел по една плата.

Претседателот на Синдикалната организација, Живе Ќироски, истакна дека од 2019 година досега поради доцнење на плати, вработените се без здравствено осигурување, а повеќето од вработените се  над 50 години.

 - Цела корона ја поминавме без да имаме здравствено осигурување и приватно плаќање за лекување. Ние формално правно сме две фирми, меѓутоа де факто делуваме и функционираме како една фирма, работите ние се поврзани, производниот процес е поврзан. Што наидува и на револт кај вработени во Напредок Принт „Зошто на Напредок 1 заштитна работилница, оддеднаш да се исплатат две плати, а на Напредок Принт да се доцни три плати“, нормално дека ќе има реакција. Ги повикуваме надлежните институции, ова е проблем што се провлекува со години. Единствена реакција имаше пред месец или два кога по пријава на нашиот гранков синдикат, дојде трудова инспекција и како резултат на тоа оддеднаш за два дена се исплатија две плати меѓутоа само на едната фирма Напредок 1 којашто е 20-30 проценти од вработените и е заштитна работилница, изјави Ќироски.

Тие бараат претпоставените да ја сфатат сериозноста на ситуацијата во којашто се наоѓаат вработените.

- Минатата година имавме и еден смртен случај каде наш колега почина, немајќи здравствено осигурување, и заради таа лоша финансиска состојба не можеше да ги изврши потребните прегледи и да добие соодветна терапија. Каде што загрозена е егзистенцијата, каде што е загрозено здравјето и животите на нашите граѓани. Од нас се бара максимално ангажирање, сега Печатница Напредок е еден од главните изработувачи на учебници, поготово овој период сме под максимален притисок, да запазиме рокови за изработка на учебниците. Не е хумано, во вакви услови со немање на плата, немање на здравствено осигурување, да бараш од луѓево максимално да се ангажираат и тоа луѓето да го почитуваат максимално, нагласи тој.

Од раководството на Печатница Напредок потврдуваат дека има доцнење на платите, но се прават напори да се исплатат сите неисплатени лични доходи и придонеси.

Управителот Мирослав Грнчаровски истакна дека проблемот настанал уште во време на пандемијата 2020/2021 кога производството и работата се намали за 80 отсто.

 - Од тогаш се трудиме да дојдеме во ред. Во едната фирма сме дошле на ред, во другата уште една плата должиме. Од тогаш доцнат платите, но секој месец се зема плата. Во август имаше исплата на 4-ти и на 24-ти, и во септември има исплатено. Плати има. Проблемот е што доцни здравственото осигурување за неколку месеци. Напредок 1 треба да земе плата за август, а Напредок Принт за јули и август, нагласи Грнчаровски.

Според раководството платите се исплаќаат врз основа на тоа кога фирмата успева да ги добие средствата за извршените услуги.

Крива Паланка – Во организација на Извидничкиот одред „Наум Наумовски - Борче“ од Крива Паланка и Сојуз на извидници на Македонија, во Крива Паланка се одржаа повеќе работилници за учениците од двете основни училишта од градот, на тема „Значење на шумите за животната средина“.

Со денешната работилница беа заокружени серијата активности одржани во периодот од 19 до 22 септември, кои ќе продолжат со организирањето на извиднички камп во месец октомври.

 - Низ практични примери, презентации и директно учество на учениците во активности насочени кон подигнување на свеста за значењето на шумите за животната средина, како и нивна заштита, околу 400 ученици од трето,четврто и петто одделение од ООУ„св.Јоаким Крчовски“ и ООУ „Илинден“, Крива Паланка, работеа во рамки на запознавањето со проектот: „БОРЕНКА- младинска акција за активизам и волонтеризам“, истакнаа организаторите на настанот.

Тие известија дека учениците се запознаа со проектот, неговата улога во општеството, активностите кои ќе се спроведуваат и значењето на шумите за животната средина.

 - По презентацијата, искусни волонтери од нашито извиднички одред и Сојуз на Извидници на Македонија, учениците цртаа дрвца на лист хартија кои ги засадија во виртуелната шума, а проследија и анимиран филм кој праќа јасна порака како да се заштитат шумите од пожар, информира Соња Ангеловска, претседател на  Извиднички одред „Н.Н.Борче“, Крива Паланка, носител на проектот во чии рамки се реализираа акивностите, додадоа тие.

Проектот „БОРЕНКА – младинска акција за волонтеризам и активизам“ финасиски е подржан од УНДП со кофинансирање од Општина Крива Паланка.

Извиднички одред "Наум Наумовски Борче" со поддршка од Општина Крива Паланка во рамки на програмата за поддршка на здруженија и фондации 2023 година, ќе го реализира проектот „Младински инклузивен центар".

Скопје - Во рамки на Проектот за подобрување на патната инфраструктура деновиве Општина Илинден  работи на постоечката патна инфраструктура, реконструкција, рехабилитација и санација на локалните улици и патишта.

Како што се наведува во соопштението од  Општина Илинден, ќе бидат асфалтирани 9 краци од улицата „11“  од кои за прв пат асфалт ќе добијат двата крака ( крак 1 и крак 4) , а во наредните денови ќе бидат асфалтирани и останатите седум  краци.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека овие улици целосно се реконструираат и асфалтираат по претходно изградените краци за прифаќање и одведување на фекални води, како и изградба на дел од водоводна мрежа. Тој посочи  дека граѓаните од овој дел на населеното место ќе им се подобри комуналната и патната инфраструктура, а исто така ќе им се подобри и квалитетот на живот.

Општина Илинден и во наредниот период продолжува со активности за изградба, санација и реконструкција на локалните улици и патишта со цел подобрување на локалната патна инфраструктура.

Штип - Почнува реконструкцијата на покривот на клонот „Развигорче“ во населбата Автокоманда, кое е во рамките на детската градинка „Вера Циривири-Трена“–Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој денеска изврши увид истакна дека по речиси половина век овој објект ќе добие нова покривна контрукција. Градежните активности почнаа  денеска, а Јорданов најави дека  по завршување на реконструкцијата на покривот  ќе се постават и фотоволтаични панели.

-Започнуваме со активности за промена на кровната конструкција на клонот „Развигорче“ во детската градинка „Вера Циривири Трена“ во населбата Автокоманда. Веднаш по завршување на реконструкцијата на кровната конструкција ќе се поставуват фотоволтаични панели на истата кровна контрукција, рече Јорданов.

Посочи дека инвестицијата е вредна повеќе од 11 милиони денари.

- Станува збор за проект поддржан од Амбасадата на Словенија.Повеќе од 11 милиони денари се обезбедени преку буџетот на Општина Штип и преку Словенечката амбасада за реконструкција на оваа кровна конструкција која повеќе од 45 години е стара, создаваше проблеми во воспитно-грижувачкиот процес на повеќе од 270 дечиња, рече  Јорданов.

И покрај градежните активности, во овој објект се згрижуваат децата од претшколска возраст од штипската населба Автокоманда. 

Дебар - Обилните врнежи од дожд, кои продолжуваат и во текот на денов, на патните правци, во поширокиот дебарски регион, предизвикаа чести одрони, каде сообраќајот се одвива непречено, но се препорачува внимателно возење.

-Поради обилните дождови на патните правци под наша надлежност има чести одрони од камен и земја, по што е познат нашиот регион. Поради тоа но и влажните коловози препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.

Вообичаено на патниот правец Дебар – Маврово најчести се одроните кај селата Рајчица, Косоврасти и Јанче, месноста Ростушки Мост, потоа во близина на Бигорски манастир и месноста „Сенечки ливади“, на патот кон Струга кај месноста „Три чешми“, како и месноста „Кокошкина краста“ на патот Мелнички Мост-Центар Жупа.

Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.

Скопје - Поради дефект на улица  „Среќко Пужалка“ 104, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, како и дел од улицата  „Товарник“.

Како што информираат од ЈП Водовод и Канализација - Скопје, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 12:40 часот до завршување со санација на дефектот. 

Кавадарци - Изминаа 47 години од смртта на Никола Бадев, големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна, потсетија денеска од Музеј галеријата во Кавадарци. 

- Иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна. Никола Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ja прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа, нагласија од Музејот. 

Никола Бадев почина во Скопје на денешен ден,  на 58 годишна возраст.

„Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“, имал обичај да каже Бадев, потсетија од оваа културна установа, велејќи за него дека ,,тивко пееше, далеку се слушаше".

Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музеј галеријата, во изјава за МИА, се осврна на животот и делото на баронот на народна музика, Бадев. 

- ,,Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа". Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна, Бадев. Иако физички веќе не е меѓу нас, Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна, рече Крстевски. 

Роден бил на 26 октомври 1918 година во кавадаречкото село Глишиќ, место каде што луѓето, како што додаде Крстевски, ги красат питомост, ведрина и надареност за песна и свирка.

- Во таа прекрасна средина озарена од сонце и топлина, во милје од бавчанџилак, тутун, гроздобер, афион, свадби, ора, серенади, песнопојни родители, стрини, вујковци, песната ја богатела неговата детска душа, зреел и се формирал уметникот во него, нагласи Крстевски. 

Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што започнала неговата блескава кариера како уметник и станал една од легендите меѓу интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.

- Репертоарот на Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници. Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, не водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои, продре меѓу народот со својот кадифен глас, нагласи Крстевски. 

Ја обиколил земјата и светот многу пати.

- Беше вистински народен пејач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија. Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа, остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа, рече Крстевски.

Крстевски потсети дека на 26 октомври 2018 година, кога се навршија 100 години од раѓањето на Бадев, во Музејот на мирис и вкус беше свечено отворена спомен соба посветена на овој великан.

Во собата се експонирани лични предмети на Бадев, фотографии од неговите турнеи низ целиот свет, плочи, народни инструменти, награди и негова биста во природна големина, изработена од неговата внука Елена Рафајловска.

- На овој начин нашиот град и нашиот музеј му оддаваат почит на овој великан и неговото дело. Истовремено ја извршуваме нашата морална и професионална обврска, а тоа е заштита, промоција и афирмација на нашето културно, уметничко, историско и духовно наследство, подвлече етнологот. 

А Бадев, додаде тој, е несомнено нераскинлив дел од нашето огромно материјално и нематеријално културно богатство, амбасадор на нашата прекрасна македонска народна музика низ целиот свет. 

- Продолжуваме и понатаму со афирмација на нашиот великан и неговото дело пред посетители од сите страни на светот, но и пренесување континуирано на нашата историја на помладите генерации. Од мое лично име и од името на нашиот музеј, сакам да ја искористам оваа прилика и јавно да се заблагодарам на ќерките на Бадев, Роска и Сузана, кои несебично ги донираа личните предмети на својот татко, на нашиот град и музеј, нагласи Крстевски.

Скопје - Град Скопје во соработка со јавното претпријатие „Улици и патишта“ од почетокот на годината започна со проект за санација на 36 мостови, надвозници и пешачки натпатници кои се во надлежност на Градот.

-Дел од мостовите и натпатниците како повеќедецениски предизвик и покрај потребата не се санирани, а неопходни се реконструкции на коловози, тротоари и огради, со што значително ќе се придонесе за зголемување на безбедноста. Со системско следење на надлежностите ќе се постигнат позитивни резултати, затоа што за овие инфраструктурни објекти неопходен е континуиран мониторинг со цел навремено санирање и редовно одржување, се наведува во соопштението од Град Скопје.

Оттаму информираат дека го реконструираат натпатникот на булеварот „Александар Македонски“ за прв пат откако е изграден, во чија близина се наоѓаат основно училиште и други објекти, при што е реализирано барањето на граѓаните кои го користат овој пешачки мост. 

Делчево - Регионалниот центар за застапување vo Делчево со поддршка од Министерството за животна средина спроведува неколкумесечен проект за јакнење капацитети за Архуската Конвенција и за нејзините вредности за претставници од општините во регионот, локалните институции и граѓанските организации.   

Во рамки на проектот, денесka претставници од Архус Центарот во Скопје спроведуваат еднодневна обука на тема „Примена на Архуска конвенција на локално ниво - Пристап до информации за животна средина“. 

Проектот, како што информираше Тони Стоименовски од здружението Регионален центар за застапување, е наменет за јакнење на капацитетите на администрацијата и граѓанскиот сектор од Делчево и регионот на тема Архуска конвенција.

- Архуската конвенција значи опфаќа теми за слободен пристап до информации и пристап до правда, односно можностите граѓаните да учествуваат во донесување на одлуки кога се на тема односно на дневен ред поврзани прашања со животна средина односно проектите кои се градат во делот на животна средина. Исто така и слободен пристап до информации е една од темите што ги тангира Архуската конвенција преку кои слободен пристап до информации можат граѓаните да дојдат до потребната информација која ги засега лично или која што ја засега целокупното општество односно местото на живеење, истакна Стоименовски.

Toj iзрази надеж дека оваа обука ќе придонесе да се зајакнат капацитетите на локалните институции и граѓанските организации.- Она што е важно граѓаните да знаат е дека секоја институција во Македонија има лице задолжено лице за слободен пристап до информации. Кога ќе стаса барањето до лицето за слободен пристап до информации истото е должно да го проследидо лицето за животна средина, по што заедно со документацијата која е изработена односно прашањето кое треба да се одговори во пакет, се доставуваа во одредени рокови во зависност од видот на прашањето до лицето барател, додаде Стоименовски.

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 47 мерни места во градот.

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 18.09.2023 до 22.09.2023 зема 194 примероци за физичко-хемиска и 194 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 47 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираа денеска од ЈП „Водовод и канализација“.

Овие информации, од јавното претпријатие ги објавуваат во рамки на неделниот извештај за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиен од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Остани поврзан