
25 септември 2023
Скопје - За седум дена на територија на општина Центар се казнети 250 возачи кои непрописно ги паркирале своите возила и со тоа го попречиле нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Како што соопшти ЈП Паркинзи на Општина Центар, во периодот од 18 до 24 септември 2023 година со помош на специјалните возила „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 132 непрописно паркирани возила.
Куманово - Фото клуб Куманово организира бесплатна школа за уметничка фотографија, соопштија денеска од клубот и ги повикаа заинтересираните да се пријават. Школата ќе се реализира во периодот октомври 2023 – јуни 2024 година и тематски ќе биде поделена на два дела.
Учесниците во првиот дел ќе слушаат предавања од историјата и филозофијата на фотографијата како и техничките (аналогна фотографија и филм, бленда, експозиција, ISO сензитивност, фокус) и естетските (кадар, композиција, боја, текстура и сл.) сегменти на фотографската уметност. Вториот дел од школата ќе биде посветен на дигитална манипулација со фотографии и користење на Adobe Photoshop. За време на фото школата ќе бидат организирани повеќе фото-сафари дружења во Куманово и околината.
Струмица - Според првичните информации од Јавното обвинителство мотив за двојното убиство во Гевгелија се нарушени меѓусебни односи на двајцата браќа кои кулминирале заради банална расправија во врска со работи на заедничката куќа.
Ова денеска го соопштија од Јавното обвинителство на РСМ, од каде информираа дека јавен обвинител од ОЈО Гевгелија извршил увид на местото на убиството, а обвинителот ја очекува кривичната пријава во текот на денот.
Куманово - Кумановските пожарникари гаселе десет пожари во села и приградски населби во Кумановско, соопштија денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово.
Сува трева и стрништа гореле во липковско Никуштак, по што интервенирале во блиското кумановско село Умин Дол. Напладне горела сува трева во Тромеѓа и во населбата Карпош.
Поголема површина била зафатена во Пуковско и Провце. Во гаснењето на пожарот биле ангажирани три возила на противпожарната служба и десет пожарникари.
И во Шупли Камен била зафатена поголема површина исто така и таму биле ангажирани три возила и десет пожарникари. Во Проевце горела површина над „Живкова Карпа“.
Скопје - Поради уличен дефект ф 80мм денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата „Александар Турунѓиев“.
Како што информираат од ЈП Водовод и Канализација - Скопје водоснабдувањето ќе биде прекинато од од 08:40 до завршување на интервенцијата.
Дебар - Со претставата „Лет над албанскиот театар" во режија на Ерсон Зимберај, а во изведба на албанскиот театар од Куманово, синоќа во Центарот за култура во Дебар почна 22. издание на фестивалот „Албански театар во Македонија“.
Пред многубројната публика се обрати директорот на фестивалот Илбер Нуредини, кој манифестацијата ја прогласи за отворена. Како што рече Нуредини со изборот на претстави и ова издание убеден е дека ќе ја потврди својата успешност.
-Голема благодарност до сите кои веруваа во нас и придонесоа во подготовката, организацијата и одржувањето на фестивалот. Посебна благодарност до Министерството за култура на Република Македонија, Општина Дебар, Центарот за култура и други донатори со чија поддршка фестивалот опстојува. И овој пат, ќе го повторам барањето што со години наназад го поставувам, фестивалот да се институционализира и искрено се надевам дека конечно ќе биде реализирано, зашто Дебар го заслужува тоа, рече Нуредини.
Скопје - Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Карпош и Ѓорче Петров, соопшти РЦУК - Скопје.
Во периодот од 9:00 до 12:00 часот без електична енергија ќе бидат корисниците од улиците „Влае“, „Франце Прешерн“, „Ацо Шопов“ и „Драгутин Аврамовски – Гуте“ во Општина Карпош.
Во периодот од 12:00 до 14:00 часот без струја ќе останат корисниците од зградата бр. 107 на бул.„Партизански Одреди“ во Општина Карпош.
Во периодот од 12:00 до 18:00 часот без електрична енергија ќе останат корисниците од улицата „Шар Планина“ во Општина Ѓорче Петров.