• петок, 19 април 2024
МИА Општински пул

1 јуни 2023 

Скопје - Од ЈП Водовод и канализација – Скопје  информираат дека утре шалтерите за наплата во Дирекцијата на претпријатието ќе работат само прва смена и тоа од 07:30-15:30 часот.

Во сабота, 03.06.2023, се продолжува со редовно работно време од 09:00-14:00 часот. 

Неготино - Високи 66.7 проценти од анкетирани, одговориле дека би се иселиле од општината Неготино, покажува анкетата на неготинските екологисти од Здружението за заштита на животната средина „Ековита". 

- На прашањето, според ваше мислење, кој е одговорен за моменталната состојба во Општина Неготино, анкетираните дадоа неколку слични одговори, меѓу кои и тие, дека одговорноста е кај народот  затоа што секогаш избира погрешни, кај  политичките партии, бипартизмот и личните лукративни интереси на поединци, сегашните и претходни власти, општинската администрација и малата еколошка и општествена свест на самите граѓани, партизираноста во сите области, појасни денеска за МИА, Сашко Тодоров, претседател на здружението. 

Охрид - Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина - 5 Jуни, Општина Охрид традиционално и годинава ќе го реализира проектот „Цветни балкони – цветен Охрид “.

Акцијата, како што соопшти општинската прес-служба, ќе се реализира на 5 и 6 јуни, кога е предвидено да бидат поделени 400 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите од улиците „АСНОМ“, „Јане Сандански“, „Никола Карев“, „Сирма Војвода“, „Карпош Војвода“, „Галичица“, „Ванчо Питошески“, „8 Септември“, „Мирче Ацев“ и „Лазо Трпоски“.

Прилеп - Под мотото „Враќање дома“ на 9 јуни на платото пред прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков“ ќе биде отворен 57 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински. Од 20:30 часот со видеоесеи, ќе им биде оддадена почит на лауреатите на наградата за животно дело Петар Темелковски и Петар Мирчевски. Првата од десетте претстави во конкуренцијата која ќе го отвори Фестивалот е претставата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е на отворањето од 21:30 часот и е наместо најавената и предходно серлектирана претстава „Инферно“. Театарот од Велес се реши на промената поради технички причини.

Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле.

Скопје -  По повод 1 Јуни, Меѓународниот ден на детето, попладнево на „Школка“ во Градски парк ќе биде изведена претставата „Волшебникот од ОЗ“. 

Претставата е во продукција на училиштето за театар „Од игра до претстава“, а играат Неда Тасевска, Максим Апостоловски, Теофил Сачкарски, Андреј Танушев, Калин Атанасовски, Теона Трошанска, Матеа Кожаровска, Неда Блажевска, Андреа Стојковска, Јосиф Блажевиќ, Јосиф Блажев, Теодора Трајковева, Анастасија Геговска, Дарија Секуловска, Јана Палески, Јана Групчева, Марко Миноски и Ана Марковиќ.

Скопје - Од денеска до 5 јуни ќе се одржува меѓународниот детски фолклорен фестивал „Св.Троица“ во Долно Лисиче и општина Аеродром, во чест на празникот Св.Троица, што воедно е и пратрон празник на Долно Лисиче.

Официјалното отворање на фестивалот е утре, по најавеното дефиле на сите учесници по главна улица низ Долно Лисиче. Учесници на овој фестивал се домаќините и организатори КУД„Гоце Маркоски“, фолклорни групи од Бугарија, Србија, Косово, како и фолклорни групи од Крива Паланка, Вевчани, Гостивар и Скопје.

Тетово - Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“  вчера одржа нов концерт во Тетово како дел од „Танец низ татковината“ целовечерни концерти на целиот ансамбл, кој го сочинуваат играорен кор, вокален ансамбл и оркестар. Играорците, оркестарот и пејачките групи настапија на големата сцена во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“.

-Беше изведена програма во која зад најголемиот дел од нумерите стои потписот на прерано починатиот првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на НУ „Танец“, големиот композитор, аранжер и инструменталист, Милан Завков, изјави Бранка Костиќ-Марковиќ, уметнички раководител на ансамблот.

Скопје - Во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија вечер ќе биде одржана промоцијата на книгата „Неверство“ од македонскиот писател Дејан Трајкоски, преведена на бугарски јазик од Божидар Манов.

За бугарските читатели книгата „Неверство“ излегува како издание на издавачката куќа „Парадокс“. Пред публиката во КИЦ на РСМ во Софија за книгата ќе говори писателката Елена Алексиева, а вечерта ќе ја води Дарина Анастасова.

Скопје - Изложба на слики од ликовниот уметник Владимир Темков од Кавадарци, беше отворена синоќа во галеријата на Чифте амам, во Старата скопска чаршија.  

Претседателката на македонското Друштво на ликовни уметници, Јана Манева Чупоска, ја нарече оваа ретроспективна изложба, „Патување низ времето“. Со неа, авторот прикажува 45 години творештво. 

- Делата во оваа изложба за мене претставуваат еден вид на патување низ времето. Преку оваа изложба сите заедно патуваме низ времето, креирано од авторот, во неговиот уметнички универзум, рече меѓу другото таа, нагласувајќи ја силната фантазија, без која не може ниту еден уметник, ниту едно сликарство.

Скопје -  Од денеска до 6 јуни ќе се одржи Фестивалот на кинематографиите на земјите на Југоисточна Европа SEE FF Paris-Berlin-Washington 2023. Традиционално, како и секоја година, на фестивалот се презентираат остварувања од регионот во европските престолнини Париз и Берлин и во Вашингтон, САД.

Во селекцијата на играни филмови е и македонскиот филм „Кино Љубов“ од Јани Бојаџи, како и селекција кратки и анимирани филмови од македонски автори.

Скопје - Во галеријата „Остен“ денеска напладне ќе биде отворена самостојната изложба на акварели од грчкиот уметник Пантелис Цацис со наслов „Природата како огледало“.

Макрокосмосот на светот во неговата непрегледна природа, неговата еруптивна моќ и постојаните промени, тоа се теми кои се резервирани за моето сликање на платно, вели уметникот кој како што вели чудото на сликањето го открил на 11 години. 

Скопје - Оркестарот на Филхармонија вечер ќе го изведе концертот насловен „Младите доаѓаат“ со ученици од средните музички училишта во Македонија. Диригент на концертот е Иван Еминовиќ, а на програмата се дела од Моцарт, Берио, Вебер. Лехар, Сибелиус, Григ и Равел.

Струмица - Во Струмица вечер почнува вториот меѓународен фестивал за љубителите на велосипидизмот-„Вело Струмица“, кој ќе трае до задутре, соопштија од Општината.

Манифестацијата почнува со вело тура по новоизградените велосипедски патеки, по што следува официјалното пуштање во употреба на велосипедско-рекреативното игралиште “Pump Track“.

Овој проект е финансиран од Европската Унија и директно Општина Струмица, а се однесува на дополнување на понудата на велосипедски содржини кои се нудат, со цел стимулирање и поттикнување на употреба на велосипедот како здрав, еколошки и економичен начин на мобилност. На овој начин се овозможува богата вело-понуда за различни генерации, со фокус на различни потреби. 

 

Остани поврзан